Достапни линкови

„Репортери без граници“ - Со дезинфомации и непрофесионализам до недоверба во медиумите


Протестен марш на новинари во Скопје, на 77-годишнината од основањето на Здружени на новинари на Македонија (ЗНМ) 17 февруари, 2023
Протестен марш на новинари во Скопје, на 77-годишнината од основањето на Здружени на новинари на Македонија (ЗНМ) 17 февруари, 2023

Во Северна Македонија новинарите не работат во непријателско опкружување, но поради дезинформациите и недостигот на професионализам опаѓа довербата на јавноста во нив, што ги изложува независните медиуми на закани и напади, наведува во својот извештај „Репорери без граници“. Годинава има скок во рангирањето, но тоа не треба да не залажува, велат од новинарските организациии.

Северна Македонија се враќа во групата на земји во кои има задоволителна слобода на медиумите. Организацијата „Репортери без граници“ годинава ја рангира на 38-то место од вкупно 180 земји во светот според Глобалниот индекс за слободата на медиумите. Тоа е скок од 19 места во однос на 2022 година и напредок од 52 места во споредба од пред две години.

Годинешниот резултат е најдобар во последните 15 години. Земјава подобро рангирана била во 2009-та година, кога била на 34-то место. Оттогаш се забележува пад и земјата спаѓаше во групата со проблематична или лоша состојба на медиумите.

Но и покрај напредокот, во извештајот се наведува дека новинарите неретко се соочуваат со политички и економски притисок, а дека двете најголеми партии, таа на власт и таа во опозиција си створиле паралелни медиумиски системи.

„Има скок, но ако се загледаме подлабински во параметрите има посериозни проблеми“, вели Павле Беловски, претседател на Синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ). Тој ги нотира лошата социо- економска сигурност на новинарите и медиумските работници, лагите, дезинформациите, а Синдикатот укажува и на нови состојби.

„А тоа е политизирање на медиумите, односно ако порано имавме политичко влијание во медиумите, сега веќе имаме партиски медиуми“, рече Беловски на крводарителски настан за одбележување на Светскиот ден на медиумите.

Крводарителската акција во организација на ССНМ и ЗНМ за одбележување на Светскиот ден за слобода на медиумите, 3 мај, 2023
Крводарителската акција во организација на ССНМ и ЗНМ за одбележување на Светскиот ден за слобода на медиумите, 3 мај, 2023

С. Македонија најдобро рангирања на Западен Балкан

Според „Репортери без граници“ Северна Македонија, годинава е најдобро позиционирана во регионот на Западен Балкан, пред Црна Гора (39), Хрватска (42), Косово (56), Босна и Херцеговина (64), Србија (91) и Албанија (96).

„Репортери без граници“ во извештајот за Северна Македонија, наведуваат дека иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостигот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади. Продолжува и тенденцијата, владините функционери да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите.

ЗНМ - Извештајот не треба да не залажува

Претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски вели дека сега има повеќе слобода на говор, од пред десетина години, но таа се уште е ограничена. Причина за тоа е малиот пазар кој остава малку простор за независно новинарство, па затоа дел од медиумите се потпираат на политички или бизнис интереси.

Подоброто рангирање, според Чадиковски, се должи и на тоа што после долго инсистирање сега медиумските работници имаат статус на службени лица и што се намалија казните за новинарите за клевета и навреда.

„Но извештајот не треба да не залажува, не треба да мислиме дека сме задоволни со тоа, мора да работиме многу посуштински и подлабоко, бидејќи не е само носењето закони, потребна е и нивна имплементација и создавање на вистински амбиент за слободно и независно новинарство“, рече Чадиковски.

„Репортери без граници“ ги рангира земјите според неколку параметри. Северна Македонија најдобро стои според индикаторот „законодавство“, а најлошо според индикаторот „безбедност“.

Убиена новинарка: Како Вира Хирич од РСЕ загина од руска ракета?
please wait

No media source currently available

0:00 0:12:17 0:00
  • Медиумски пејзаж

Иако телевизијата е доминантен извор на информации, онлајн медиумите играат важна улога. Сепак, мора да се направи разлика помеѓу професионални онлајн редакции кои вработуваат професионални новинари и објавуваат оригинална содржина и поединечни портали кои прават плагијат и копи-пејст на туѓи содржини. Исто така, постои голем јаз меѓу гледаноста и довербата: најгледаните ТВ станици имаат низок индекс на доверливост.

  • Политички контекст

Целокупната средина останува поволна за слободата на медиумите и дозволува критичко известување, иако транспарентноста на институциите е прилично слаба. Поради силната политичка поларизација, медиумите можат да бидат подложени на притисок од страна на властите, политичарите и бизнисмените. Двете најголеми партии (на власт и во опозиција) создадоа паралелни медиумски системи врз кои го вршат своето политичко и економско влијание. Јавниот радиодифузен сервис нема уредувачка и финансиска независност.

  • Правна рамка

Додека Уставот ја гарантира слободата на говорот и забранува цензура, земјата заостанува во однос на усогласувањето на медиумското законодавство со стандардите на Европската унија, на која има намера да се приклучи. Судската злоупотреба на Законот за граѓанска одговорност за клевета поттикнува самоцензура во медиумите. Тужбите се користат како алатка за заплашување и притисок врз независните медиуми. Предлог-законот за повторно овластување на владата да се рекламира во приватните медиуми предизвика загриженост за можното политичко влијание.

  • Економски контекст

Иако одредени видови медиумска концентрација се забранети со закон, редакциите на некои од главните ТВ канали се изложени на економски притисоци од нивните сопственици. Државното финансирање е ограничено и нетранспарентно, а независните медиуми во голема мера се потпираат на донаторите. Странските грантови засновани на проекти придонесуваат само за опстанок, но не и за понатамошен развој. Постои трговија на влијание помеѓу маркетиншките агенции и одредени медиумски куќи.

  • Социокултурен контекст

Иако не постојат јасни ограничувања во социјалната и културната средина кои влијаат на слободното новинарство, социјалните мрежи и дигиталната сфера генерално го фаворизираат ширењето на дезинформации и сајбер-закани. Во комбинација со ниските професионални стандарди, тие придонесуваат за пад на довербата на јавноста во медиумите и го отвораат патот за напади врз новинари врз основа на полови, етнички или верски критериуми.

  • Безбедност

Новинарите редовно се мета на вербални напади. Под изговор за заштита на државните тајни и личните податоци, тие може да бидат изложени на правен притисок и навредливо гонење (процедури за замолчување или Стратешка тужба за јавно учество (SLAPPs)). Сепак, судовите имаат тенденција да ја поддржуваат слободата на печатот и да ги штитат новинарите. Назначен е специјален обвинител кој ќе ги води случаите на напади врз новинари, а се разгледува и отворањето на слични канцеларии низ целата земја.

Репортери без граници
Репортери без граници

Новинарството загрозено од лажни вести

Според „Репортери без граници“, најслободни се медиумите во нордиските земји, а најлоши во азиските земји.

Според извештајот за Глобалниот индекс на слободата на медиумите, кој ја оценува средината во која работат новинарите во 180 земји и територии, а кој е објавен на Светскиот ден на слободата на медиумите, состојбата е „многу лоша“ во 31 земја, „лоша“ во 42, „проблематична“ во 55, „добра“ или „прилично добра“ во 52 земји. Со други зборови, средината во која работат новинарите е лоша за седум од 10 земји, а задоволителна за една од три земји, се забележува во извештајот на „Репортери без граници“.

Во годинашниот извештај се наведува дека новинарството во 2023 година е загрозено од индустријата за лажни содржини и дека лажните содржини имаат силно влијание врз медиумите. Во дури 118 земји, испитаниците изјавиле дека политичките актери се систематски вклучени во масовни дезинформации или пропагандни кампањи. Големиот развој на вештачката интелигенција предизвикува проблеми и во медиумскиот свет.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG