Достапни линкови

Владејачкото мнозинство ги изгласа измените на Кривичниот законик


Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Пратениците во еден ден ги донесоа измените на Кривичниот законик со кои се намалува предвидената затворска казна за злоупотреба на службена положба. Oпозицијата ги осуди законските измени, во кои гледа обид на Владата да ги заштити своите функционери од потенцијално кривично гонење, во услови на зголемени критики за корупција. Професор Мирјана Најчевска во носењето на измените гледа можен договор на власта и опозицијата и купување на гласови за уставните измени.

Со вкупно 48 гласа „за“ владејачкото мнозинство во Собранието изгласа измените на Кривичниот законик кои предизвикаат сериозни реакциии во јавноста.

Измените што ги предложи власта меѓу другото значат намалување на затворски казни за злоупотреба на службена положба за лична корист, можност за порано да застарат дела, бришење на членови кои предвидуваат казни за злоупотреба на јавни набавки, оштетување на Буџетот, а пониски казни се предлагаат и за делото злосторничко здружување.

На гласањето му претходеше расправа во која опозициските пратеници изнесоа остри критики, обвинувајќи дека власта ги носи овие законски измени за да ги амнестира оние што го прекршиле законот.

Опозицијата се противи на законските измени

Пратениците на опозицијата се против предложените измени на Кривичниот законик во Собранието, за кои велат дека власта прави уште една злоупотреба при носењето закони со европско знаменце по скратена постапка, со цел да спаси свои функционери од кривично гонење.

Реакциите доаѓаат откако Владата предложи измени на Кривичниот законик, со кои се предвидува за неколку години да се намалат затворските казни за дела поврзани со злоупотреба на службена должност и овластувања на функционери, службени и одговорни лица во јавни претпријатија и установи.

Овој проект покажува дека власта се спрема за опозиција, смета пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски. Тој за Радио Слободна Европа вели дека овој потег на власта е погрешен, особено дека доаѓа во време кога земјава е под силни критики за корупција и деградирање на владеењето на правото од страна на домашните и меѓународните организации.

„Во таква ситуација на критики од холандскиот амбасадор, американската администрација и други меѓународни и домашни организации, кога имаме објавување на црни листи на одредени политичари и функционери заради девалвирање на владеењето на правото, погрешно е дополнително да го деградирате преку вакви измени коишто значат амнестирање во иднина на секој функционер за кој има индиции дека направил одредена злоупотреба“, вели Милошоски.

Инаку, преку процедурата на носење на закони со европско знаменце, се крати процесот за нивно усвојување во Собранието. Дискусијата по скратена постапка трае само три дена во Комисијата за европски прашања. Владата образложува дека овие измени на Кривичниот законик произлегуваат од Националната програма за усвојување на правото на Европската унија 2021 – 2025.

Во овој документ е наведено дека треба да се усвои нов Кривичен законик во Северна Македонија за да се усогласи казнената област со најновите европски директиви и меѓународни стандарди во оваа област и да се редефинира казнената политика во пропишувањето на казните за кривичните дела.

Но, измените што ги предлага власта меѓу другото значат намалување на затворски казни за злоупотреба на службена положба за лична корист, можност за порано да застарат дела, бришење на членови кои предвидуваат казни за злоупотреба на јавни набавки, оштетување на Буџетот, а пониски казни се предлагаат и за делото злосторничко здружување.

Транспаренси Интернешнал - Измените се обид за тивка амнестија

Предложените измени се спротивни на заложбата за безусловна борба против корупцијата и за засилени санкции против лицата кои се обвинети или осудени за коруптивни кривични дела, реагираат од Транспаренси Интернешнал - Македонија.

„Во овие моменти на силни внатрешни и надворешни укажувања дека корупцијата, а посебно високата корупција е на високо ниво, а довербата во правосудниот систем од 0,4 проценти од граѓаните, на најниско ниво во историјата на оваа држава, кога владее состојба на неказновист и недостасува секаков вид на одговорност, во Собранието е доставен предлог на законско решение кој треба да овозможи поблаг третман, поблаги санкции, ослободување од вина, оневозможена конфискација, за сторителите кои за сопствени цели ја злоупотребиле својата службена положба“, се вели во реакцијата.

Со ваквото законско решение многу обвиненија и истраги за висок коруптивен финансиски криминал сторен на штета на државата ќе се соочат со застареност, додава организацијата.

Оттаму додаваат дека практиката за посебно приспособување на законите кон приватните интереси е длабоко вкоренета во РСМ, сметаат од организацијата и посочуваат дека со измените на Кривичниот законик од 2018 година веќе се намалија казните за злоупотреба на постапката за јавни набавки (тендерска постапка) и доделувањето договори за јавни набавки или јавно-приватно партнерство, што резултираше со неказнивост на кривично осудено лице.

Оваа практика на носење на закони по мерка веќе ја имаме препознаено и нотирано во времето кога требаше да се обезбедат гласови за Преспанскиот договор, велат од Транспаренси Интернешнал - Македонија.

Најчевска - Можно купување гласови

Професорката Мирјана Најчевска вели дека власта со овој потег ги девалвира сите обиди за приближување кон Европската унија, со тоа што наместо борба против корупцијата, таа поддржува и отвора простор за поголема корупција на највисоко ниво. Иако ставот на опозицијата е дека со овој закон само власта на СДСМ и ДУИ сакаа да ги спаси своите функционери, Најчевска гледа и можност за договор на власта со ВМРО-ДПМНЕ во насока на носење на уставните измени за внесување на Бугарите во Преамбулата.

„Секогаш кога станува збор за активности коишто значат намалување на одговорноста на функционерите, постои некои облик на договор меѓу сите политички партии. Во моментов нема политичка партија која, независно од нејзиниот спротивставен настап, во актот на гласање или фактичкото делување, нема да се согласи со ваков облик на намалување на казните. Дефинитивно, во овој момент тоа може да значи облик на купување на гласови и попуштање пред сите оние криминални дејствија кои инаку би биле процесирани, со цел вметнување на Бугарите во Уставот, односно уставни промени“, вели Најчевска.

На тврдењата дека ВМРО-ДПМНЕ во 2018 година бараше исти измени на Кривичниот законик, Милошоски вели дека со тоа власта „спинува, бара алиби и изговори“ за своите постапки.

„Ако власта смета дека ова не треба да се направи, не треба изговорите да ги бара кај никого пред пет или шест години. Ние јасно кажуваме дека овој закон е погрешно решение и злоупотреба на европското знаменце. Ако власта смета дека нивната парола „Ние сме Европа“ е точна, треба да го повлече овој закон“, вели Милошоски.

Какви измени се предвидуваат?

Повеќе делови од предложените измените на Кривичниот законик главно се однесуваат на измени на членови кои ги засегаат функционери, службени и одговорни лица во јавни претпријатија и установи, иако во истиот се предлагаат и измени на членови кои се однесуваат на загрозување на животната средина.

Се предлага измена на делови од Членот 353 кои ќе значат затворска казна од една до четири години за службените лица кои при злоупотреба на службената положба прибавиле значителна имотна корист или нанеле значителна штета.

Во стариот закон овој член предвидуваше казна од најмалку три години затвор, но исто така во него немаше горна граница, со што сега со отвора можност делото побрзо да застари.

Со новиот закон исто така се предлага бришење на Ставот 5 од Членот 353 од стариот закон, во кој се предвидува најмалку пет години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување при јавни набавки или оштетување на Буџетот, јавните фондови или други средства на државата.

Во новиот закон се предвидува нов став кој гласи „прибавената имотна корист се одзема“.

Членот 353-в од Кривичниот законик ја покрива темата за несовесно работење во службата. Со новиот закон се предлага менување на казната за службеното лице или одговорно лице во јавно претпријатие или јавна установа кое несовесно постапува во своите овластувања и должности и со тоа прибавува значителна имотна корист или предизвикува значителна штета.

Досега казната за ова дело беше најмалку три години затвор, а со новите измени се предвидува намалување за ова дело од шест месеци до пет години затвор.

Пониски казни ќе има и за делото злосторничко здружување. Досега беше за ова дело казната од една до десет години затвор, а со новите измени се предлагаат од една до три години затворска казна за оној кој ќе создаде група или банда за вршење кривични дела.

Дополнително, припадниците на ваквите злосторнички здруженија наместо досегашната казна затвор од шест месеци до пет години би добивале најмногу до две години затвор.

Последниве месеци Северна Македонија е под силни критики од меѓународната заедница за корупција. Европската унија повеќе пати предупреди дека борбата против корупцијата е на разочарувачко ниско ниво, како што рече шефот на делегацијата на Европската унија во земјава Дејвид Гир кој наведе дека чекорите во реформите во владеењето на правото и борбата против корупцијата се разочарувачки. Американскиот Стејт депармент потсети дека во земјава неказниво поминуваат серија корупциски афери.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG