Достапни линкови

Некој ќе добие учебници, некој линк до помошни материјали


Училишни ранци во училиште во Скопје
Училишни ранци во училиште во Скопје

На 1 септември, државата нема да им подели учебници на сите ученици. Тие што нема да добијат ќе учат од помошни материјали во електронска форма, оти Министерството за образование годинава не планира да ги достави во печатена. Родители стравуваат дека и годинава ќе мора тајно да ги копираат и принтаат заменските „учебници“.

Учениците кои нема да добијат учебници, ќе може да учат од заменски материјали, но во електронска форма. За наставниците ќе има прирачници, и тие ќе бидат достапни само електронски, оти Министерството за образование годинава не планира да ги достави во печатена форма. Училиштата, пак, доколку сакаат ќе може да си ги испечатат„привремените учебници“.

И минатата учебна година учениците не ги добија сите учебници, а по некои предмети учениците немаа книги до крај на школската година. За привремени „учебници“ лани државата потроши над 640 илјади евра, пари позајмени од Светска банка.

Според законот, учениците треба да добијат бесплатни учебници за основно и за средно образование. Но, и оваа школска година нема да има учебници за сите ученици кога ќе тргнат на школо.

Шестоодделенците ќе почекаат за учебници

Ова е најнесреќната генерација, коментира Емилија Василева, мајка на шестоодделенец пред почетокот на новата учебна година. Минатата година учениците од оваа генерација немаа учебници по повеќето од предметите речиси до крај. Учебникот, пак, по македонски јазик, во училиштата бил доставен, еден ден откако учениците заминаа на распуст. Според најавите, оваа генерација и годинава ќе почне на школо без да ги добие сите учебници.
Шестоодделенците годинава ќе имаат повеќе предмети, различен наставник за секој предмет, оти од одделенска преминуваат во предметна настава.

„Тоа само по себе ќе им биде стресно. Дополнителен стрес ќе им биде тоа што ќе немаат учебници и тоа сега по 10 предмети. Стрес е и за децата и за родителите“, вели мајката на шестооделенецот.

За предмети за кои ќе нема учебници, на располагање ќе има помошни материјали за ученици и прирачници за наставници, велат од Министерството за образование и наука. Помошните материјали и прирачници се изработени од Бирото за развој на образованието и ќе бидат достапни само во електронска форма на веб-страницата на Бирото.

Дигитализација или импровизација?

Постои и можност секое училиште на своја иницијатива, индивидуално да одлучи да ги испечати, соопштија од Министерството за образование и наука (МОН).

„PDF“ форматот е начелно добра варијанта за наставникот и за онлајн настава, но никако и за учениците, вели наставникот Гоце Бумбароски од основното училиште „Кочо Рацин“ од Прилеп.

„Дали сите ученици имаат каде да го отворат и да го користат учебникот додека се на час, и уште поважно - додека се дома. Дигитализацијата е убава работа, но мора постепено да се воведува. Во овој случај сè е сведено на импровизација“, вели наставникот.

Бумбароски потсетува на периодот пред две години кога беа воведени таканаречените дигитални учебници во четврто одделение. Тогашната министерка за образование Мила Царовска, која беше застапник на проектот дигитално образование, и просветните инспектори строго забрануваа печатење и фотокопирање на дигиталните учебници. Медиумите секојдневно известуваа за казнети фотокопирници. Комплет книги испечатени во црно-бело достигнуваа до 1000 денари, а за комплет во боја родителите издвојува и до 3000 денари.

Повторно може да се врати тајното копирање

Емилија Василева стравува дека и годинава може да се повтори истото и „тајно“ да мора да печатат и копираат книги.

„А нели образованието е бесплатно и задолжително. На истите овие деца „вежбаа“ дигитални учебници. Имаше забрана да ги принтаме и фотокопираме, а јавна тајна беше дека сите имавме фотокопирани учебници. Ги криевме дома, не смеа да ги носат на училиште“, раскажува мајката.

Од Министерството соопштија дека еден мал дел учебници, кои не се испечатени, всушност сè уште се во постапка, односно за нивно одобрување одлучува Националната комисија за учебници, по што и тие ќе бидат испечатени и испорачани.

Министерството уверува дека во текот на септември сите ќе имаат учебници. Но Емилија се сомнева во тоа, оти и лани требаше учебниците да стигнат до ноември, па до крај на прво полугодие, а за дел од учебниците учениците чекаа речиси до крај на учебната година.

Ќе одговара ли некој што доцнат учебниците?

Министерот за образование Јетон Шаќири, на крајот на ноември минатата година, во интервју за Гласот на Америка, рече дека ако и следната учебна година доцни доставата на учебниците, некој ќе треба да одговара.

„Ако има и другата учебна година ќе треба да се сноси одговорност, било кој, почнувајќи од мене, од директорот на педагошкатата служба“, рече тогаш министерот за образование.

Од Министерството за образование и наука (МОН) не одговорија на РСЕ на прашањето зошто годинава не се достапни во печатена форма привремените материјали за учење.

На прашањето дали министерот ќе понесе одговорност што годинава доцни доставата за одредени учебници, од МОН ни одговорија дека сите обврски на Министерството и министерот за образование и наука во процесот на обезбедување на учебници во основното образование се навремено реализирани.

„Активностите се спроведени во предвидените рокови, а доцнењето на мал дел од учебниците е поради причини и фактори кои не зависат од нас“, стои во одговорот од МОН.

Комисијата утврди дискриминација од МОН

Со учебниците се занимава и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Комисијата постапуваше по претставка од родители чии деца во 5 одделение немале учебник по мајчин македонски јазик.

Весна Бендеска, известител за овој случај во Комисијата за спречување дискриминација, вели дека утврдиле повеќекратна продолжена директна дискриминација, што е потежок вид на дискриминација, врз основа на јазик и возраст. Дополнително утврдиле и дека не станува збор за недостаток само на овој учебник, туку и на повеќе учебници во основното образование.

„Комисија утврди и продолжена индиректна дискриминација, која произлегува од навистина долгата и комплицирана постапка за создавање и креирање нови учебници. Ваквиот проблем опстојува три учебни години, што претставува грубо кршење на правото на образование и на правото на пристап до квалитетно образование, што е индивидуално право на секој ученик“, вели Бендеска.

Комисијата на Министерството за образование му даде рок до 31 август годинава да обезбеди список на учебници што ги обезбедиле и што не ги обезбедиле. Доколку тоа не се случи, Комисијата, според закон, може да поведе прекршочна постапка. А со оглед на тоа што станува збор за системска, институционална дискриминација Комисијата може да побара судска заштита, односно тужба од јавен интерес.

„Комисијата одлучи доколку не се обезбедат сите учебници за оваа учебна година, да поведе ваква постапка“, вели Бендеска за РСЕ.


Бесплатното образование е воведено во 2008 година, кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ. Сега од партијата, која е во опозицијата, реагираат што „учениците и оваа учебна година ќе ја започнат без учебници“.
„Законот за основно образование вели дека учениците на први септември треба да имаат бесплатни учебници, но за Владата на СДС и ДУИ правните норми не значат ништо“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG