Достапни линкови

Брзи кредити, бавни автопати и „црни листи“


Њузлетер 23.06.2023 - Кој сѐ има фирми за брзи кредити? Што ќе значи ставањето на Рамиз Мерко на американската „црна листа?“ Ке останеме ли сите без плати?

Чии се фирмите за брзи кредити и колкави профити остваруваат?
„Популарните“ брзи кредити многумина граѓани ги гледаат како брз излез од финансиските тешкотии. Лесно се доаѓа до кеш, но и уште полесно се заглавува, а во некои случаи, и се губи се. За начинот на кој функционираат фирмите за брзи кредити речиси се е познато.
Но, она што е помалку познато е – кои се вистинските газди на ваквите фирми, колку профит остваруваат, колкави даноци плаќаат. Токму тоа го истражуваше тим на Радио Слободна Европа.
Во бизнисот со брзи кредити во Северна Македонија позначајни играчи се руски, бугарски, чешки милијардери.

Рускиот милијардер со италијанско државјанство, Олег Викторович Бојко, кој според Форбс тежи најмалку 1,2 милијарди долари во македонскиот Централен регистар отворил фирма за брзи кредити под името „Диџитал Фајнас Интернешнл“.
Олег Бојко поседува фирми за брзи кредити во над 30 земји, но проблемот е во тоа што овој 59- годишен руски олигарх е ставен на три листи за санкции. Во април минатата година е ставен на листа за санкции на Австралија, а од ноември и на Канада и Украина, поради „финансиска поддршка на руската влада која изврши инвазија врз Украина,“ пишува на меѓународна дата база Опен Санкшнс (ОpenSanctions).
Рускиот бизнисмен Бојко се наоѓа на таканаречениот „Список на Путин“ на американското Министерство за финансии каде го зазема 17-тото место во групата од 96 олигарси кои го сочинуваат блискиот круг на рускиот претседател Владимир Путин, пишува американскиот медиум Си - Ен -Ен.
Тој во Северна Македонија преку „Диџитал Фајнанас Интернешнл“ ги поседува брендовите за брзи кредити познати како „Форца“ и „Креди“, а неодамна неговата фирма го најави и производот „Хипокредит“ со кој може да се подигне кредит до 65 илјади евра со залог од недвижен имот со рок на отплата до 15 години.
Неговата компанија, поради биографијата на Бојко, била цел на проверки на надлежните финансиски институции, но како што велат оттаму за РСЕ, досега не биле забележани посериозни финансиски текови кои би го привлекле вниманието.


Покрај странци, со овој бизнис се занимаваат и синови и блиски на македонски политичари
Звучно презиме во сопственичката структура кое го привлекува вниманието е роднина на поранешниот премиер Зоран Заев од СДСМ, неговата стрина Убавка Заева. Таа е сопственик на финансиското друштво Пеон од Струмица. Управител на оваа фирма е нејзината ќерка Катерина Бојовиќ Заева. Убавка Заева е и мајка на Трајче Заев, кој и е познат на јавноста по бизнисите со производство на медицински канабис, кои ги стартуваше додека неговиот братучед, Зоран Заев, беше на власт.
Синот на екс премиерот Љубчо Георгиевски, Лав, во време на пандемијата со Ковид – 19 отворил продавница за пари во центарот на Скопје „Премиум Фајнанс“. Со основачки влог од сто илјади евра и приходи од 40 до 75 илјади евра.

Минатата година во овој бизнис влегол и синот на поранешниот прв разузнавач и советник за национална безбедност во кабинетите и на поранешниот премиер Зоран Заев и на актуелниот премиер Димитар Ковачевски, Зоран Верушевски.
Неговиот син, Александар Верушевски лани ја отворил фирмата „Генерал Фајнанце“ во Струга со подружница во Скопје.
Сопственици фирмата „Кредитен центар БС“ се синовите на познатиот бизнисмен и политичар Борис Стојменов, Марјан и Емил Стојменови, покажува дата базата на вистински сопственици. Нивните имиња се појавуваат и во сопственичката структура на финанското друштвао ЕУРО МК, основано 2013 година.
Колкава заработка пријавуваат сите овие фирми за брзи кредити и колку плаќаат данок, тоа е веќе прашање за надлежните институции.

Правдата во државата не е толку брза, па мора некој однадвор да ја забрзува
Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, член на ДУИ, со години важеше за „недопирлив“. Она што сите го знаеја, а никој ништо не преземаше, институциите затвораа очи, па сега им ги отвори Вашингтон. Соединетите Држави го ставија Мерко, но и неговото семејство, на „црната листа“ на лица на кои им се забранува влез во САД. Во соопштението од Стејт Департментот е наведено дека причината за тоа е неговата вмешаност во голема корупција.
„Додека ја извршуваше функцијата градоначалник на Струга, Мерко присвојувал средства и се мешал во судските и другите јавни процеси, нанесувајќи ѝ штета на вербата на јавноста во демократските институции и во функционерите на Северна Македонија“, пишува во соопштението на Стејт Департментот.

Набавка на службени автомобили, кривични пријави, неговиот универзитет во Струга, како и серија други сомневања за криминал, а ништо од тоа немаше судска завршница. Сега, сите си ја префрлаат вината, а премиерот Ковачевски, како да не е од тука, па се чуди како Вашингтон ја видел корупцијата, а нашите институции не.
Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, по два дена молк, соопшти дека партијата донела три одлуки откако нивниот сопартиец, струшкиот градоначалник Рамис Мерко се најде на „црната листа“ на САД.
„ДУИ бара институциите веднаш да започнат сеопфатна истрага за Рамиз Мерко за сите тврдења и информации кои произлегуваат од извештајот на Стејт Департментот на САД. ДУИ ја прифаќа одлуката на Мерко за замрзнување на негови партиски функции додека не заврши истрагата. ДУИ ја прекинува изборната активност во Струга додека не се создадат нови услови за нивно организирање“, изјави Османи.
Американската амбасадорка Анџела Агелер најави дека на „црната листа“ ќе се најдат и други македонски граѓани.

Компаниите на синот на Мерко
Компаниите на синот на Мерко


Бавен автопат, со пречки
Автопатот „Пријателство“, екс „Александар Македонски“, и не е така пријателски за возачите. На делови од трасата од граничниот премин Табановце до Богородица, покрај оштетеноста на повеќе места, капак се и поправките меѓу Катланово и Петровец, која трае со години, и новата меѓу Демир Капија и Неготино, почната токму сега во екот на туристичката сезона.
Брзината на поправките е приказна за себе. Тендери, изведувачи, доцнења, па нови тендери...
На домашните и странските туристи, кои се упатуваат накај Грција, ќе им треба многу трпение.

За професорот од Техничкиот факултет во Битола Стоимко Златковски, зачудувачки што на пример делницата Катланово – Петровец која е вкупно 10 километри во две насоки, се реконструира веќе неколку години.
„Како може она кај Петровец да се прави со години, а да не се внимава строго на временскиот период во кој се работи. Многу е лоша сликата која се остава, се чудат луѓето дали е можно во 21 век, транзитна земја која ја поврзува Европа со Грција, да дозволиме да се вози по полузатворени патишта, кои наликуваат на оние од пред половина век“, вели професор Златковски.

Автопат „Пријателство“ - точки на поправка
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:39 0:00


Ќе останеме ли сите без плати?
Синдикатот на вработените во УЈП „Солидарност “ доставил писмено известување за одржување на генерален штрајк на 27 јуни, ако до тогаш не добијат покачување на платите за 30 отсто. Тие доставиле известување до министерство за труд за предлог медијатор за спроведување на активности за помирување согласно Закон.
Вработените во УЈП, од 15-ти јуни секојдневно штрајкуваат од 10 до 12 часот. Но, доколку стапат во генерален штрајк, никој во државата нема да може да земе плата.

Премиерот Ковачевски дополнително ги разгневи со изјавата дека најнапред треба да им се провери имотната состојба на вработените во УЈП, но и на оние во Царина, а потоа да се разговара за платите. Тие веднаш му одговорија, - Проверката на состојбата треба прво да почне од врвот – од имотот на функционерите, како што вели Бојан Трипуноски – Генерален секретар на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани УПОЗ, кој во изјавата на премиерот гледа притисок и закана во обид да се „скршат луѓето кои штрајкуваат во овој момент.“

„Ако сите млади си заминат, кој ќе ја разубавува државата“
Во земјава има и такви кои не чекаат плата од државата. Освен во кафулиња, 31-годишната улична уметница Јана Гигова свири и пее на улица повеќе од 15 години. Повремено има други ангажмани поврзани со музиката, јазиците и уметноста, но вели досега немала потреба да им се посвети целосно, бидејќи вака вади добар приход. Настапувала низ цела Европа, но за неа дома си е дома.

Уличната уметница Јана: „Ако сите си заминат ќе нема кој да го разубавува Скопје“
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:36 0:00

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG