Достапни линкови

Судскиот совет повторно не избра претседател, судството во „жив песок“


Судскиот совет на Северна Македонија.
Судскиот совет на Северна Македонија.

Судскиот совет повторно ја одложи седницата за избор на претседател, со што дополнително ја зголеми загриженоста за независноста на судството. Причината за одложувањето на денешната седница на Судскиот совет засега е непозната.

За помалку од пет месеци, две претседателки на Судскиот совет беа сменети, што предизвика сериозна загриженост за независноста на судството во Северна Македонија. И двете обвинија дека причина за нивната смена е политички интерес.

Весна Дамева ја презеде функцијата во декември 2022 година, а беше разрешена минатиот месец во постапка која судската фела ја оцени како незаконска. Нејзината претходничка Павлина Црвенковска поднесе неотповиклива оставка и обвини за притисоци од „судско-бизнис елита“.

И Дамева и Црвенковска беа назначени за претседателки на Судскиот совет на предлог од претседателот на државата Стево Пендаровски. И двете дојдоа од редот на стручните соработници, но сепак нивниот краток мандат беше одбележан со обвинувања за политичко мешање во Судскиот совет.

Според поранешната врховна судијка Вера Коцо, самиот факт дека двете се од редот на стручните соработници, значи дека немаат статус на истакнати правници што би можеле да се справат со предизвиците кои ги носи оваа функција.

„(Црвенковска) си даде оставка. Причините за нејзината оставка, иако беа навидум поради влијанија од бизнис-судски елити, но и сега не се знае што е конкретната причина: кои се и какви се тие влијанија. Потоа беше избрана за претседател Весна Дамева која исто така доаѓа од редот на стручните соработници. Јас пред нова година кажав дека таа е исправена пред еден голем предизвик со оглед на сите состојби што се случуваат во Судскиот совет и дека останаа доста нерасчистена работи во поглед на тие политички или бизнис влијанија“, вели поранешната врховна судијка Вера Коцо.

Судиите не покажаа целосна професионална храброст
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:49 0:00

Инаку, Судскиот совет по втор пат не успеа да избере нов претседател. Денешната седница за избор на нов претседател беше одложена поради непознати причини. Претходната седница која се одржа на 27 април беше одложена поради немање мнозинство.

Разрешувањето на Дамева се случи еден ден претходно, на седница на 26 април на која се очекуваше да биде сменет судијата на Апелацискиот суд Енвер Беџети кој со месеци го чуваше предметот за една од најголемите афери со прислушувањето „Таргет-Тврдина.

Седница беше тензична, а разрешувањето на Дамева дојде откако потпретседателот на Судскиот совет Селим Адеми го презеде од неа раководењето на седницата и го стави на гласање нејзиното разрешување за кое се изјаснија 7 членови. Инаку, нов претседател се избира со осум гласови „За.“

Разрешувањето на Дамева и случувањата во Судскиот совет предизвикаа бројни реакции во јавноста, а правните експерти го оценија како нелегитимно. Ситуацијата повторно ги покрена прашањата за непристрасноста и независноста на судството, што е од клучно значење за функционална демократија.

Судската фела и правните експерти реагираа дека разрешувањето на Дамева е незаконско. За овие случувања загриженост изрази Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), но и „Блупринт групата за реформи во правосудството“.

„Коалицијата за правично судење“ наведе дека во Деловникот за работа на Судскиот совет не е предвидена процедура за разрешување на претседателот, туку дека се предвидени само одредби за дисциплинска постапка и одговорност на член на Советот.

Претседателот на државата Стево Пендаровски соопшти дека вакви сцени не му доликуваат на тело кое има многу одговорна улога, со оглед на неговите надлежности во изборот и разрешување на судии и оценување на работата на судиите.

Дека актуелната состојба на работите во судството во Северна Македонија е загрижувачка, покажува и фактот што многу мал број граѓани веруваат дека судовите работат слободно, независно и без влијанија. Трендот на ниската доверба на граѓаните во судството особено се засилува во последниве години.

Според резултатите од последните истражувања, целосна доверба во судството даваат само 4 проценти од граѓаните, а во обвинителството само 3, покажува анкетата на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) објавена во декември минатата година.

Адвокатот Алекснадар Тортевски вели дека во судовите има политички пазарења, особено кога станува збор за големи предмети.

„Судии кои ќе дојдат во Апелација се уценети, се пазарат со власта за да напредуваат во кариерата, им велат: укини ја пресудата па ќе одиш во Врховен и слично“, смета Тортевски.

Отсуството на судската независност и намалувањето на довербата на јавноста е нотирано и во последниот годишен извештај на Стејт департментот за состојбата со човековите права.

Во него се вели дека „случаите на несоодветно однесување на судството, несоодветниот политички и деловен притисок врз судиите, долготрајната правда, како и несоодветното финансирање и екипирање на судството“ продолжуваат да ја попречуваат ефикасноста на судот и да влијаат на довербата на јавноста во владеењето на правото.

Во писмото што американската амбасадорка го испрати до извршната и судска власт се изразува загриженост и разочарување околу големиот број предмети, што Апелација ги враќала на повторно судење, поради што во меѓувреме застареа дел од предметите кои се водеа против дел од обвинетите. Ова во изминатите недели се случуваше со пресудите против поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG