Метастазирана Клиника за онкологија
Може ли да се случи во Европа, од државна клиника да се крадат лекови за болни од рак и да се препродаваат? Не е исклучено, но малку веројатно, а евентуална афера од такви размери би имала брза и ефикасна разрешница, и кривична и политичка. Веројатно би паѓале и цели влади.
Но, ние не сме Европа. Кај нас одамна се зборуваше дека се крадат цитостатици од клиниката, дека на пациенти, болни од рак, им се ускратува терапија, но никој надлежен не обрнуваше внимание. Сега, кога „пукна“ аферата, сите се згрозени и бараат одговорност, како прв пат да слушаат за овој проблем.
Основното јавно обвинителство на 2 септември отвори предистражна постапка по објавите на медиуми дека имунолошка терапија од цитостатиците, од која зависи животот на пациентите болни од рак, постојано доцни, но и дека во неколку наврати вработени на клиниката биле фатени како ја крадат и ја препродаваат неопходната и скапа терапија.
Обвинителството на 4 септември соопшти дека работата ќе ја истражат до крај, а евентуалните сторители ќе завршат пред Суд.
Ретко кој верува дека Обвинителството ќе го истурка овој случај до крај и оти ќе одговараат и „крупните риби“ во скандалот. Такви се досегашните искуства. На пример, со пожарот во модуларната болница во Тетово, во кој изгореа 14 луѓе, а никој не заврши во затвор и никој не понесе ни политичка одговорност.
Протестираат тетовчани, барајќи правда, протестираат во Скопје за аферата во Клиниката за онкологија, но, кој да ги слушне?
Здравството, се чини е целосно метастазирано
Ние не сме Европа. Кај нас, за специјалистички преглед се чека со месеци. За некакво снимање, исто, за да ви да ги прочита некој резултатите уште еден месец. А дотогаш? Брза помош – невозможна мисија.
На сето ова во државава веќе се гледа како на „нормално“.
Последните случаи во македонското здравство, за кои нема решение, беа недостигот на терапија за болните од цистична фиброза и дијабетис. Државата има проблем да го набави лекот „трикафта“, за вкупно 130 болни од цистична фиброза во земјава. Лекот ја олеснува болеста и пациентите може да функционираат без проблеми.
Периодов протестираа и лицата со дијабетес. Тие бараа да добијат средства за мерење и контрола на болеста, како глукомери и ленти, кои недостигаат веќе седум месеци.
Во меѓувреме, малверзации со тендери. Истата година кога се случи пожарот во модуларната болница во Тетово, државниот ревизор утврдил низа незаконитости во спроведувањето на јавните набавки во државните болници. При проверката на тендерите за заштитна опрема кои институциите ги спровеле во време на пандемијата со Ковид-19, ревизорите утврдиле незаконитости, договори во четири очи, заобиколување на процедурите и профитерство. Никој не одговарал ни за ова.
Политичарите и функционерите си се заштитија со измени во Кривичниот законик
Собранието експресно ги донесе измените на Кривичниот законик, по скратена постапка, со европско знаменце, со кои се предвидува намалување на затворските казни за злоупотреба на службената должност и овластувања.
Според измените, членот 353 каде што службените лица, кои при злоупотреба на службената положба прибавиле значителна имотна корист или нанеле значителна штета, од досегашната казна од најмалку три години затвор, ќе се казнат со затворска казна од една до четири години, со што се поставува горна граница и се отвора можност за побрзо застарување на делата.
Во членот 353-в, кој ја опфаќа темата за несовесно работење во службата, казната за службеното лице или одговорно лице во јавно претпријатие или јавна установа кое несовесно постапува во своите овластувања и должности и со тоа прибавува значителна имотна корист или предизвикува значителна штета, наместо досегашните најмалку три години затвор ќе му следува од шест месеци до пет години затвор.
Пониски казни и за злосторничко здружување па наместо досегашните казни од една до десет години затвор, од сега од една до три години затворска казна за оној кој ќе создаде група или банда за вршење кривични дела. Дополнително, припадниците на ваквите злосторски здруженија наместо досегашната казна затвор од шест месеци до пет години ќе добиваат најмногу до две години затвор.
Од Владата, во образложението за предложените измени на Кривичниот законик наведоа дека станува збор за усогласување со актите на ЕУ, како и за некои ургентни прашања, кои сметаат дека треба да бидат итно регулирани.
Кои ургентни прашања, во чиј интерес, може да се претпостави. Како и да е, бившите за кои сеуште се водат разни судски постапки, веројатно ќе бидат ослободени, а сегашните си обезбедија негонење или минимални казни за сите евентуални злоупотреби. Не, ние не сме Европа.
Власта го зголемува ризикот од корупција
Дури и кога од Европската Унија ни кажуваат дека на некои закони кои власта сака да ги истурка набрзина, не им прилега европско знаменце, владејачките структури остануваат глуви. И во овој дел покажуваме дека - Ние не сме Европа.
Таков е примерот со законите поврзани со изградбата на автопатиштата кои треба да ги гради Бехтел и Енка. Властите заобиколиле неколку контролни механизми при носењето на Законот за коридорите 8 и 10 Д, со што се зголемува ризикот за корупција. Во таа низа на заобиколување на закони и на деловници за работа учествувале и Владата и Собранието и Претседателот на државата, покажува анализата: Интегритет при носење одлуки: Системски пропусти во случајот „Бехтел Енка“, изработен од Миша Поповиќ од Институтот за демократија Социетас цивилис – Скопје.
„На очиглед на сите пропусти, иако го имале правото да спречат, тоа не го направиле и со тоа овозможиле ризикот од корупција да се озакони“, вели Поповиќ.
Како ќе се приближува влезот во Европската унија, така ќе се подобрува и транспарентноста, вели Поповиќ, па корумпираните актери ќе го искористат просторот за да го намалат ризикот од кривичен прогон при евентуалната корупција.
Како австриска фирма влезе во „мрежата“ на членови на семејство Заеви и македонското судство
Ако странски амбасадори треба да ни укажуваат на нефункционирање на правната држава, на малверзации на судови, катастар, нотари, извршители, за да се оневозможи правдата, јасно е дека Ние не сме Европа.
Австриската АММА го доби меѓународниот спор во Виена тежок 4 милиони евра против домашната ДЕНА ПРОДУКТ за прекршување на договор за производство на корнишони. Но, правниот епилог за АММА пред македонските судови е на танталови маки, замрсен со постапки со кои се оневозможува наплата на долгот.
ДЕНА ПРОДУКТ е во сопственост на Атанас Костов, зетот на екс премиерот Зоран Заев. Според пресудата, тој го прекршил договорот, продавајќи ги корнишоните на Глобал Трејд ДММ, односно на својата сопруга, Емилија Костова - Заева, братучетка на Заев.
Во пресудата, еден од клучните сведоци во постапката е Зоран Костов, кој сведочи против неговиот брат, Атанас Костов. Зоран Костов пред арбитарот во Виена доставил испратници кои покажуваат продажба на корнишони на фирмата Глобал Трејд ДММ.
Австриската пресуда се уште не е потврдена пред македонските судови. По нејзиното донесување, сопружниците Костов – Заева со повеќе дејства се обидуваат да го отуѓат имотот на ДЕНА ПРОДУКТ во низа нотарско - извршителски постапки. Сопружниците не одговорија на прашањата на РСЕ за пресудата и постапките кои се водат против нив.
Поранешниот австриски амбасадор во земјава, Георг Вуцас, упати директни критики кон македонските судови поради неможноста на австриската компанија да ја наплати отштетата, барајќи смена на судии и јавни обвинители.
Сериозни критики за правосудниот систем упати и холандскиот амбасадор во Скопје Дирк Јан Коп во интервју за Радио Слободна Европа каде посочи дека е ставен во „мирување “ голем проект финансиран од Холандија, посветен на зајакнување на ефикасноста, отчетноста и транспарентноста на Судскиот совет. И, никому ништо.
Соединетите Американски Држави ставаат минати и сегашни функционери на црни листи поради корупција, и повторно ништо. Последен пример е градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, кој и натаму си е градоначалник.
Промашена кампања „Ние сме Европа“
И покрај сите скандали и афери дома, Владата се претставува како про-европска и тера кампања со цел да ги информира граѓаните за придобивките од членството во ЕУ. Тоа го знаат граѓаните, и оние дома, особено оние што се иселија во земјите на ЕУ.
Меѓутоа, власта го нема потребното двотретинско мнозинство во законодавниот дом за усвојување на уставните измени, за внесување на Бугарите во Уставот, што е услов за формален почеток на преговорите за членство во ЕУ.
За директорката на Институтот за комуникациски студии, Жанета Трајковска кампањата „Ние сме Европа“, многу наликува на предизборните кампањи на политичките партии. „Не можам да ја видам целта и поентата на ваквиот конзервативен начин на правење кампањи, бидејќи премиерот и целата влада одат по градови и зборуваат пред истомисленици или луѓе кои ги поддржуваат.“
Излегува дека си зборуваат сами на себе, а трошокот и онака не е од нивен џеб.
И за крај, ДА тие се Европа, владејачката елита, која може да си дозволи да се лекува приватно, за пари, која нема проблеми во судството, која не се соочува со високите цени на храната и инфлацијата, бидејќи им се зголемија и платите за 78%, ДА тие се Европа...