Достапни линкови

 
Земјоделците се жалат на државата, граѓаните - на цените на овошјето и зеленчукот

Земјоделците се жалат на државата, граѓаните - на цените на овошјето и зеленчукот


Зеленчук - фото архива
Зеленчук - фото архива

Според податоци од Националната земјоделска мрежа, годинава се очекува зголемено производство на градинарски култури за 20 до 30 отсто, но тоа не значи и дека овошјето и зеленчукот ќе поевтинат. Министерството за земјоделство ќе ги спојува земјоделците директно со маркетите, за да се избегнат посредниците во синџирот поради чиј ќар цената оди нагоре.

Земјоделците ја почнуваат бербата на пролетната зелка додека граѓаните се жалат на високите цени на овошјето и зеленчукот во маркетите и на зелените пазари. Годинава, во Струмица со зелка е засадена двојно поголема површина од лани, но нема гаранција дека поголемата понуда ќе ја намали и цената што стигна и до 70 денари за килограм.

„Се е скапо. И доматите, краставиците, пиперките, килограм стигна до 170 денари. Една салата стана луксуз“, вели скопјанката Љубица.

Според податоци од Националната земјоделска мрежа, годинава се очекува зголемено производство на градинарски култури за 20 до 30 отсто. Но, тоа не значи дека овошјето и зеленчукот ќе поевтинат во следните месеци, бидејќи колку ќе се произведе на крај, ќе зависи и од климатските фактори.

„Проблемот е што немаме државна стратегија за земјоделството, владее хаос. Во периоди кога имаме хиперпродукција на одреден производ, државата го увезува од надвор. Поради отсуство на државна стратегија, една година имаме многу големо производство, а другата година дефицит. Најголема е осцилацијата кај градинарските култури, што се и најбарани на пазарот. Со таков систем на производство и на продажба, мислам дека цените нема да се намалат“, вели Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа, за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Најголем проблем за земјоделците е што не знаат дали ќе го продадат производството и по која цена, додека државата увезува овошје и зеленчук „многу понеквалитетни од домашните“, како што вели Каракашев.

Од нива во маркети

Министерството за земјоделство ќе ги спојува земјоделците директно со маркетите, за да се избегнат посредниците во синџирот поради чиј ќар цената оди нагоре. Ова го најави министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, во одговор за РСЕ за високите цени на градинарските производи.

Цветан Трипуновски, министер за земјоделство
Цветан Трипуновски, министер за земјоделство

„Мислам дека тоа е клучат за поевтини производи на полица. Сега секој производ се купува, на граница на рентабилност со заработувачка од 20-30 отсто. Истиот производ кога ќе го купите во маркет е многу поскап. Има една сериозна задруга во Струмица, која има 20-тина кооперанти, произведуваат градинарски производи, веќе работиме на тоа како нив да ги споиме директно со крајниот дистрибутер, тоа се маркетите. Тие што се помеѓу, транспортери, прекупци, како и да ги наречеме, ќе ги нема во синџирот“, изјави Трипуновски за РСЕ.

Тој очекува да наиде на отпор бидејќи станива збор за „голема група“.

„Еве, сега јаболкото во Ресен е сериозен удар под тие што се такви трговци, кои практично го јадат ќарот на граѓаните. Ќе се обидеме со оваа задруга од Струмица која е сериозна, произведува неколку градинарски производи, по квантитет се моќни да произведат, сега останува да ги споиме со другата страна. Мислам дека само тоа е клучот. Затоа и ние во наредната година ќе дадеме повеќе пари и ќе објавиме повици за земјоделски задруги. Тоа се неколку активности на кои во позадина се работи доста, за некои треба и законски измени, правилници..“, рече Трипуновски.

Во февруари, Владата ги ограничи маржите на околу 100 групи производи кои претходно се најдоа во есенската и новогодишната кошница. Исто така, им препорача на маркетите транспарентно да ги објавуваат цените на дневна основа.

Ограничувањето на маржите трае до крај на април.

Морална, но не и законска обврска за трговците

Во Северна Македонија нема „квота“ што домашните маркети треба да ја исполнат - на полица задолжително да имаат одреден процент домашни производи.

„Ние како трговци на мало имаме пред се општествена,а секако и морална
обврска да продаваме домашни производи. Не само што продаваме, туку
секојдневно се стремиме за зголемување на ефикасноста на соработката со
домашните производители. Заради наведената желба и интенција за поголема
ефективност на оваа соработка,на мислење сум дека нема потреба од ваква
законска обврска,што во моментов секако ја немаме“, вели Драган Иванов, директор на СИЗ ЛКА, асоцијација што обединува 145 локални маркети.

Градинарски производи најчесто набавуваат од пазарите на големо. Одредена количина се надополнува од увоз.

„За производи кои многу ретко (скоро никогаш) не сме ги увезувале,се соочуваме со зголемени цени оптоварени со дополнителни транспортни и останати трошоци. Цената на градинарските производи во нашите маркети е
зголемена само заради трендот на пазарните цени и зголемената
влезна/набавна цена. Ние како последна алка во синџирот на снабдување
немаме никакво влијание на цените на полица“, вели Иванов во одговорот за РСЕ.

Квоти се спомнуваат за странските трговци што влегуваат во земјава - на пример, премиерот Христијан Мицкоски лани во август, по средба со менаџментот на „Лидл“, рече дека очекува најмалку 50 отсто од производите во „Лидл“ да бидат македонски.

Германскиот синџир „Лидл“ во 2021 година регистрираше компанија во Северна Македонија, но маркетите уште не се отворени. И покрај тоа што компанијата уште не е оперативна, во 2024 преку мрежата на „Лидл“ е реализиран извоз на македонски производи вреден 5 милиони евра, во три земји од регионот - Србија, Бугарија и Хрватска.

Според Каракашев, земји од регионот на различни начини им помагаат на земјоделците. Во Грција, на пример, малопродажните синџири се обврзани да понудат најмалку 50 отсто локални производи во одредени категории за да обезбедат стабилен пазар за грчките земјоделци. Државата ги поддржува малите трговци кои продаваат главно грчки производи. Има и даночни олеснувања за земјоделци кои ги продаваат своите производи директно на пазарите.

Бугарија изработува нов закон за земјоделство и рурален развој, кој регулира дека секој земјоделски производ мора да има утврдена производна цена. Трговците мора да склучат договори со земјоделците во кои се обврзуваат да ја покријат производната цена и да има минимум 50 отсто заработка за земјоделците. Ниеден откупувач не смее да откупува без договор за количина и за цена.

Како дa се заштити домашното земјоделско производство?

Професорката Даниела Мамучевска од Економскиот факултет во Скопје вели дека обврзувачки клаузули обично се ставаат кај откупувачите и дистрибутерите на земјоделски производи - тоа не се мерки засновани на пазарни принципи, целта е само да се намалат проблемите во пласманот на домашното производство.

„Тоа за што треба да се зборува и е битно за македонската економија е развој на нов модел на производство -откуп-дистрибуција – продажба на земјоделските производи. Домашниот потрошувач преферира да купи земјоделски производ од домашно производство, од домашно автохтоно семе и со препознатлив вкус. За жал, голем проблем е тоа што домашното производство, заради лошата промоција и пласман, го нема на домашните трпези. Од друга страна, квалитетот во производството на овошјето и зеленчукот треба да се подобрува преку контролирана и правилна употреба на пестицидите и другите вештачки препарати во производството на овој вид на храна. Ова претпоставува и поголема контрола на исправноста на увезените зеленчук и овошје“, вели проф.д-р Мамучевска.

Според неа, производите со лош квалитет обично се со ниска цена и како такви креираат нефер конкуренција врз домашното земјоделско производство. Заради тоа, потребна е засилена проверка на квалитетот на увезените земјоделски производи, сериозни реформи во земјоделското производство, создавање на услови за негова модернизација, јакнење на конкурентноста на земјоделските производи, воведување на нови модели на откуп и пласман за производите.

„Вештачките ограничувања во понудата на земјоделските производи и примена на мерки кои не почиваат на пазарните принципи и логика, не може да креираат одржлива „заштита“ на домашното земјоделско производство. Само со мерки кои поттикнуваат создавање на конкурентен земјоделски сектор и конкурентен производ може да се обезбедат услови за заштита на земјоделците и граѓаните“, вели проф.д-р Мамучевска.

Северна Македонија увезла храна за 1,1 милијарда евра во 2023, а извезла за 720 милиони евра, покажуваат статистичките податоци. Покриеноста на увозот со извоз во земјоделството се намалува од 75 отсто во 2020 година, на 66 отсто во 2023 година.


XS
SM
MD
LG