Како Маврово стана бетонска џунгла?
Беззаконие според Закон, но и со заобиколување на законите е она што се случува со години во Националниот парк Маврово. Се гради наголемо, што легално, што на диво, па се легализира, а надлежните си ја префрлаат вината за уништувањето Маврово.
Ова почна кога околу 900 парцели, со вкупна површина од над два милиони метри квадратни, со одлука на поранешната Влада на премиерот Никола Груевски во 2014-та, е дозволено ниви, ливади и пасишта да станат градежни парцели во Маврово. Оттогаш, ни локалната ниту новата централната власт, иако ветуваа пред избори, не и застанаа на патот на бетонизацијата на Маврово со што личните интереси и натаму се над јавниот интерес, заштита на Националниот парк Маврово.
Општина Маврово Ростуше вели дека работи според урбанистички план, и издава градежни дозволи, а за дивоградбите велат дека реагираат, но оти никој не се јавувал на тендер за уривање.
Од Министерството за животна средина велат дека немаат ингеренции за поништување на урбанистички планови и одговорноста ја префрлаат на општината. Но, нема прецизен одговор зошто Маврово не е репрогласен за национален парк, со што би се дефинирало каде може, а каде не може да се гради.
Инвеститорите, пак, се служат и со разни „законски“ можности, како на пример дооформување на парцели, градежна дозвола за куќа, па пренамена во зграда или хотел и слично.
Луѓето кои постојано живеат во Маврово, велат дека веќе има последици од градежната експанзија, имаат проблеми со струјата водата, отпадните води кои одат директно во езерото, каде што често се фрла и градежниот шут.
Ништо од ова не им е непознато на надлежните институции, но дали поради личен интерес или поради негрижа, никој не превзема ништо за спас на Маврово.
Каков совет му треба на Судскиот совет?
Беззаконие според закон и во Судскиот совет. Една претседателка избраа пред неколку месеци, па ја разрешија. На кој начин и под какви околности е добро познато. Нов претседател, по два обида, не успееја да изберат. Во третиот обид, најнапред тајно, поништена одлуката за разрешување на Весна Дамева, па повторно разрешена, а потоа, јавно, избран Сашко Георгиев за нов претседател на Судскиот совет. Компликувано, нели...
Весна Дамева ја презеде функцијата во декември 2022 година, а беше разрешена минатиот месец во постапка која судската фела ја оцени како незаконска. Нејзината претходничка Павлина Црвенковска поднесе неотповиклива оставка и обвини за притисоци од „судско-бизнис елита“.
И Дамева и Црвенковска беа назначени за претседателки на Судскиот совет на предлог од претседателот на државата Стево Пендаровски. И двете дојдоа од редот на стручните соработници, но сепак нивниот краток мандат беше одбележан со обвинувања за политичко мешање во Судскиот совет.
Дека актуелната состојба на работите во судството во Северна Македонија е загрижувачка, покажува и фактот што многу мал број граѓани веруваат дека судовите работат слободно, независно и без влијанија. Трендот на ниската доверба на граѓаните во судството особено се засилува во последниве години.
Според резултатите од последните истражувања, целосна доверба во судството даваат само 4 проценти од граѓаните, а во обвинителството само 3%, покажува анкетата на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) објавена во декември минатата година.
Кој се има или ќе има увид во договорот со Бехтел и Енка?
Што е според закон, а што не? Кој има право да го види договорот за автопатиштата, а кој немал право, а го видел? Континуирани расправии меѓу власта и опозицијата за овој капитален проект проследен со низа контроверзи.
Не помогна многу ни обидот за координација кај претседателот на Собранието Талат Џафери. ВМРО-ДПМНЕ бара претходно да им биде доставен договорот на увид на оние што имаат безбедносен сертификат, па потоа, на собраниска комисија да можат да расправаат за него. Тврдат и дека некои пратеници без безбедносен сертификат имале увид.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески вели дека на потег се ВМРО-ДПМНЕ.
„Нашиот став на координација е пратениците на ВМРО ДПМНЕ да одлучат каде сакаат, односно на која комисија сакаат и кога сакаат да се разгледува договорот. Се надевам дека ќе одлучат тоа да биде побрзо за да прекинат сите шпекулации за најголемиот инфраструктурен проект од национален интерес за државата“, изјави Митрески.
Како и да е, шпекулациите ќе продолжат се додека има тајни клаузули, особено во врска со трансферот на пари од буџетот за изведувачот. Колку на крајот ќе чини изградбата на автопатиштата, од почетните 1,3 милијарди евра, никој со сигурност не може да каже.
Задоволителна слобода на медиумите, но ...
Северна Македонија се враќа во групата на земји во кои има задоволителна слобода на медиумите. Организацијата „Репортери без граници“ годинава ја рангира на 38-то место од вкупно 180 земји во светот според Глобалниот индекс за слободата на медиумите. Тоа е скок од 19 места во однос на 2022 година и напредок од 52 места во споредба од пред две години.
Но и покрај напредокот, во извештајот се наведува дека новинарите неретко се соочуваат со политички и економски притисок, а дека двете најголеми партии, таа на власт и таа во опозиција си создале паралелни медиумиски системи.
„Има скок, но ако се загледаме подлабински во параметрите има посериозни проблеми“, вели Павле Беловски, претседател на Синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ).
„А тоа е политизирање на медиумите, односно ако порано имавме политичко влијание во медиумите, сега веќе имаме партиски медиуми“, рече Беловски.
Убиена новинарка: Како Вира Хирич од РСЕ загина од руска ракета?
Нема никакво оправдување, а најмалку законско, за убивање новинари.
Продуцентката на РСЕ, Вира Хирич, е меѓу многубројните убиени новинари во Украина откако Русија ја започна инвазија во февруари 2022 година. Една година откако беше убиена, нејзиниот син вели дека мора да има одговорност за нејзината смрт. Шеми, истражна единица на РСЕ, се соочи со клучните фигури во рускиот синџир на хиерархија.
Кога и како Путин решил да ја нападне Украина?
Рускиот претседател Владимир Путин одлучил за целосна војна со Украина кон крајот на февруари - почетокот на март 2021 година, се наведува во истрагата на изданието „Layout“. Новинарите разговарале со извори блиски до руското раководство. Според соговорниците, причината за големата вооружена инвазија, за Путин, во голема мера била некаква лична огорченост и желба за одмазда.
Пријателот на Путин, бизнисменот Јуриј Ковалчук, одиграл решавачка улога во одлуката на Путин да започне инвазија. Тој, според извор близок до Кремљ, го убедил Путин дека Европа е поделена со противречности и дека сега е најдобро време за брза операција.
Според истражителите, министерот за одбрана Сергеј Шојгу не се расправал, туку дури и се радувал на одлуката на Путин да ја нападне Украина.