„Кој ги уби нашите ангели, кој ги уби нашите херои, кој ги пеплоса тие ангелски лица“?
Оваа реченица полна со емоции одекна во тишината на маршот на 5 април на родителите и роднините на загинатите во големата трагедија во Кочани.
Мајката на загинатата Моника Спасова од Кочани, единствена, но во име на сите, побара да ја дознае вистината за тоа кој дозволи да се случи пожарот во „Пулс“ по што беа откриени низа недоследности во функционирањето на повеќе институции.
По „вистината“ веќе трагаат 11 обвинители кои се во тимот предводен од државниот обвинител Љупчо Коцевски. Уште на самиот старт Коцевски истакна дека ќе биде тешка, но ќе се залага за брза и ефикасна истрага.
Според неофицијални информации, веќе се работи со распит на сведоци, а се дадени и налозите за вештачења, но официјално од Обвинителството ништо повеќе не откриваат во име на тајност на истрагата.
„Секако дека се работи интензивно и на сведоци и на вештачења, но не можеме да откриеме ништо повеќе од тоа што до сега е кажано за да не наштетиме на процесот“, велат за РСЕ од државното Обвинителство.
Последните информации од Обвинителството беа дека со истрагата се опфатени 34 луѓе, но за едно лице постапката е стопирана бидејќи почина.
Тоа е управителот на фирмата „ММММ кафе доел Кочани“ која управувала со дискотеката. Александар Карадакоски, всушност бил само фиктивен управител, а работел како шанкер во дискотеката. Тој е 60 тата жртва и почина на 4 април додека се лекуваше во Литванија.
Денеска, во 11 часот почина и вториот пациент кој престојуваше во Литванија, соопшти министерот за здравство, Арбен Таравари. Станува збор за лицето Александар Гавриловски кој е 61-та жртва од трагедијата во Кочани.
Сега под истрага се 26 луѓе, три фирми и седум полициски службеници од СВР Штип и полициската станица Кочани.
Меѓу осомничените се и актуелниот градоначалник Љупчо Папазов, и двајца поранешни Ратко Димитриевски и Николчо Илијев. Двајцата се во домашен притвор, додека Папазов е во затвор.
Под истрага и во притвор е и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, како поранешен државен секретар, раководител, службено лице, помлад соработник во Министерството.
Осомничени се и поранешен директор на Пазарен инспекторат и инспектори. Меѓу осомничените е и сопственичката на фирмата која дала елаборат за употреба на објектот како дискотека, сопственикот на дискотеката кој е во притвор и неговиот син кој е на болничко лекување.
Осомничен е и еден од членовите на групата ДНК, кој е на болничко лекување. Меѓу осомничените се и припадници на обезбедувањето на дискотеката. Според Обвинителството секој што е осомничен сторил кривично дело со своето постапување или непостапување во својата област.
Дека дискотеката работела со лажна лиценца беше една од информациите кои отворија многу прашања. Според Обвинителството во конкретниот случај објектот кој имал намена за лесна индустрија, не исполнувал услови да биде кабаре, но осомничените добиле лиценца и организирале угостителски услуги.
„Постои сомнение дека првоосомничениот од 13.02.2024 година до 13.02.2025 година, на службено лице од Министерството за економија дал паричен износ да изврши дејствие кое не смеел да го направи – обезбедил лиценца. Против вработениот во Министерството за економија е поведена постапка и примање на поткуп. Една осомничена е сопственичка и управителка на правно лице, кое направило проект за да може да врши работа – кабаре, иако знаела дека не потојат услови да се пренамени објектот. Проектот во континуитет бил користен за добивање лиценци. Била побарана промена на проектот, а таа без да изврши проверки, ги направила“, рече Коцевски на 21 март.
Бројот на жртви кои загинаа вечерта во дискотеката беше 59 луѓе. Повеќе од 200 се повредени. Беше утврдено дека кобната ноќ на 16 март пожарот бил предизвикан од пиротехнички прскалки кои се употребувале за време на концетот на групата ДНК која настапувала во моментот. Биле присутни 650 годти иако капацитетот на објектот бил многу помал. Обдукцијата покажа дека сите починале од загушување, откако не успеале да излезат поради тоа што во диското имало само еден излез, а и тој во еден момент се пренатрупал со луѓе.
Премиерот сака објективна истрага, ама и за претходни трагедии
Дека меѓу осомничените нема ниту еден актуелен функционер од владејачката гарнитура се најчестите коментари кои доаѓаат од опозицијата. Денеска на прес конференција Премиерот Христијан Мицкоски запрашан дали барем од морални причини некој ќе си даде оставка, тој одговори дека ако е за него наменето прашањето тогаш тој нема проблем со тоа, но ако е за други новинарите да ги прашаат лично нив.
Објективноста на истрагата веднаш ја спореди со претходните за повеќе трагедии случени за време на претходната власт.
„Кога зборуваме за објективна истрага и одговорност тогаш ќе треба за сите случаи кои во минатото беа на брзина завршени или да се изразам народски заташкани, да ги разгледаме повторно, да видиме дали и како е стигнато до таа правда за која што барем до сега во дел од случаите се произнел само основниот суд односно се завршени во прв степен. Ако вистински сакаме ресет тогаш ресет треба да го направиме на сите нивоа и да ја видиме одговорноста и за случајот „Ласкарци“ и „Беса Транс“ и за „Модуларна болница“ во Тетово, па да видиме дали и како е постапувано“, рече Мицкоски.
Инаку пред да се случи несреќата во Кочани премиерот побара разрешување на државниот обвинител Коцевски. Откако се случи трагедијата Мицкоски рече дека се запира постапката за разрешување на Коцевски и процесот се става во мирување за да се овозможи истрагата да тече непречено.
Но, процесот за разрешување веќе влезе во фазата во која требаше да се изјасни Советот на јавни обвинители па и од таму на 2 април стигна решение дека е дадено негативно мислење за разрешувањето на Коцевски. Шестмина од членовите беа „против“ предлогот на владата за разрешување, а тројца се изјаснија позитивно за разрешувањето.
И двајцата и премиерот и обвинителот најавија дека е можно истрагата да се прошири и да опфати и други луѓе.
Инаку во Собранието пратениците на „Европски фронт“ предводен од ДУИ поднесоа иницијатива за формирање на Анкетна комисија за истражување на селективен и едностран пристап на правосудниот систем во третманот на трагедијата во Кочани. Тие бараа и меѓународна истрага поради тоа што само Бектеши кој беше министер од ДУИ е меѓу осомничените.
И опозициската СДСМ поддржуваат Анкетна комисија, и рекоа дека оставаат шанса за неселективна и професионална истрага и врз основа на тоа ќе градат став за неа.
Кочани тагува, советниците кројат в.д. градоначалник
И додека во Кочани речиси секој ден се одржуваат мирни протести и маршови, додека градот е излепен со посмртни плакати, а речиси секое семејство тагува, Советот на општината има задача да избере нов в.д. градоначалник. Папазов си поднесе оставка после силниот притисок од јавноста, без да се појави и јавно да ги образложи причините.
Денеска одлуката за прифаќање на оставката е излезена во службен весник па претседателот на општинскиот совет Лазо Митев вели дека во тек се координации за тоа кој да биде поставен за нов градоначалник.
„Денеска и утре ќе имаме координации со советничките групи за да се дојде до еден предлог кој би бил донесен со консензус меѓу нас. Седница најверојатно ќе закажам за в среда. Мора итно да се избере в.д. градоначалник бидејќи работата на општината ќе биде блокирана“, вели во изјава за РСЕ, Митев.
Силите во општинскиот совет се поделени на 9 советници од СДСМ, 8 на ВМРО ДПМНЕ и по еден од Левица и еден независен. Градоначалникот Папазов пак беше кандидат на ВМРО ДПМНЕ.
Сега неофицијално во игра се две имиња кои би дошле на предлог на владеачката партија. Тоа е Мирче Стојков кој е и претседател на општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ и заменик градоначалник до сега или пак советникот исто така од ВМРО ДПМНЕ, Гоце Марков. Сепак кој и да биде ќе треба да добие 10 гласови, што во моментов ВМРО ДПМНЕ ги нема.
Независниот советник Венко Крстевски вели дека кој и да е избран би требало да има поддршка од сите. Сепак е разочаран од односот на власта за која вели дека користи патетичен Пи-Ар и се однесува „како секта“.
„Јас сум само еден и независен советник во Општината, не одлучувам за изборот на в.д. Градоначалник, кој сметам дека треба да е со широк консензус и затоа ги повикувам власта и најголемата опозиција да помогнат на Кочани во најбрз рок да се избере градоначалник и да се помогне градот финансиски со проекти“, вели Крстевски.
Според законот во ваква ситуација нема потреба од вонредни избори, ако до редовните има помалку од шест месеци. Редовните се во октомври па тогаш и на непосредни избори ќе се бира наследникот на Папазов.