Достапни линкови

Пченица произведуваме недоволно, а сончоглед колку за грицкање


Жетва во овчеполското село Сарамзалино во близина на Свети Николе во 2018 година
Жетва во овчеполското село Сарамзалино во близина на Свети Николе во 2018 година

Поголема соработка меѓу производителите, преработувачите, државата и науката е нужна за зголемување на земјоделското производство, кое со децении опаѓа. Недостигот и поскапувањето на храната поради војната во Украина ја нагласува важноста од домашно производство на основните прехранбени производи.

Производството на сончоглед во Македонија е речиси преполовено во изминатата деценија, иако и претходно не беше ни блиску до доволно, а производството на пченица ретко која година ги задоволува домашните потреби. Не се произведуваат доволно ни останатите житни култури кои се користат како сточна храна, па и домашното производство на месо со години се намалува.

Кусокот се надополнува со увоз, кој често е поевтин од домашното производство. Оваа година, пак, поради рускиот напад врз Украина, цената на житата и на сончогледот се драстично зголемени. Со оглед на тоа што Русија и Украина се најголеми извозници на пченица и сончоглед, постои страв од недостиг во целиот свет. Проблемите со ланците на снабдување, санкциите и штетите од војната врз посевите во Украина го зголеми глобалното стравување дека нема да има доволно храна, дека нема да може да се испорача навреме и дека цените ќе растат.

„Ова што се случува сега со Русија и во Украина треба да нè натера да размислиме дека мора сами да ги произведуваме основните животни производи“, вели пензионираниот професор на Земјоделскиот факултет Илија Каров.

Дополнителен проблем за домашното производство годинава се и ѓубривата, чија цена сега е зголемена за 3-4 пати. Русија е еден од најголемите производители на вештачки ѓубрива и клучни состојки за ѓубривата во светот, а недостигот веќе се чувствува. Земјоделците стравуваат дека недостигот од ѓубрива може да ги намали приносите за дури 30 проценти, а производствената цена да биде речиси двојно повисока од лани.

Уште еден проблем годинава е што снегот и обилните дождови ги поплавија посевите во Пелагонија, па се очекуваат штети на пченицата и на јачменот.

Нафтата, која се користи за земјоделската механизација, е поскапена за речиси двојно од лани, па тоа дополнително ќе ја зголеми производствената цена.

Стравот од недостиг ги испразни рафтовите во продавниците, па неколку дена беше предизвик да се најдат брашно и зејтин.

Нови поскапувања, нови главоболки
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:12 0:00

Кога паничното купување заврши, снабдувањето се стабилизира, но стравот остана, со оглед на тоа што Македонија не произведува доволно храна за да си ги задоволи потребите.

Власта уверува дека во земјава има доволни количини, a министрите се растрчаа во регионот за да обезбедат залихи.

Министерот за земјоделство Љупчо Николовски изјави дека се очекува оваа година да се произведат 255 илјади тони пченица, а потребите на Македонија се 300 илјади тони. Николовски во вторникот во Белград се сретна со неговиот српски колега Бранислав Недимовиќ и постигнаа договор Србија да ја укине забраната за извоз на пченица, пченка, брашно и зејтин во Македонија и да почне испораката за земјава. Српскиот претседател Александар Вучиќ во четвртокот најави дека Србија ќе им испорача жито и брашно на Македонија и на Албанија, а се разговарало и за испорака на сончоглед и сончогледово масло. Србија произведува доволно жито и сончоглед за да ги задоволи своите потреби.

Белград на 10 март донесе привремена забрана за извоз на пченица, пченка, брашно и зејтин за да спречи нарушувања на пазарот поради воениот конфликт во Украина, но најави дека ќе ја укине забраната за земјите од регионот.

Професор Каров вели дека ударите од таквите меѓународни потреси се амортизираат само со домашно производство.

„Ако не за друго, барем за основните артикли – масло за јадење, брашно и сточна храна. Во никој случај не смееме да си дозволиме да одиме, како сега, да молиме дајте ни толку пченица, толку јачмен, тоа не е добро“, вели тој.

Скапите ѓубрива значително ќе го поскапат производството

Ѓубривото за земјоделското производство никогаш не било поскапо. Забраната за извоз од Русија, којашто е меѓу најголемите производители, за 300-400 отсто ги зголеми цените на вештачките ѓубрива, што е сериозна закана и за македонското земјоделство.

Од Асоцијацијата на земјоделци за Радио Слободна Европа велат дека ако лани за една вреќа од 50 килограми плаќале околу 600 денари, сега ја плаќаат 2800 денари.

Но, проблемот не е само во високите цени, туку и во тоа што ѓубрива нема.

„Есенската сеидба е веќе извршена и сега ние со прихрана очекуваме да имаме подобар приход изразено во килограми, меѓутоа ако не фрлиме доволна количина на вештачки ѓубрива тогаш приносите ќе се намалат. Она што Владата донесе заклучок за плус уште еден месец забрана за извоз на зрнести производи како што е јачменот, пченицата, пченката, ние како земјоделци предлагаме таа забрана да остане до жетва затоа што ние се сомневаме дека ќе имаме принос како претходните години. Причина за тоа е што прво не можеме да набавиме вештачки ѓубрива во доволна количина, друго превисоки се цените, сите ние земјоделците одвај фаќаме крај со крај за да преживееме и да фрлиме прихрана онолку колку што сме имале замислено и сега оваа вонредна ситуација не можеме природно да ја издржиме“, вели Петар Стојкоски од Асоцијацијата на земјоделци.

Русија, исто така, произведува и огромни количини на клучни состојки во вештачките ѓубрива, кои им овозможуваат на растенијата и културите да растат.

Проценките на земјоделците се дека, ако продолжи ваквата ситуација и недостигот од ѓубрива, приносите може да се намалат за дури 30 отсто.

Стојкоски од Асоцијацијата на земјоделци порачува дека државата мора да се снајде за навремена набавка. Ако се задоцни со набавката ќе нема приноси од есенските посеви.

„Алтернатива е Министерството за земјоделство да се заангажира и да изнајде дополнителни решенија од овие што ние сме зависеле од Русија и Украина и да побараат од Грција или од други европски земји вештачки ѓубрива коишто ќе бидат по повисока цена“, вели Стојкоски.

Ако лани производната цена на пченицата се движеше од 10 до 12 денари по килограм годинава со поскапите горива и вештачките ѓубрива производната цена се движи од 20 до 23 денари, објаснува Билјана Петровска Митревска од Националната федерација на фармери.

Според нивните анализи, оваа година не очекуваат намалување на посевите, но доколку продолжи кризата намалување ќе има посебно кај житните култури.

„Постои голем страв кај земјоделците дали нивниот производ ќе биде продаден по соодветна цена која што ќе ги покрие трошоците“, вели таа.

Горан Маличиќ од Здружението на земјоделство и прехранбена индустрија, пак, вели дека голем дел од земјоделците или немаат можност или воопшто не планираат да фрлат ѓубрива за да се зголеми приносот или квалитетот на пчениците или житните култури. Како резултат на ова, следната жетва може да се соочиме со помали приноси и понеквалитетни суровини.

„Според нашите предвидувања, прво површините со пченица се помалку насеани за разлика од ланската година, значи во жетвата имаме недостиг од пченица, со другите житни култури - јачменот ќе го има во доволна количина, но со пченката знаете дека сме увозно зависни, така што секако Македонија ќе треба да увезе 30 илјади тони пченка“, вели тој.

Министерството за земјоделство веќе соопшти дека ќе одвои дополнителни 2 милиони евра за производителите на житни култури, кои ќе бидат наменети за субвенционирање на трошоците за ѓубрива, за да им се помогне во услови на зголемени цени. Уште два милиони евра беа одделени и за помош за производство на свињи и на јагниња. Нова дополнителна поддршка е предвидена и за пролетната сеидба на пченка, компир, грав, сточен грашок и ориз.

Засеана површина на некои култури по хектари. Извор: Државен завод за статистика
20142015201620172018201920202021
пченица7686173979798987296573072689596990270515
јачмен4120241763413394397344772440984501147890
пченка3049331807310833142936417341233201330425
сончоглед51225562397440732386467748595129

Според Маличиќ, помошта од државата не е доволна, зашто трошоците за производство се многу поголеми.

„Наш предлог до Владата е да ги земе на пример сегашниве зголемувања на субвенциите во Косово каде што достигнуваат вкупно по сите основи до 474 евра по хектар за пченица, така што со таков стимул мислам дека земјоделците повеќе би се ангажирале да засадат пченица“, вели Маличиќ.

Од Асоцијацијата на земјоделци, пак, имаат и други барања за да се намалат трошоците за крајниот производ.

„Имаме барање да бидеме ослободени од 50 отсто од закупнината што ја плаќаме на државата како кирија, тоа барање е во моментов на разгледување и тоа мислам ќе се дојде до такво решение“, вели Стојкоски.

Европската комисија веќе предупреди дека руската инвазија на Украина и санкциите на ЕУ против Москва ќе бидат болни за земјоделците, потрошувачите, производителите на ѓубрива и извозниците на земјоделски производи, бидејќи Русија и Украина сочинуваат повеќе од 30 отсто од светската трговија со пченица, 32 отсто со јачмен и 17 отсто со пченка и повеќе од 50 проценти од трговијата со сончогледово масло.

Домашното производство со години се намалува

Домашното производството на жито, ориз, компир, сончоглед и месо се намалува со години, а Македонија увезува храна.

Владата минатата недела ја продолжи до 15 април забраната за извоз на пченица, брашно, сончоглед и зејтин и други житарици за да се спречи недостиг. Министерството за економија соопшти дека оваа мерка се носи за да се спречи „да настанат сериозни пореметувања поради недостаток на стоки“ за производство и преработка.

„Целта на оваа мерка е заштита на домашниот пазар и граѓаните во време на криза за да се избегнат шпекулативни дејствија на трговците и производителите и за заштита на домашното производство, домашниот пазар и граѓаните“, соопшти Министерството за економија.

Производството на речиси сите земјоделски производи се намалува во изминатите 15-тина година. Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2020 година била произведени 243 илјади тони пченица. Во рекордната 2004 година, на пример, биле произведени 356 илјади тони.

Ако за споредба за сите култури ја земеме 2014 година, кога биле произведени 287 илјади тони пченица, падот е над 10 проценти.

Во 2014 година биле произведени 137 илјади тони пченка, а во 2021 производството паднало на 130 илјади тони.

Производството на компир се намалило од 199 илјади тони во 2014 на 192 илјади тони во 2020 година.

Во 2014 се произведени над 30 илјади тони ориз, а во 2020 година под 20 илјади тони.

Во тој период има зголемување на производството на градинарски култури и на речиси сите видови овошје.

Во 70-тите години од минатиот век, Македонија произведувала по 40 илјади тони сончоглед годишно, а сега производството е осум пати помало, па за производство на зејтин се увезува сурово сончогледово масло, а во земјава само се рафинира и се пакува.

Годишно производство во тони на некои култури. Извор: Државен завод за статистика
20142015201620172018201920202021
пченица287 954201 218306 433200 112241 106239 916246 031243 676
јачмен153 055101 677144 83293 666130 028138 453147 711151 600
пченка136 930133 771143 823120 156187 676145 278146 434130 769
сончоглед9 2688 4996 2666 1783 3796 5396 0735 532
компир198 943189 408197 138177 721180 424189 023191 775
ориз30 50030 52724 79217 08019 73221 27819 518

Во изминатите две децении се намалува и вкупното производство на месо. Говедското, јагнешкото и пилешкото се намалуваат, а раст има само на производството на свинско месо.

Сточниот фонд исто така сериозно се намалува во изминатите две децении. Бројот на говеда е намален за 20 отсто, бројот на свињи за 30 отсто, бројот на овци е преполовен, а живината е намалена за повеќе од двојно.

„Ниските откупни цени и несигурниот пласман ги дестимулираат земјоделците“, вели пензионираниот професор на Земјоделскиот факултет Илија Каров.

Околу 100 илјади хектари обработлива површина во земјава стои неискористена, што е околу 20 отсто од земјиштето во Македонија.

Министерот за земјоделство Љупчо Николовски најави дека секое земјоделско земјиште ќе биде ставено во функција со цел зголемување на домашното производство на житарки.

„Министерството подготвува детална програма и преглед на секое слободно земјоделско земјиште коешто ќе биде ставено во функција. Околу 12.000 хектари ќе бидат на располагање и објавени преку јавни повици. За таа цел, се подготвува план како и во кој региони, кои култури ќе добијат предност и фокус“, рече тој во гостувањето на Утрински брифинг минатата недела.

Наука и инвестиции за поголемо производство

Експертите велат дека производството се намалува поради тоа што не постои систем на гарантиран откуп или договорно производство кое ќе обезбеди сигурен пласман, а владата не прави интервентен откуп за да не дозволи на пазарот да има вишоци, а цените да паѓаат под производствените.

Маличиќ од Здружението на земјоделство и прехранбена индустрија вели дека за да има доволно количини за потребите на населението, за следната сеидба државата мора да го стимулира домашното производство со поголеми субвенции.

„Мора стимулот да се стави на домашното производство затоа што во ваква ситуација не сме сигурни дали ќе можеме да увеземе суровини од другите земји затоа што може да стават разно разни забрани како што сега се случува и да останеме без суровини и без разлика која да е цената на пазарот“, вели Маличиќ.

Пензионираниот професор на Земјоделскиот факултет Илија Каров вели дека субвенциите не се доволни. Потребна е сериозна земјоделска стратегија и повеќе да се користи науката, вели тој и нагласува дека мора повеќе да се стимулира домашно производство на семенски материјал.

„Ние се соочуваме и со периоди на суша и високи температури. Значи, освен тоа што површините ќе бидат засеани, мора и селекцијата и генетиката да се вклучат повеќе. Да создаваме наши сорти житни култури кои ќе ги издржуваат овие топлотни удари, високи температури и сушни услови и да дадат поголеми приноси“, вели тој.

Освен искористување на земјоделското земјиште, мора сериозно да се зголемат и приносите. На пример, во Србија се раѓа по околу 6 тони пченица по хектар, додека во Македонија просечните приноси се 3,5 тони. Каров е убеден дека приносите може сериозно да се зголемат.

„Ние со ништо не заостануваме кога имаме добра агротехника, добро знаење и добра механизација. Во Македонија има стопанства со многу добри приноси. Не се добиваат добри приноси ако само се посее, а нема добра агротехника, нема добро ѓубрење, нема прихрана и треба да се намалат губитоците при жетва. Многу е важно да имаме квалитетни комбајни што ќе го сведат губитокот на 1-3 отсто, а не како сега со старите српски комбајни кои во старт имаат 20-30 отсто загуба. Кога ќе ти остане пченицата или оризот на нивата, приносот сигурно е слаб и незадоволителен. Инаку, почвата е добра, климатските услови се добри, но треба да се вложува“, вели тој.

Министерот Николовски минатата недела рече дека веќе е подготвен план со мерки на среден и на долг рок за зголемување на домашното производство на пченица.

„Доколку го зголемиме производството за 500 килограми по хектар, тоа се 30 илјади тони годишно и целта ни е на долг рок да станеме увозно независни. Имаме пораст на домашното производство од 195.000 тони во 2017 година на 253.000 тони минатата година, со што значително се намалува увозот на пченица. И оваа оваа година во планот за есенската сеидба немаме намалување на заесенаите површини со пченица“, рече тој во гостувањето на Телма минатата недела.

Исто така е важна и обновата на системите за наводнување.

Се бараат нови пазари за овошјето и зеленчукот наменети за Русија и Украина

Војната во Украина го загрози и пласманот на македонските земјоделски производи. Македонските јаболка, зелки, грозјето, праските и голем број на други производи беа наменети за рускиот и украинскиот пазар, а со воениот конфликт сега треба да се бараат нови алтернативни пазари.

Околу 30 до 40 проценти од произведената млада зелка во земјава до сега завршуваше на украинскиот пазар. Компанијата Император Фрут која своите производи ги пласира на украинскиот пазар, вели дека сите нарачки се откажани.

„Знаеме каква е ситуацијата таму, оти војната е во полн ек и генерално сликата е многу лоша, за понатаму ако не се смири ситуацијата, не предвидувам добро сценарио за нашите продукти кои завршуваат на тој пазар,“ вели директорот на продажба во компанијата Блажо Витанов.

Тој објаснува дека до сега по еден камион дневно заминувал кон Украина и седумте камиони за минатата недела се откажани. Компанијата „Императорот Фрутс“ на украинскиот пазар пласирале млада зелка, корнишони и краставици и пиперки.

Министерот Николовски посочи дека се мобилизирани сите сектори во министерството но и дипломатско конзуларните претставништва за изнаоѓање на алтернативни пазари за производите што се извезуваат во Украина и Русија, како и за набавка на вештачки ѓубрива.

Според Билјана Петровска Митревска од Националната федерација на фармери, државата мора да ги предвидува ваквите кризи и навреме да реагира, а не откако ќе настапат проблемите.

„Ние постојано укажуваме дека треба да се работи на изнаоѓање на нови пазари, треба да се работи на договорното производство, на организиран пласман, еден земјоделец кога ќе произведува треба да биде сигурен дека таа количина што ќе ја произведе ќе му биде откупена за соодветна цена, која што ќе ги покрие сите негови трошоци исто така бараме измени во делот на субвенциите кои мора да се насочат кон развој и кон вистинските земјоделци кои навистина егзистираат од земјоделството“, вели Петровска Митревска.

Таа посочува дека државата посебно треба да работи на јакнење на домашните преработувачки капацитети.

„На таков начин ќе имаме додадена вредност на земјоделските македонски производи и на тој начин ќе ги направиме конкурентни не само на домашните пазари туку и на странските“, вели таа.

Македонија во минус 400 милиони евра годишно за увоз на храна

Во 2021 година биле извезена храна и живи животни во вредност од 389 милиони евра, а увозот бил 745 милиони евра, односно Македонија е во минус од 356 милиони евра за увоз на храна, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Биле извезени растителни и животински масти и масла од 15 милиони евра, а увозот бил 66 милиони евра, односно минус од над 50 милиони евра.

За споредба, во 2010 година била извезена храна од 328 милиони долари, а увозот бил 558 милиони долари, односно минус од 230 милиони долари. Извозот на масла бил 11 милиони долари, а увозот 51 милиони долари, односно минус од 40 милиони долари. Во постарите податоци на државната статистика, цените на увезените и извезени производи се изразени само во американски долари.

Подготвиле: Ивана Стојкова и Срѓан Стојанчов

XS
SM
MD
LG