Достапни линкови

 
Бојкот, кошничка или закон - што ќе ги спаси граѓаните од скапотијата?

Бојкот, кошничка или закон - што ќе ги спаси граѓаните од скапотијата?


Илустрација
Илустрација

Граѓаните преку социјални мрежи организираат бојкот на маркетите, по примерот на Хрватска. Премиерот Мицкоски „го разбира повикот за бојкот“, додека државата бара решение во законот за нефер трговски практики. Но за граѓаните цените и натаму се нереални, а основните прехранбени производи се се поскапи. Се чека и следната празнична кошничка.

Владата очекува стабилизација на цените на производите, а тоа на долг рок би требало да го издејствува со помош на Законот за нефер трговски практики.

Според Министерството за економија, намалување на цените во дел ќе влијае за стабилна инфлација и со тоа ќе се подобри животниот стандард на граѓаните. Сепак од таму признаваат дека овој Закон за нефер трговски практики директно не ги регулира цените, а очекуваат само индиректно да влијае врз нив.

„Овој закон не е само за заштита на производителите, добавувачите и трговците, туку пред се за заштита на стандардот на граѓаните, бидејќи сето тоа на крајот се однесува на цената на крајниот производ. Иако овој закон не е поврзан со цените и со купувачите, индиректно влијае врз цените и врз купувачите“, велат за РСЕ од Министерството за економија.

Граѓаните со кој разговараше Радио Слободна Европа слушнале за законот, но и ним не им е до крај јасно како ќе им помогне.

„Слушнав дека веќе се спроведува, но искрено не ми е јасно на што точно се однесува. Сепак последниве денови кога ќе влезам во маркет, имам впечаток дека сите цени се повисоки од новогодишните и не можам да излезам од таму без да потрошам 2 илјади денари и тоа само за основни продукти“, вели Викторија Н.

„Сметам дека ништо нема да се реши со овој закон. Мислам дека треба државата да најде поригорозно решение кое директно ќе влијае врз цените“, вели Зоран Ј.

Законот за нефер трговски практики стапи на сила на 28 септември, кога беше краен рок трговците да ги усогласуваат договорите за снабдување меѓу добавувачите и производителите. Во нив трошоците за рабат и други маркетинг трошоци се ограничени на 10%, а кои, според досегашната пракса изнесувале од 20% до 35%.

Токму ова, според Министерството индиректно ги зголемувало малопродажните цени на производите.

Функцијата на рабатот е да го заштити производителот од неконтролирано зголемување на цената од страна на трговецот. Рабат е разликата во набавната и продажната цена што ја одредува производителот и често малопродажната цена е означена на амбалажата на производот. Во тој случај трговецот не би смеел да ја зголемува цената. Но, праксата покажува нешто друго. Поради подреденоста на производителите да реагираат, трговците над рабатот ставаат и маржа.

Комисија за заштита на конкуренцијата ќе суди кој не го почитува законот

Законот предвидел дека контролата за нефер трговски практики, а такви утврдени се 26 , ќе ја има Комисијата за заштита на конкуренцијата. Во него е предвидено прекршочна постапка да отвори Комисијата по службена должност или по барање на физичко или правно лице.

Таа за секој предмет ќе треба да собира докази и доколку утврди прекршок тогаш да одреди колкава ќе биде казната. Пропишаните казни зависат од видот на прекршокот и големината на фирмата и варираат од 50 до 20.000 евра за потешките прекршоци.

Незадоволните од одлуката на Комисијата можат да одат на спор пред Управниот суд. Од Комисијата не откриваат од примената на законот од 1 јануари па се до сега колку прекршочни постапки се отворени и дали некој е казнет.

„Комисијата со моментално расположливите капацитети досега успеа да одговори на сите пристигнати прашања од сите засегнати субјекти, а во тек е доекипирање на стручната служба во Секторот за нефер трговски практики. Доказите може да бидат доставени до Комисијата за заштита на конкуренцијата, прибавени со писмено барање за податоци и информации како и преку вршење на увид на лице место во одредени правни субјекти“, одговорија од Комисијата за РСЕ.

Комисијата за заштита од конкуренцијата нема да биде инспекциски орган и да оди на терен за да утврдува туку ќе работи по пријави. Од 18 декмеври 2024 година таа има нови членови и претседател кој ги избра Собранието. За претседател ја назначи Малинка Силјановска Николиќ, а за членови пак се избрани Борче Размоски, Александар Тргачевски и Никола Трајчевски.


Власта се надева на законот, граѓаните организираат бојкот на маркетите

Од вчера на социјалните мрежи беа создадени групи преку кои се повикуваат граѓаните да ги бојкотираат маркети и да не купуваат производи барем на еден ден. Според една од групите тоа би требало да се случи овој петок на 31 јануари, кога се повикуваат граѓаните да не пазаруваат од големите маркети тој ден.

„ Стоп за високите цени на храната по маркетите, стоп за огромниот профит на поединци врз грбот на народот. Да се здружиме сите заедно бидејќи нема кој да не заштит“, се вели во фејсбук групата БОЈКОТ!!!СТОП ЗА ВИСОКИТЕ ЦЕНИ НА ХРАНАТА!!!

Администраторот на групата Михајло Ќурчиески во изјава за РСЕ вели дека ова е чисто граѓанска иницијатива, дека досега добиле огромна поддршка бидејќи граѓаните се на осиромашената страна наспроти, маркетите кој енормно се богатат.

„Очекувањата се едноставни, цената на храната а особено на основните продукти да се намали и да се стави контрола на маржите што ги ставаат маркетите од ракав. Плаќаме најскапа храна во Европа ако се направи сооднос со примањата кои ги имаме и сумата која месечно ја издвојуваме за храна“, вели Михајло Ќурчиески.

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека во зголемувањето на цените кај одредени маркети, Владата, гледа напад врз стандардот на граѓаните. Најави контрола на „сомнителните“ маркети.

„Според информациите со кои располагаме, имаме отприлика околу 20 000 коминтенти по ланец суперакети и ќе треба длабоко да се навлезе за да видиме дали постојат вакви индиции. Но, истовремено и други трговски објекти ќе подлежат на ваков тип контроли зашто стандардот на граѓаните е наш приоритет и ние ќе сториме се како Влада за да го заштитиме“, вели Мицкоски.

Од Организацијата за потрошувачите велат дека Владата мора итно да преземе реални мерки со кои ќе се намалат маржите на производите.

„Граѓаните го трпат овој товар на пазарот каде има девијантни појави каде Комисијата нешто прави ама и не може многу да направи за тоа што нема институционален капацитет, а инспекторатот не е надлежен за законот. Мора да се зајакне Комисијата и ќе да и се овозможи да не се грижи само за односите бизнис кон бизнис, туку да биде надлежна и за односот на бизнисот кон потрошувачите. Второ и уште побитно е што Владата уште денес треба да седне и да преземе мерки за ограничување на маржата“, вели Маријана Лончар Велкова, претседател на Организацијата на потрошувачите.

Инаку, според податоците од Централниот регистар за 2023 година, дел од најголемите ланци на маркети се наоѓаат во првите топ 100 компании по приходи и добивка.

Најголем приход во 2023 година остварил КАМ со 270 милиони евра, а најголема добивка имал Веро 10 милиони и 430 илјади евра. Така добивката на ВЕРО е во раст од 12,8 насто во споредба со 2022 година. По приходи втор е Киппер, а трет Стокомак, додека по добивка водат КАМ и Киппер.

Во Хрватска почна бојкотот, балканските земји ја следат

Потрошувачите во Хрватска беа првите кои се вклучија во акцијата за бојкот на продавниците, трговските синџири и бензинските пумпи кој се одржа на 24 јануари и се покажа како успешен.

Платформата „Ало инспекторе“ го организираше овој начин на револт поради како што рекоа енормно високите цени. Откако оваа акција таму наиде на голем одзив, сега истата платформа бара целосен бојкот на 31 јануари, додека една недела започнувајќи од 30 јануари да не се пазарува во три трговски ланци и тоа во Лидл, ДМ и Еуроспин.

Исто така, се повикуваат потрошувачите да не купуваат на цела недела Кока кола, флаширана вода и детергенти.

И на социјалните мрежи во Босна и Херцеговина се шират повици за бојкот, а слични иницијативи се најавени и во Црна Гора и Словенија. Од вчера и во Србија, Здружението за заштита на потрошувачите „Ефектив“ ги повикува граѓаните во петок да ги бојкотира големите маркети заради монополизација на пазарот и договорените цени.

Кошнички за спас на граѓаните

Како една од мерките кои ги презема власта беше воведувањето на новогодишната кошничка со која дел од производите имаа акциски цени. Следно што се најавува е дека ваквата пракса ќе продолжи и за велигденските и рамазанските празници.

„Овие акции (потрошувачка кошница) се акции каде во временски период кога се празниците, ние како Влада задно со бизнис-комората излегуваме во пресрет на граѓаните за подобрување на животниот стандард и намалување на цените. Нормално дека ќе има и понатаму, како што е рамазанската, велигденската кошничка“, рече Министерот за економија Бесар Дурмиши, во интервју за „Радио Слободна Европа“ во декември.

Дурмиши: Ќе има и рамазанска и велигденска потрошувачка кошничка
please wait

No media source currently available

0:00 0:16:39 0:00

Но, еден месец подоцна се покажа дека на дел од производите навистина им се намалиле цените, додека други поскапеле. Така Сојузот на Синдикати на Македонија излезе со податок за зголемеми месечни трошоци и пораст на инфлацијата.

„Минималната синдикална кошница за декември 2024 година изнесуваше 62 861 денари и е за 840 денари повисока отколку во ноември годинава кога изнесуваше 62 021 денар. Со изнајмен стан од 60 квадратни метри, пак, таа изнесува 78 236 денари, соопштија од Сојузот на синдикати на Македонија

Вредноста на Синдикалната минимална кошница за храна и пијалоци за 63 основни производи кои се дел од истата за декември изнесува 23 075 денари и се зголемила за 397 денари, наместо да биде намален за најмалку 10 отсто регираа од Синдикатот.

  • 16x9 Image

    Билјана Николовска

    Билјана Николовска како новинар започнува да работи во локална радио станица, а кариерата ја продолжува во националната ТВ Телма од 2006 – 2023 год. Добитник е на награда за најдобар дописнички прилог, и на повеќе награди за истражувачки стории доделени од домашни новинарски организации како и од Европската Унија. Автор е на документарен филм  и серија стории кои откриваат корупција, организиран криминал и нарушување на човековите права. Како истражувачки новинар за Радио Слободна Европа започна да работи во мај 2023 година.

XS
SM
MD
LG