Дали трговците биле фер кон граѓаните и ќе купуваат ли производи по повисоки цени сега откако заврши новогодишната кошничка? Одговорите на овие прашања надзорот на Сојузот на синдикати ќе ги даде на 20 јануари, кога ќе бидат сумирани резултатите.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов вели дека тогаш ќе ја презентират и новата синдикална кошничка откако декемвриската порасна за 840 денари во споредба со онаа од ноември.
„На 20-ти јануари ќе имаме детална слика за тоа што се случувало со цените во изминатите 30 дена. Ќе знаеме дали дополнително трговците ги зголемиле цените на грбот на граѓаните и тогаш ќе ги имаме комплетно деталите за успешноста или неуспешноста на акцијата“, посочува Трендафилов во изјава за Радио Слободна Европа.
Синдикалците веќе од вчера ги анализираат цените, кои, како што вели синдикалниот лидер, Трендафилов на почетокот не го дале посакуваниот ефект.
„За жал, тогаш првичните ефекти не беа на задоволителното ниво. За ова имаше и соодветна реакција од Владата до трговците дека потребно е реално да се намалат цените најмалку за десет проценти имајќи предвид дека беа оставени самите да ги креираат цените кои ќе значат општествена одговорност“, додава Трендафилов за РСЕ.
Девет дена откако стартуваше новогодишната кошничка, премиерот Мицкоски јавно апелираше трговците да си го преиспитаат однесувањето бидејќи според информациите кои тој ги добил, некои драматично ги зголемиле производите што не се најдоа на листата.
„Не може тоа што на нив им беше дадено како право и можност за едни производи, сега да го надоместуваат со зголемување драматично на некои други призводи кои што ги користат граѓаните, како маслото, лебот, млекото, млечни производи, шеќер, сол, јајца и слично“, изјави тој на 24-ти декември.
Токму за да нема простор за вакви „трикови“, лидерот на ССМ, Трендафилов смета дека почестото воведување мерки за корекции на цените е неопходно.
„Меѓутоа, трговците за тоа не треба да бидат информирани за да не ги злоупотребуваат деновите меѓу периодот од креирање на новата мерка и завршување на претходната мерка поради тоа што покажаа самите дека во тој период неоправдано ги зголемуваат цените и потоа нема никаков ефект за граѓаните“, порачува тој во изјава за РСЕ.
Нема поплаки до Организацијата на потрошувачи
Сличен е ставот и на Татјана Тасевска, правен советник во Организацијата на потрошувачи. Според неа, ефектите допрва ќе треба да се согледаат, но засега смета дека граѓаните не почувствувале значителен пад на цените.
„Дел од производите поевтинија, но друг дел од производите во маркетите поскапеа. Граѓаните не почувствуваа во голема мера дека има намалување на цените на прехранбените производи туку беа принудени повторно да одат од маркет до маркет да ги бараат акциските производи, кои им беа потребни за овие новогодишни и божикни празници“, нагласува Тасевска за Радио Слободна Европа.
Таа вели дека ваквите мерки треба да траат подолго, но и да се земат предвид оние цени кои важеле барем еден месец пред нивното отпочнување за да нема манипулации со поскапување непосредно пред мерките.
„Мислам дека би требало ако веќе се применуваат вакви мерки тие да траат малку подолго, да бидат три-четири месеци па дури и до шест месеци, за да може да се почувствува некој бенефит. Кога ќе се најават овој тип мерки или кампањи, цените кои се земаат предвид за намалување треба да бидат барем од пред еден месец. Во спротивно, ако се користат цените кои важеле ден или два претходно, производите може да поскапат, па со нивното намалување преку кошничката да дојдеме на исто“, додава Трајковска.
Иако Организацијата на потрошувачи во изминатиот месец примила поплаки од повеќе сегменти, ниту еден граѓанин не се пожалил во врска со функционирањето на оваа мерка. Според Трајковска, тоа се должи на празниците и на периодот на неработни денови. Таа за РСЕ, вели дека во тоа што нема поплаки, улога одиграл и повикот на надлежните за пријава на нерегуларностите до Државниот пазарен инспекторат.
Граѓаните можеа да ги пријават неправилностите кои ги забележале на бесплатниот телефонски број 191 или на веб страницата на Пазарниот инспекторат. Радио Слободна Европа праша, но не доби одговор од Инспекторатот колку поплаки пристигнале и на што најчесто се жалеле граѓаните. Директорот Влатко Стојкоски сепак претходно информираше дека во првите пет дена од мерката инспекторите имале ситни забелешки.
„ДПИ регистрира ситни забелешки во смисла на означувањата и ситни корекции на цените кај два-три трговски субјекти. Не се забележани неправилности во поголеми размери“, рече тој во изјавата за медиумите.
Непознат бројот на поплаки
Маркетите ги продаваа намалените производи со налепницата „помалку трошоци – повеќе за тебе“, а Пазарниот инспекторат преку соопштение најави дека анализите за нив ќе ги испрати до Министерството за економија и труд кое ќе треба да одлучи дали и какви мерки ќе преземе понатаму.
Додека синдикатите ги „кројат“ пресметките, ресорното министерство веќе „пресече“ дека мерката била успешна.
Во соопштенито испратено до медиумите вчера на последниот ден од новогодишната кошничка, ова Министерство наведе дека мерката ја одржала стабилноста на нивото на инфлацијата во декември 2024 и јануари 2025 година, за време на празниците кога има зголемена потрошувачка.
Според Државниот завод за статистика од податоците за Индекси на трошоците на животот и на цените на мало за декември се забележува дека инфлацијата во 2024 година споредено со 2023 година изнесува 3,5% како што беше и проектирано. На месечно ниво пак во декември 2024, споредено ноември 2024 година инфлацијата изнесува 0,3%, велат од Министерството за екномија и труд.
Оттаму потенцираат и дека во декември 2024 година во однос на ноември 2024 година намалувањето на трошоците за живот кај храна и безалкохолни пијалоци изнесувало -0,3%.
Владата ја воведе новогодишната кошничка откако заврши есенската која ја ограничи маржата на 73 производи чија цена во просек се намали за 10 проценти.
За исто толку се намали цената на производите кои поевтинија две недели пред истекот на 2024 година. На листата се најдоа 1178 артикли, иако десет дена пред стартот премиерот, Христијан Мицкоски и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши на заедничка прес конференција најавија дека таа ќе опфати 675 производи.
Новогодишната кошничка ги скара власта и опозицијата
Потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова обвини дека кошничките на граѓаните за време на празниците ќе останат празни, за разлика од касите на трговските. ВМРО-ДПМНЕ пак, возврати дека социјалдемократите го покачиле ДДВ-то за прехранбени производи, додавајќи дека новогодишната кошничка за првпат се опфатени 1.000 производи.
Додека опозицијата обвинува дека Мицкоски е поданички насочен кон бизнис интересите, од Владата која тој ја предводи, ја разгледуваат можноста за нови кошнички напролет.
Токму во интервју за Радио Слободна Европа, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши најави велигденска и рамазанска кошничка кои ќе треба да го подобрат животниот стандард за време на празниците, независно од тоа што веќе е стапен на сила Законот за нефер трговски практики кој влијае на намалување на малопродажните цени на производите.