Првпат слушам дека постои апликацијата „Мое здравје“ и дека треба да направам ажурирање на телефонскиот број, ни рече Игор од Скопје за новината во „Мој Tермин“ која системот задолжително ја бара при посета на матичен лекар, веќе една седмица, од 3 април.
Сличен одговор добивме од уште десетина граѓани со кои разговаравме.
Тие не знаат дека се бара верификација односно потврда на телефонскиот број на пациентите пред тие да бидат прегледани и да им се издаде упат или рецепт.
Промената се воведува по анализите кои покажале дека значителен број пациенти не се појавуваат на закажаните термини поради неажурирани телефонски броеви, објаснија од Министерството за здравство во февруари.
На пример, повеќе од 50% од пациентките со закажани прегледи за дојка не се појавиле, со што биле изгубени термини кои можеле да бидат искористени за други пациенти
Како оди верификацијата?
Нема рок за тоа до кога треба да се направи верификација. Таа е еднократна, а повторна е потребна само ако се смени телефонскиот број.
Има две опции - едната е при посета на матичен лекар од општа медицина, гинеколог или стоматолог, лекарот да го внесе кодот кој стигнал преку автоматска СМС порака кај пациентот.
Другата е да се верификува самостојно и онлајн, преку апликацијата за мобилен телефон „Мое здравје“. Неа ја избрала скопјанката Марија мислејќи дека така побрзо ќе заврши работа.
„Изгубив повеќе време отколку што очекував само за да верификувам број за мене. Кога требаше и за децата, си реков, за нив побрзо ќе завршам работа на лице место, кај педијатарот“, вели Марија.
Постапката оди брзо ако пациентот знае како да се снајде со мобилниот, што може да е проблем за повозрасните, па тогаш мора да одат кај матичниот лекар. Кодот најчесто стигнува за половина минута, но некогаш има технички проблеми, вели д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружение на приватни лекари на РСМ.
„Вчера ми се случи тројца пациенти да не знаат да ги отклучат телефоните. 'Како да влезам во пораките? Еве докторке, ти снајди се'. Еден пациент пак, ми се јави после три часа за да ми каже дека го добил кодот, кога веќе беше дома“, вели Чолакова-Дервишова.
Во однос на техничките проблеми од Мој термин велат дека сите лекари се навремено известени за постапката и нивните софтверски куќи на време добиле упатства за имплементација.
„Иако најголемиот дел од процесот се спроведува без потешкотии, пријавени се неколку ситуации, технички прекини или доцнење на СМС пораки, главно во периодите со најголем број пациенти кои се на преглед и неколку случаи на погрешна имплементација од страна на софтверски куќи, кои се веќе коригирани“, велат од Мој термин за Радио Слободна Европа.
Тие додаваат дека системот се следи континуирано и се реагира веднаш при идентификување на проблеми, потсетувајќи дека верификувани и точни телефонски броеви се клучни за закажување, известување и дигитална комуникација со пациентите.
Што ако некој нема паметен или нема никаков телефон?
За некои, верификацијата на лице место од старт е единствена опција. На пример, за повозрасната мајка на Борис од Скопје која нема паметен телефон.
„Таа мора да ажурира кај матичниот, а тој деновиве освен со редовни прегледи е преплавен со ажурирање на податоци и на други пациенти кои како и таа не можат да го направат тоа сами“, вели Борис.
Верификација за неа би можел да направи и синот, доколку станува збор за изнемоштено лице. Во таков случај, како и во случаи на верификација за деца, процесот може да оди преку друго лице, како родителот или друг од семесјвото, односно еден телефонски број да биде внесен за повеќе пациенти.
Во случаи на итни прегледи, пак, кога пациентот нема верификуван број, се користи опцијата за итен случај, без потреба од верификација, велат од Мој Термин.
Среќа што постои вакво копче за да се намалат гужвите и да се помогне секому, вели Чолакова-Дервишова.
„Во еден ден кога имав 80 прегледи, 10 од возрасните пациенти не носеа мобилни со нив. Некои немаат мобилен, повозрасните функционираат на фиксен. Вчера дојдоа сопружници кои користат социјална помош и немаат мобилен. Тоа се такви моменти во кои нема кој број да се стави“, додава Чолакова-Дервишова.
Некои сакаат да верификуваат преку телефонски разговор со сестрата или докторот, но ова за неа е неприфатливо бидејќи вака би била зафатена линијата додека некој мора итно да ги добие. Според докторката, подобро би било цел процес да оди онлајн, преку компјутер. Како пример го наведе функционирањето на платформата скрининг.мк.
„Матичниот доктор и сестрите не се телефонски оператори. Не можеме да верифицираме телефонски и да држиме зафатена линија која ни служи да им помогнеме на луѓето кога им е лошо, кога им е тешко, кога не можат да дојдат, ние да го држиме телефонот со саати за да верифицираме, кој ќе прави ЕКГ, кој ќе прави дијагнози“, вели докторката.
Таа деновиве ажурира податоци за по стотина пациенти дневно и децидна е дека ова не треба да го работат матичните лекари.
„За ова, има милион институции коишто би можеле да верифицираат или да вртат телефони и да ажурираат. Замолувам времето да ни го почитуваат, во интерес на здравјето на нашите пациенти“, порачува докторката.
Од Мој термин очекуваат дека сите граѓани кои користат здравствени услуги постепено ќе ја комплетираат верификацијата, со цел подобро управување со комуникацијата и известувањата кон пациентите.
„Верификацијата се спроведува во рамки на редовен преглед кај матичен лекар и за сега не постои утврден рок во кој таа мора да се изврши. Тоа значи дека не е потребна посебна акција од страна на пациентите – процесот се одвива тековно, како дел од здравствениот преглед“, велат од Мој термин.
Минатата година, приближно 1,7 милиони пациенти биле евидентирани во системот Мој Термин за некаква здравствена услуга.
До 9 април, 458.428 пациенти ја имаат потврдено верификацијата на својот телефонски број во системот Мој Термин преку матичните лекари. Од нив, 7.072 пациенти го сториле тоа самостојно и онлајн преку мобилната апликација „Мое здравје“.