Достапни линкови

Патот од Тетово до Призрен децениско ветување како пругата до Бугарија


Албанските политичари во земјава, цела деценија промовираат пат од Тетово до Призрен и се сликаат со косовски политичари. Премиерот Димитар Ковачевски пак, вели и комшии може да разговараат за патишта, ама само Влади реализираат. Институциите молчат за тоа колку ќе чини и кој ќе го плати.

Ако од ветениот автопат од Скопје кон Косово е завршено само промотивното видео како би изгледал, за најавуваниот пат од Тетово до Призрен нема ни видео, изготвена е само физибилити студија. Децениското предизборно ветување на владејачката ДУИ за изградба на пат со кој ќе се скрати патувањето од Тетово до Призрен од 108 километри на 40,6 километри е далеку од поставување на градежна машинерија на терен.

Во промоцијата за изградба на овој пат сега се приклучија и опозициските партии од албанскиот блок во земјава, кои заедно со косовскиот премиер Албин Курти најавија дека ќе се почне со градба. Станува збор за пат со кој треба да се пресече една од најголемите планини во земјава со тунел долг 6, 4 километри. Градежните експерти со кои разговаравме тврдат дека тоа тоа е тежок и навистина скап зафат, што во македонски услови е тешко изводливо.

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини смета дека ова ветување за изградба на патот од Тетово до Призрен е нереално поради две причини. Првата е тешкиот планински регион низ кој ќе треба да се гради, а втората е како што вели, политичкиот багаж на владејачката партија ДУИ која ветува инфраструктура што не ја реализира.

„Идејата за тој пат датира од 1931 година за време на кралството Југославија. Трасата од над Тетово до село Бродец, до таму каде што е замислен тунелот, постои и се шетаме ние таму. Не е нова идеја, таа градба е почната во 1932 или 3 година и прекината е поради војната во 1939 година. Оние ова го промовираат како нивна идеја, каква идеја од подрумите во Швајцарија не излегле, ќе граделе патишта“, вели Хајредини.

Од автопатот кон Косово завршено е само промотивното видео
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:03 0:00

Тунел од 6,4 километри низ Шар Планина е најскапата варијанта

Според последните јавно достапни податоци за физибилити студија направена во 2013 година, 40 километарскиот пат од Тетово до Призрен треба да биде поврзан со тунел долг 6,4 километри. Во овој предлог е предвидено тунелот од 6, 4 километри да биде изграден на 1.500 метри надморска височина меѓу двете села Божовце и Вешала.

Од Министерството за транспорт и врски велат дека сега заедно со косовското Министерство за животна средина, просторно планирање и инфраструктура изготвуваат проектна програма и Договор за кофинансирање за изработка на проект за изградба на тунел на автопат Тетово – Призрен.

„Според изработената физибилити студија избрана е најоптимална траса каде на македонска територија ќе бидат изградени 13,1 километар пат, до почетокот на тунелот. Чинењето на изградбата на комплетниот проект ќе се знае по изготвувањето на Проектната програма“, се вели во одговорот на министерството за РСЕ.

Одлуката за избор на која траса е прифатлива за Владата е донесена на почетокот на годинава и според неа, како што јавуваат медиумите, избраната варијанта е поскапа од трите предложени и од онаа што е препорачана од експертите кои ја направиле анализата за економската оправданост.

Според нивните препораки, најповолна траса е варијантата со тунел со должина од 3,2 километри,пишува порталот Порталб.мк.

„Причината за изборот на оваа траса е предноста на поврзувањето со Центарот Попова Шапка и актуелната современа патна конструкција (асфалтирана) која само треба да се реконструира“, им одговориле од Владата на Порталалб.мк.

Од Министерството за транспорт и врски и од јавното претпријатие Државни патишта не одговорија на прашањата каков е планот за изградба на тунел долг 6,4 километри.

Скепса за изградба на нов автопат внесува и тоа што на почетокот на годинава македонскиот министер за транспорт и врски Благој Бочварски излезе во јавноста со став кој покажува сериозна резерва.

„За реализација на вакви проекти добрата и темелна анализа и други постапки се важни за да нема проблеми при реализација на терен, со оглед на планинскиот предел каде што ќе треба да се работи“, изјави Бочварски во јануари годинава.

Една деценија откако патот од Тетово до Призерен влезе во изборна програма

Прв пат овој пат беше најавен од поранешната градоначалничка на Тетово Теута Арифи која на 11 март 2013 година изјави дека Општината ќе даде максимална ангажираност во меѓународни фондови затоа што, како што вели овој пат има инфраструктурно значење за поврзување на двете држави.

Ветувањето за изградба на овој пат за прв пат се појавува во предизборната програма на ДУИ во 2014 година, заедно со ветувањето за изградба на автопатот од Скопје до Блаце.

„Првата физибилити студија за оваа траса е завршена. Врз основа на резултатите од студијата ќе бидат разгледани најразумните економски алтернативи, во соработка со Косово“, се вели во предизборната програма на ДУИ.

Веќе на следните избори во 2016 година ДУИ ветила и почеток на изградба на овој пат. За веќе на следните избори во 2020 година ветувањето е надградено со финансиска рамка за изградбата на патот.

„Овој проект ќе чини од 40 до 60 милиони евра, средства кои ќе бидат обезбедени од државниот буџет и од Светската Банка“, се вели во предизборното ветување на ДУИ.

ДУИ предвидела дека овој пат од Тетово до Призрен ќе чини помалку од автопатот од 12 километри Стенковец- Блаце – Косово за кој е предвидено дека ќе чини 110 милиони евра.

Надлежните македонски институции, Министерството за транспорт и врски и јавното претпријатие за Државни патишта до објавувањето на овој текст не одговорија на прашањата колку пари се предвидени за изградба на овој пат, ниту како е предвидено да се финансира. Додека косовските власти со јавноста споделија податок дека нивниот дел од трасата ќе чини околу 150 милиони евра.

„Тие два километра долг пат почнат во 2019 година се уште не го завршија, велат до 2026 нема да биде готов, а да не зборуваме за останатите 10 километри за да се поврзе Скопје преку Блаце до косовска граница, затоа овие ветувања за нови патишта служат само за замајување на неинформирани граѓани. Да не зборуваме дека нема ни пари во буџетот за нов пат. Не треба да се земаат за сериозни таквите ветувања“, додава Хајредини.

Курти потпиша меморандум со Заев, а ветува со Ковачевски дека ќе го гради патот

Во 2021 година косовскиот премиер Албин Курти со тогашниот негов македонски колега Зоран Заев во Скопје потпишаа „Меморандум за разбирање“ во врска со патот Тетово – Призрен.

Според Меморандумот, ветено е дека страните ќе соработуваат меѓусебно за физибилити студијата за овој проект и дека ќе формираат заеднички комисии меѓу двете земји кои ќе извлечат заклучоци и препораки од истата.

Во октомври 2022 година заменик министерката во косовското Министерство за животна средина, просторно планирање и инфраструктура Линда Чавдарбаша соопшти дека на владина седница е разгледана македонската физибилити студија.

„Прифатена е предлог одлуката за одобрување на Договорот за кофинансирање помеѓу Министерството за транспорт на Република Северна Македонија и Министерството за животна средина, просторно планирање и инфраструктура на Република Косово за проектирање на деталниот проект за изградба. на патот Призрен - Тетово“, се вели во нејзината објава на социјалните мрежи.

Патот од Призрен до Тетово ги скара македонските политичари

И додека се чека одговор на прашањето кога и дали ќе стане ли Шар Планина големо градилиште откако по децении чекање годинава конечно беше прогласена за национален парк со цел изградба на тунел и нов пат со кој се крати патувањето до Призрен за речиси 70 километри, македонските политичари се скараа кој имал поголема намера да го изгради патот.

Косовскиот премиер Курти за овој пат зборуваше при неговата посета во Тетово на 12 август , по средбата со опозициските лидери од албанскиот политички блок.

„Овој договор го потпишав со поранешниот премиер Зоран Заев и го продолживме со сегашниот Димитар Ковачевски“, изјави Курти од говорницата во Тетово.

Но една недела подоцна, откако Курти ги одмина македонските власти и не се сретна со ниту еден нивни претставник, во Мала Речица, како што вели лидерот на ДУИ Али Ахмети, го испрати министерот за транспорт Либан Алиу. Тој од партиското седиште на ДУИ изјави дека проектот за пат од Призрен до Тетово е во фаза на финансиски преговори.

„Ние сме во фаза на постигнување на финансиски договор за проектирање на заедничкиот тунел меѓу двете земји и потоа да пристапиме кон целосна реализација на проектот. Овој проект освен што ќе ги спојува Призрен и Тетово ги поврзува националните паркови на Шара од двете страни на границата“, изјави Алиу.

Што одговорија од косовското Министерство за животна средина, просторно планирање и инфраструктура

  • Кога се очекува да започне изградбата на автопатот Призрен - Тетово?

Изградбата на патот Призрен Тетово има регионален карактер и не се очекува да се изгради автопат,како што вие го нарековте автопат, туку регионален пат. Почетокот на изградбата на патот Призрен Тетово се уште не е познат бидејќи тендерските постапки се уште не се започнати.

  • Дали е заврешно проектирањето на патот Призрен- Тетово ?

Главниот проект за целиот пат сè уште не е изработен, ни проектот за тунелот сè уште не е изработен.

  • Колку километри пат ќе се гради ?

Должината на патот Призрен-Тетово се очекува да биде околу 50 километри, но точната должина ќе се утврди при проектирањето на главниот проект. Ќе има тунел и должината на тунелот ќе биде околу 6,4 км.

  • Која е цената за изградба на автопатот?

Точната цена се уште не е позната бидејќи работите се уште не се договорени, а главниот проект за целиот пат се уште не е изработен, но грубите планови за целиот пат Призрен - Тетово се очекува да чинат околу 200 милиони. евра.

  • Која е важноста од изградбата на овој автопат?

Одговор на косовското МЖСПИ: Скратувањето на патот повеќе од двапати (во споредба со постоечките патишта) за обични возила и особено за тешки возила од Тетово (Република Северна Македонија) до Република Косово и Република Албанија ги оправдува трошоците за изградба и работа на овој пат бидејќи враќањето на економските придобивки во користењето на патот се поголеми од трошоците за изградба и користење. Бројот на возила што се очекува да го посетуваат овој патен правец до 2043 година (или 25-годишниот период на користење) е во просек 7358 возила, годишен просек дневно. Додека во првата година на користење се очекува патот да го посетуваат повеќе од 4.300 возила дневно во просек годишно.

На прашањето зошто за овој инфраструктурен проект не се разговара во ресорното Министерство за транспорт и врски, туку во партиското седиште на ДУИ премиерот Ковачевски кусо искоментира.

„За изградба на таков пат може и комшии да разговараат, па и претставници на политички партии, но предмет на реализација може да биде само помеѓу Владите исто како што предмет на реализација на „one stop shop” на преминот со Албанија беше разговаран на различни нивоа, меѓутоа беше реализиран од македонската и албанската влада”, нагласи тој.

Од Министерството за транспорт и врски на прашањето дали се сретнал со неговиот косовски министер кој беше во посета на партиското седиште на ДУИ во Мала Речица минатата недела, одговорија дека дека двајцата министри имаат редовна комуникација.

„Тие имаат остварено повеќе средби во Скопје, во Приштина и во рамки на Транспортната заедница, а редовната комуникација ќе продолжи и во наредниот период со цел реализација на заедничките проекти, кои се од интерес за двете земји“, се вели во нивниот одговор.

Сегашниот пат од Тетово до Призрен е долг 109 километри, а со новиот пат се предвидува да се скрати за 69 километри.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG