Уставните измени за промена на името во Северна Македонија во Собранието поминаа на 11 јануари 2019, по што се очекуваше и да се започне со издавање на лични документи со новото име, а рокот согласно Преспанскиот договор со Грција за оваа обврска истекува на 12 февруари 2024 година, до кога и сите граѓани ќе мора да ги извршат овие промени.
Во периодот пак по 11 јануари 2019 година се до август 2021 година државата продолжи да издава пасоши со „Република Македонија“, наместо со новото име „Република Северна Македонија“.
Токму во тој период, односно на 4 април 2021 година лична карта со старото име на државата му била издадена на Атанасиј Методијевски Карадакоски, кој за РСЕ вели дека сега е принуден повторно да врши промена на личната карта за да добие нов важечки документ и по февруари 2024.
Граѓанска преставка
Според Карадакоски, грешка направиле институциите.
„Знаеме дека уставните измени беа изгласани на 11 јануари 2019 година и веќе по еден месец тие одлуки излегуваат во Службен весник. Кога сетоа тоа ќе се објави во Службен весник, еден месец по седницата на 11 јануари, во правосила е употребата на новото име на државата. Ова значи дека не е законски на 4.5.2021 година да ми биде издадена лична карта со старото име и сега повторно од мене да се бара да вадам нова лична карта за туѓа грешка, во овој случај на институциите“, објаснува Карадакоски.
Атанасиј за ова поднел и претставка до Народниот правобранител, а вели ќе бара од МВР да му биде издадена нова лична карта со новото име на државата на нивен трошок.
„Сметам дека МВР имала доволен период да се подготви за печатење на новите документи и за тоа да ме информира навремено. За овој случај пред неколку дена поднесов и претставка до Народниот правобранител, а ќе барам МВР да ми испечати и издаде нова лична, односно на нивен трошок да си исправат грешката што ја тие ја имаат направено“, вели Карадакоски.
Тој вели дека добил одговор оти претставката е примена, но се уште не знае како ќе се постапува по неа.
Што вели законот?
Од Здружението на млади правници на прашањето дали државата незаконски издавала лични документи со неуставното име на државата цели две години, се повикуваат на документ од Собранието изработен токму на 11 јануари 2019 година, каде во уставниот закон за спроведување на амандманите во член три стои дека државата има рок од пет години да ги комплетира овие промени.
„Постоечките официјални документи и материјални на јавната администрација за меѓународна употреба и документите за внатрешна употреба може да се користат надвор од државата, ќе се усогласат со Амандманот XXXIII најдоцна во рок од пет години од нeговото влегување во сила“, се вели во документот.
Ниту една институција или суд во државата досега не реагирале затоа што Министерството за внатрешни работи, односно Владата две години откако беа изгласани уставните измени за промена на името во Република Северна Македонија, издаваа лични документи на граѓаните со старото име „Република Македонија“.
И плаќањето е проблем
Освен задолжителната промена на важечките документи која мора да се изврши до 12 февруари следната година граѓаните мораат за тоа самите да платат. Но сега граѓаните за нив плаќаат и повисока цена, откако Владата во март донесе таква одлука.
Во јавноста веднаш се појавија бурни реакции зошто граѓаните да плаќаат за промена на личните документи кога тоа е обврска на државата, и тоа по повисока цена, а критики за тоа упати и народниот правобранител Насер Зибери.
„Бидејќи Владата се иззема од овие финансиски импликации, по се изгледа таа и не се занимавала со овие прашања. Имено, Владата во име на граѓаните ја потпиша Спогодбата, а потоа и Собранието како претставнички дом на граѓаните со закон ја ратификуваше истата, а потоа и го смени Уставот со што произлезе и обврската за усогласување на личните исправи на граѓаните со претходните донесени одлуки. Затоа сметам дека Владата требаше да расправа и да донесе соодветни заклучоци за тоа дали е исправно и правично трошоците предизвикани од овие одлуки да одат на терет на граѓаните“, изјави Зибери во мај за РСЕ.
И според Борче Давитковски, професор на правниот факултет во Скопје ова е обврска која треба да ја плаќа државата, а не уставен и оценува дека ова може да биде оспорено пред Уставен.
Точно дека не е евтино за државата, промената на документите чини многу пари, ама, еве, државата ќе гради автопати и ќе плати најмалку 500 милиони евра од парите на даночните обврзници само за експропријација на приватен имот. Ако има толку за експропријација, веројатно има и за документите, што секако е државна, а не граѓанска обврска. Ова може да се оспори на Уставен суд, но секако и судот сам би требало да реагира – изјави професорот Давитковски за Слободен печат.
Согласно покачените цени, пасошите сега чинат 500 денари повеќе за возрасните граѓани над 27 години, што значи дека за еден пасош ќе треба да се плати 2.300 денари.
Промената на сите документи за едно четиричлено семејство со двајца возрасни и две малолетни деца ќе чини околу 180 евра. Освен пасош, со покачените цени треба да дадат по 310 денари за лична карта, 520 денари за една возачка дозвола, 250 за сообраќајна дозвола и 1.250 денари за промена на таблички за еден автомобил.
Цените на пасошите за деца се исти - 1600 денари, а за деца од 4 до 18 години цената е 1700 денари. Возачка дозвола по итна постапка изнесува 1.230 денари што е зголемување за 390 денари.
Нема казни за оние што нема да ги променат личните карти во рокот
И покрај тоа што се предвидуваа казни за оние кои до 12 февруари следната година нема да успеат да ја променат личната карта, пасошот или возачката дозвола, сепак министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека тоа нема да се случи.
Спасовски потенцираше дека ќе нема проблеми во навременото вадење нови документи, а нема да се воведат ниту казни.
Тој рече и дека досега се променети околу еден милион пасоши.
„Патни исправи имаме променето веќе околу 1.000.000, над 800.000 лични карти и други лични документи. Со ваква динамика, со несмалено темпо на работа, во две смени, работа за време на викенд итн. ќе направиме се за да успееме да постигнеме да се заврши целиот процес во најдобар можен ред“. изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за медиумите.
Според Спасовски, до 2019 година најголемата побарувачка за промена на документи била во јуни, јули и во август и не поминувала над 23.000. Лани во овие три месеци имало над 50.000 барања, колку што е и годинашната бројка.
Поради големите гужви на шалтерите при МВР за промена на лични документи истите работат и викенди, со цел сите граѓани да можат да ги добијат овие услуги.
Два преодни периода според Преспанскиот договор
Според Преспанскиот договор, земјава се обврза на два преодни периода во однос на издадените постоечки документи и материјали - еден „технички“ и еден „политички“:
„Техничкиот“ преоден период значи дека сите официјални документи и материјали на јавната администрација за меѓународна употреба и за документите за внатрешна употреба, но и оние кои може да се користат и надвор од државата, нивната важност треба да се обновува во согласност со новото име.
„Политичкиот“ преоден период се однесува на сите документи и материјали, коишто се исклучиво за внатрешна употреба. Во текстот од Договорот се вели дека Издавањето на ваквите документи и материјали кои се опфатени со оваа категорија во согласност со членот 1, став 3, ќе започне при отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со Европската унија и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш.