Државниот пазарниот инспекторат (ДПИ) неделава прави масовни проверки со цел свој капацитет од над 100 инспектори, дали маркетите и продавниците ја почитуваат мерката за ограничување на маржите. Истовремено, во тек е постапка на Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) која утврдува дали четири големи маркети заедно со Сојузот на стопански комори (ССК) се договарале да влијаат врз цените.
Комисијата за заштита на конкуренцијата за Радио Слободна Европа потврди дека се води постапка против четири компании за наводно „картелско договарање“. Овие компании можат да се соочат со казна до 10 проценти од нивниот приход остварен во претходната година, што би значело десетици милиони евра.
Порталот „Само Прашај“ објави документи кои покажуваат дека Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) месецов започнала две прекршочни постапки:
Првата од 20.02.2025 е за четири големи маркети – ВЕРО, Тинекс, КАМ и Рептил – заедно со Сојузот на стопански комори (ССК), кои како што е наведено во документот „склучиле забранет договор за влијание врз цените“, што според Комисијата претставува нарушување на конкуренцијата.
Втората од 21.02.2025 година е само против Сојузот на стопански комори поради доставувањето на неточни, нецелосни или податоци кои можеле да ја доведат во заблуда Комисијата за одлучување по прекршок. За тоа ССК може да биде казнет со 1 отсто од приходот.
Комисијата на 20 февруари соопшти дека направила контрола во просториите на фирмите, каде извршила увид во документацијата и во средствата за електронска комуникација, при што пронашла докази дека компаниите донеле незаконита одлука и јавно ја објавиле.
„Контролираните субјекти спротивно на Законот за заштита на конкуренцијата донеле забранета одлука односно се договориле дека ќе делуваат усогласено и нема да набавуваат стоки од добавувачи кои ќе достават нови ценовници за нивните производи, поради што е поведена прекршочна постапка“, наведува Комисијата во соопштението.
Колку мерките ќе имаат ефект?
Истрагата Комисијата за заштита на конкуренцијата ја отвори неколку дена откако Владата на 18 февруари ги донесе новите мерки за ограничување на маржите со кои истовремено најави ригорозни казни во услови на континуиран раст на цените.
Но, економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ смета дека мерките на Владата и најавените строги контроли нема да доведат до намалување на цените, бидјеќи според него, вакви ограничувања на маржите биле воведувани и претходно, дури и на пониско ниво, но без никаков ефект.
Причината, објаснува тој, е што контролата на маржите е сложена и „не може да се изврши само со проверка на цените, туку бара длабинска анализа на фактурите и сметководството на фирмите“, вели тој.
Државните институции, додава Јовановиќ, немаат доволно капацитет за такви проверки, особено сега кога мерките опфаќаат околу 1.000 производи. Јовановиќ смета и дека Владата е свесна за ова, бидејќи во минатото ги критикувала истите мерки кога ги спроведувала претходната власт.
Сепак, според него, суштинската цел на Владата не е да ги намали цените, туку да создаде привид дека презема нешто, за да ја намали критиката од јавноста.
ДПИ најавува строги контроли
Државниот пазарен инспекторат со 50 инспекторски тимови во текот на оваа недела на терен проверуваат над 1.000 малопродажни објекти дали го почитуваат ограничувањето на бруто профитната маржа.
„Инспекцијата ќе биде сеопфатна“, изјави директорот на Инспекторатот, Влатко Стојковски, за Радио Слободна Европа.
Тој вели дека ќе биде ангажиран целосниот капацитет на Инспекторатот од над 100 инспектори, кои ќе контролираат сè – од големи маркети, мали продавници, тобако дуќани и пиљари, до бензински пумпи и аптеки.
Ќе се проверува дали се почитува ограничувањето на маржите на 102 групи производи, што опфаќа повеќе од 1.000 основни прехранбени и непрехранбени артикли, одлука што ја донесе Владата на 18 февруари.
„Целта ни се добавувачите, увозниците и производителите. До петок или сабота ќе ги имаме првите резултати, а потоа следува детална анализа. Ќе споредиме дали цените што ги гледаме како потрошувачи соодветствуваат со законските маржи од 5, 10 или 15 проценти. Инспекторите ќе работат и за викенд – ангажирани сме како никогаш досега. Од следната недела ќе биде јасно дали ќе има казни“, вели Стојковски.
А казните се сериозни, според новите законски одредби, кои предвидуваат од парични казни во износ од 500 до 10.000 евра, па сè до затворање на објектот до 15 дена.
Опозицијата бара намалување на ДДВ-то
Премиерот Христијан Мицкоски најави контроли во супермаркетите по координацијата со министерот за економија, заменикот, претседателот на Комисијата за заштита на конкуренцијата и директорот на Државниот пазарен инспекторат, во врска со цените во маркетите.
Оваа најава следи по реакциите на граѓаните за високите цени и бојкотот на супермаркетите.
Мицкоски истакна дека два ланци на маркети, кои според некои информации можеби ги изигруваат законите, ќе бидат подложени на ригорозни контроли во наредните денови. Освен маркетите, и други трговски објекти ќе бидат предмет на вакви инспекции, додаде тој.
Од друга страна, опозицијата смета дека високите цени можат да се ублажат со намалување на ДДВ-то за струјата и основните прехранбени продукти. Поради тоа, поднесе предлог-закон во Собранието со кој ДДВ-то за електричната енергија би се намалило од 18 отсто на 5 проценти, а за основните прехранбени производи од 5 проценти на 0 отсто, барајќи поддршка за негово усвојување.
Пратеникот Фатмир Битиќи рече дека ова е системски одговор на растечката скапотија и предупреди дека секое одложување на мерката ќе значи дополнителен финансиски товар за граѓаните.
Се бара поголема транспарентност од маркетите
Во меѓувреме, Собранието на 25 февруари донесе измени на Законот за заштита на потрошувачите со кои очекувањата се да има зголемена транспарентност на цените во маркетите, подобрена конкуренција и потенцијално намалување на цените на производите.
Новите одредби ја обврзуваат малопродажната индустрија, вклучувајќи мали, средни и големи трговци, да ги објавуваат цените на своите производи на веб-страниците, што ќе овозможи потрошувачите да бидат подобро информирани и да имаат лесен пристап до релевантни информации.
Трговците кои располагаат со повеќе од еден продажен објект ќе мора да ги објавуваат цените поединечно за секој објект. Законските измени предвидуваат и казни за трговците кои нема да ги почитуваат овие обврски, како и за оние што ќе ги игнорираат овластувањата на државните пазарни инспектори.