Достапни линкови

Платени лајкови за Вучиќ на социјалните мрежи


Карикатура на Предраг Кораксиќ - Коракс
Карикатура на Предраг Кораксиќ - Коракс

Вработени во партијата на српскиот претседател Александар Вучиќ и државни службеници од цела Србија биле дел од мрежа која ја таргетирала домашната публика на многу интернет сервиси, како и во локалните медиуми. Целта им била да се создаде перцепција за широка поддршка за Вучиќ и за Српската напредна странка.

„Лајкот“ за претседателот на Србија, Александар Вучиќ можеби не е секогаш вистински. Барем не според тврдењата на Мета и Твитер, сопственици на најголемите социјални мрежи.

Во последниот извештај од 23 февруари, Мета, која е сопственик на Фејсбук и Инстаграм, објави дека во четвртиот квартал на 2022 година од своите платформи отстранила мрежа на координирано неавтентично однесување поврзано со владејачката Српска напредна странка(СНС).

Мрежата, како што објаснија од компанијата, била поврзана со вработени во СНС, кои работеле во нејзиниот интернет тим, и со државни службеници од цела Србија.

Според компанијата, тие ја таргетирале домашната публика на многу интернет сервиси, вклучувајќи ги Фејсбук, Инстаграм, Твитер, Јутјуб, како и во локалните медиуми.

Целта била, дополнително се прецизира, да се создаде перцепција за широка и автентична поддршка за претседателот на Србија, Александар Вучиќ и за Српската напредна странка.

Ова не е првпат компаниите кои поседуваат социјални мрежи во своите извештаи да укажуваат на неавтентично однесување поврзано со владејачката партија во Србија.

Од невладината организација Транспарентност Србија наведуваат дека Агенцијата за спречување на корупцијата и Обвинителството во Србија треба да ги истражат наводите на компанијата Мета. До објавувањето на овој текст, Радио Слободна Европа (РСЕ) нема добиено одговор од Агенцијата дали е покрената некаква постапка.

Кој ги плаќа лажните профили?

Програмскиот директор на Транспарентност Србија, Немања Ненадиќ, за РСЕ објаснува дека „ботувањето“ на социјалните мрежи и интернет порталите не е забрането според законите на Србија.

Меѓутоа, спорно е дали трошоците за ваквите активности се пријавени во Агенцијата за спречување на корупцијата, како што предвидува Законот за финансирање на политичките дејности.

Вториот, поголем проблем, како што посочува Ненадиќ е поврзан со тоа што компанијата Мета во своите извештаи навела дека за оваа работа биле ангажирани некои државни службеници.

„Тоа е многу поголем проблем и сосема јасно забрането со нашиот закон. Ако државните службеници извршуваат задачи за партијата во работно време, ако тоа го работеле по наредба на нивните шефови во општините, државните претпријатија или министерствата“, објаснува Ненадиќ.

Тој наведува и дека во вакви ситуации може да се работи за кривично дело против службената должност.

На прашањето на РСЕ кои податоци и информации Мета треба да ги достави до Агенцијата и Обвинителството, Ненадиќ вели дека е клучно кои се луѓето чии профили се избришани и дека на овој начин може да се провери дали трошоците за нивниот ангажман се вклучени во финансиските извештаи на партијата.
Ненадиќ потсетува дека по бришењето на над 8.000 профили на Твитер поврзани со Српската напредна партија во текот на 2020 година, Агенцијата за спречување на корупцијата објави истрага.

Но, до денес нема информации какви процедури се спроведени, како и дали Твитер и Српската напредна странка и дале дополнителни информации на Агенцијата за оваа тема.


Новинарите на РСЕ се обидоа да дознаат детали за овој случај од директорот на Агенцијата за спречување на корупцијата, Драган Сикимиќ, како и преку официјалниот мејл на Агенцијата.

До објавувањето на овој текст, новинарите на РСЕ немаат добиено одговори во врска со постапките што ги покрена оваа агенција во врска со бришењето на профилите од социјалните мрежи во текот на 2020 година и во текот на февруари 2023 година.

Твитер и случајот од 2020 година

На почетокот на април 2020 година, Твитер објави дека отстранил повеќе од 43 милиони објави од профилите од Србија од својата социјална мрежа.
Како што тогаш објасни компанијата, на таков чекор се одлучиле поради организираната и поддржана од владата кампања во корист на владејачката Српска напредна партија (СНС) и нејзиниот лидер, претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

„Не ме загрижува тоа. Ме поддржуваат обичните луѓе и без Твитер“, реагираше тогаш српскиот претседател Александар Вучиќ на прес-конференција.

Мета и случајот од 2021

Компанијата Мета во декември 2021 година објави дека открила повеќе платенички компании за шпионирање на корисници, новинари и политичари. Меѓу наведените земји беа и Србија и Северна Македонија.

Во извештајот не се објавени конкретни имиња на клиентите кои ги закупувале услугите на шесте компании, како ни тоа кои биле нивните мети.
Според тој извештај на Мета, израелската компанија „Когните“ имала клиенти од Србија.

Компанијата, според наводите, продавала пристап до својата платформа која овозможувала управување со лажни сметки на платформите на социјалните медиуми, вклучително Фејсбук, Инстаграм, Твитер, Јутјуб и ВКонтакте (ВК) и други веб-локации на луѓе кои се занимаваат со социјално инженерство и собирање на податоци.

Истрагата на Мета откри клиенти на компанијата во Израел, Србија, Колумбија, Кенија, Мароко, Мексико, Јордан, Тајланд и Индонезија.

Според извештајот, новинари и политичари ги изнајмувале услугите на оваа компанија.

Компанијата Мета, според извештајот, отстранила 100 профили на оваа израелска компанија на Фејсбук и Инстаграм кои биле користени за комерцијално шпионирање на корисниците.
РСЕ потоа ја контактираше израелската компанија, но таа не беше достапна за коментар. Српското Министерство за внатрешни работи тогаш не одговори на прашањата на РСЕ.

Твитер и случајот од 2022 година

Во август 2022 година, компанијата Твитер ги суспендираше профилите на десетици сегашни и поранешни пратеници и политичари на владејачката Српска напредна партија во Србија, како и на еден владин функционер.

Меѓу суспендираните беше и профилот на Арно Гујон, директор на Дирекцијата за соработка со дијаспората и Србите во регионот, кој на таа функција беше именуван во 2020 година од Владата на Србија.

Твитер ги суспендираше и профилите на 13 членови на Српската напредна партија, предводена од српскиот претседател Александар Вучиќ.

Твитер суспендираше и одредени високи членови на СНС.

Истиот ден, компанијата Твитер изјави за РСЕ дека во случај на суспендирани сметки од Србија, по грешка презела присилни мерки.

Мета и случајот од 2023 година

Во најновиот извештај на Мета од февруари 2023 година, Србија се најде во група со Куба и Боливија.

Мета истакна, дека и во претходните извештаи за закани, укажала на порастот на домашното влијание, кое е особено загрижувачко кога се комбинираат техниките на измама со вистинската државна моќ.

Трите мрежи на координирано неавтентично однесување што компанијата ги отстрани во четвртиот квартал на 2022 година, во Србија, Куба и Боливија, го продолжија тој тренд и беа на некој начин поврзани со владите или владејачките партии во нивните земји.

„Секоја имаше за цел локалното население за да ја пофали владата и да ја критикува опозицијата“, велат од компанијата.

Операцијата, како што се наведува, се потпирала на поединци ангажирани од цела Србија. СНС јавно не ги коментираше наводите на Мета.

Истиот ден реагираше и опозицијата во Србија која побара да се покрене истрага.

XS
SM
MD
LG