Достапни линкови

Tуристичката и градежната сезона се поклопија на „Пријателство“


Патарина
Патарина

Туристичката сезона кога автопатот „Пријателство“ е најфреквентен не го спречи Јавното претпријатие за државни патишта да рехабилитира две делници. Објаснувањето е дека сега е најпогодно време за градење. Во меѓувреме наплатата од патарини е највисока во летните месеци, а ЈП не се откажува од неа.

Максимум петнаесетина минути подолго ќе патувате од Петровец до Демир Капија, каде се наоѓаат двете точки на автопатот „Пријателство“ на кои во моментов има градежни работи па се вози по една коловозна лента. Ова е според мерењето на ЈП Државни патишта кои во моментов рехабилитираат вкупно 25 км автопат. Делницата Петровец – Катланово во два правци во должина од вкупно 10 км и Демир Капија – Неготино во еден правец - 15 км.

Самите признаваат дека градежните работи се во ек на туристичка сезона кога е најраздвижено кон и од Грција, но велат дека така мора да биде.

Факт е дека градежната и туристичката сезона се поклопуваат бидејќи и ние и градежните фирми кои работат на сите наши патишта зависат од доброто време и условите за работа. Токму затоа, нам ударна сезона ни е пролет-лето-есен и тоа ако имаме дождлива пролет како оваа е исто така проблем бидејќи најважните градежни активности можат да се одвиваат само на суво време. На пример вие не можете да асфалтирате ако врне или ако е влажна подлогата. Си има процедура на градба на патишта која си ја следат градежните фирми“, велат од Јавното претпријатие за државни патишта.

Два проекти на Јавното претпријатие за државни патишта за рехабилитација односно поправка на коловозот го отежнуваат транзитот на и онака оштетените делови од автопатот Е – 75. Првата рехабилитација со проширување започна во јули 2020 – та на делницата Петровец – Катланово и обратно.

Градежната фирма „Бетон“ беше изведувач на работите, но бидејќи не го испочитува рокот, договорот се раскина. Спорот меѓу него и јавното претпријатие ќе го решава меѓународна арбитража. Бидејќи проектот е финансиран од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за 10 км пат се бараше нов изведувач, но мораше да се почитуваат сите побарани процедури од банката, велат од претпријатието.

„ЕБОР имаат свои процедури за да се спроведе договорот кога финансираат одредени проекти. Според процедурите динамичкиот план на изведување на работите, почитувањето на спецификациите за изградба, односно употребените материјали во градба, рокот на извршените работи, како и процедурите во кој случај се предвидува раскинување на договорот, се прецизни и обврзувачки. Токму затоа, договорот потпишан со Бетон наша обврска беше да се раскине“, велат од претпријатието.

Автопат „Пријателство“ - поправки и патарини
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:04 0:00

Сега изведувач на работите на делница од 10.7 км, Петровец- Катланово и обратно е турската компанија МАКИМСАН , а ревитализацијата и проширувањето чини 6 милиони 366 илјади евра со рок на изведба до декември 2023. На втората точка каде изведувач на работите на делница од 15 км, Демир Капија – Неготино е ЕСКАВАТОРИ МК ДООЕЛ, ревитализацијата ќе чини 9 милиони евра, рокот за работа е до мај 2024 година.

Државата не се откажува од патарините, наплатите највисоки во август

Деновиве на патарините веќе е гужва, а најзабележливи се туристите од Србија кои одат кон посакуваните туристички дестинации во Грција. Бројчаникот на патарините од минута во минута ја зголемува сумата, но колку вкупно ќе биде ќарот за ЈПДП во туристичката сезона ќе се знае по нејзиното завршување. Но, Радио Слободна Европа ги спореди до сега собраните пари во изминатите три години, па евидентно е дека јуни, јули и август се најбериќетни.

Инфографика - Наплата на патарина на автопатот „Пријателство“ во 2020, 2021 и 2022 година
Инфографика - Наплата на патарина на автопатот „Пријателство“ во 2020, 2021 и 2022 година

Вкупно ЈПДП во последните три години на автопатот „Пријателство“ од патарини биле наплатени 18.584.000 евра во 2020 година, 26.335.000 евра во 2021 и 32.212.000 евра во 2022 година. Но, низ годините дури една третина од парите се наплаќани во само три месеци од годината и тоа се летните јуни јули и август. Во тие три месеци од 2020 биле наплатени 4 милиони и 900 илјади евра, во истите месеци во 2021 биле наплатени 8 милиони и 663 илјади евраи 11.600.000 евра во јуни, јули и август 2022 година.

На околу 150 километри пат од Скопје до Гевгелија има пет патарини за кои во еден правец ќе треба да платите 360 денари.



Заеднички „таг“ за Македонија и Србија за наплата на патарини

Од почетокот на месецов започна да функционира и заедничкиот „таг“ за граѓаните на Србија кои транзитираат низ Македонија и обратно, за македонските граѓани на патарините во Србија. Од ЈП за државни патишта велат дека ова значи дека на овој начин ќе се олесни патувањето низ земјите од иницијативата Отворен Балкан иако функционира само на патарините каде има воведено електронска наплата во земјава. М-Таг купен во Македонија може да се употреби во Србија што значи дека нема да се запира на тамошните патарини.

„Се што треба да сторите е се регистрирате на официјалната страница www.openbalkan-etc.com/mk/tag-registracija на која сега има опција и за избор на јазик, односно, регистрацијата да ја направите на македонски јазик. Оние граѓани што веќе имаат М-таг сега ќе треба само да се регистрираат и да го внесат серискиот и верификацискиот број на купениот таг. Наскоро ќе има и опција за избор на албански јазик за регистрација која е во подготовка, велат од ЈПДП.

За дополнителни информации од претпријатието велат дека постои и упатство кое ќе помогне при регистрацијата и може да се најде на следниот линк Images/Open Balkan – корисничко упатство.pdf (roads.org.mk).

Инаку, во земјава продажни места за електронскиот уред се наоѓаат на наплатните станици кои функционираат со електронска патарина, во дирекцијата на претпријатието која се наоѓа во центарот на Скопје како и на контролниот центар Петровец.

  • 16x9 Image

    Билјана Николовска

    Билјана Николовска како новинар започнува да работи во локална радио станица, а кариерата ја продолжува во националната ТВ Телма од 2006 – 2023 год. Добитник е на награда за најдобар дописнички прилог, и на повеќе награди за истражувачки стории доделени од домашни новинарски организации како и од Европската Унија. Автор е на документарен филм  и серија стории кои откриваат корупција, организиран криминал и нарушување на човековите права. Како истражувачки новинар за Радио Слободна Европа започна да работи во мај 2023 година.

XS
SM
MD
LG