Докторе Чибишев, колку вкупно од повредените во пожарот во Кочани беа примени во Kлиниката и дали се уште имате хоспитализирани пациенти?
Во првите неколку дена, добар дел од пациентите кои настрадаа во трагедијата во Кочани поминаа преку нашата Kлиника, особено кои имаа инхалаторни повреди, односно вдишано од отровните гасови кои се ослободуваа при горењето на покривот во дискотеката. Досега преку нашата клиника се поминати повеќе од 40 пациенти, затоа што иницијално ние примивме 17 пациенти, од кои еден дел во текот на престојот во првите два дена се влошуваа и имаше потреба да ги префрламе на други клиники каде им требаше дополнителна друга помош.
Tретиот дел, беа трансферирани во странство во државите кои ни се понудија на помош. После една недела кога ситуацијата минимално се релаксира, еден дел од пациентите од другите клиники кои немаа потреба да бидат третирани таму се враќаа кај нас и добар дел од пациентите кои се враќаа од странство и имаа инхалаторни повреди, беа примани кај нас на 24 часовна опсервација. Притоа им беа правени одредени токсиколошки иследувања и ако тие беа во рамките на референтни вредности, практично ги пуштавме дома.
Сите пациенти практично кои се вратија во државата поминаа низ нашата Клиника, затоа што Кризниот штаб кој ја менаџираше целата ситуација зазема став - сите пациенти воопшто што побараа помош и тие што се вратија да бидат конзилијарно прегледани од анестиолог, пластичен хирург, токсиколог и психијатар. Ние на тоа максимално се придржувавме и сметам дека тоа даде одлични резултати.
Ќе биде потребен пократок или подолг рок за опоравување?
Труењето со гасови може актутно да направи големи проблеми во однос на здравствената состојба на една индивидуа, дури може да предизвика и смрт во зависност од тоа колкава е концентрацијата на отровните гасови и колку долго траело изложувањето на таа атмосфера во која има зголемена концентрација на отровни гасови.
Во случајов, екстремно зголемена концентрација на јаглероден моноксид. Меѓутоа, кога горат органски материи како во Кочани, според моите информации таму горела пластика која содржи полиоретан. Полиоретанот кога гори покрај тоа што ослободува високи концентрации на јаглероден моноксид, ослободува уште еден екстремно токсичен гас, цијанводород.
Кој исто така, може за кратко време да направи сериозни пореметувања во функционирањето на човечкиот организам. И двата овие гаса во комбинација, предизвикуваат пореметување на клеточното дишење, на два различни начини.
Јаглеродниот моноксид има 270 пати поголем анфинитет кон хемоглобинот во човечкиот организам кој е задолжен за пренос на кислородот во процесот на дишењето. А цијанводорот директно го пореметува клеточното дишење и предизвикува т.н. клеточно задушување. Тие два процеси комплетно го блокираат дишењето во организмот. Организмот ќе остане без кислород и целиот организам, клетките почнуваат да изумираат, да ја губат својата функција и со тоа практично почнува да престануваат сите витални функции и настапува смрт.
Во однос на лекувањето на настраданите, лекувањето ќе трае долго?
Сите пациенти кои поминаа низ нашата клиника се испишани со референтни клинички наоди, референтни лабораториски и токсиколошпки анализи без никакви компликации. Не само што отровните гасови штетно влијаат на органите и клетките, туку таа пролонгира состојба на смалено снабдување со кислород, тој недостаток на кислород може многу неповолно ако трае подолго време, да делува на виталните органи, на централниот нервен систем, на срцето и и белите дробови. Мозокот или централниот нервен систем и нервите заради недостаток на кислород може да изгубат на сензитивност, на потполна способност во иднина да функционираат. Сите пациенти што поминаа кај нас и се пуштени дома, советувано им е да дојдат на контрола на одреден временски период и ние ќе ги опсервираме подолг временски период за да не се појават доцни компликации кои се очекувани во вакви случаи.
Тоа и го најавивте, дали тие веќе доаѓаат на нови контроли?
Некои се жалат на вртоглавици и главоболки што е очекувано, но јас сметам дека тоа се реверзибилни процеси и сметам дека тие процеси ќе ги поправиме. Се плашам да не се појават некои посериозни комликации како пореметена меморија, неспособност за концектрација, може и такви да се јават.
И за таквите веќе имаме направено план како понатаму ќе ги третираме. За тоа е зборувано и во Кризниот штаб во кој учествуваат членови во разни области. Има понуда од неколку европски држави да ни помогнат и во тој дел од процесот за подолготрајна рехабилитација на овие луѓе, ни нудат престој на овие пациенти во специјализирани центри за рехабилитација на такви тешки труења со јаглероден моноскид каде се спроведуваат специјални програми и постапки за нивна рехабилитација.
Деновиве е актуелна и хаваријата во рудникот Тораница и излевањето на тешки метали како олово, цијанид, сулфур во Тораничка и Крива река. Треба ли да се врши испитување и на сите други реки кои се во допир со посочените и дали земјоделските производи од тој регион се ризични за консумирање?
Треба сите реки и води во државата да се контролираат, бидејќи не можеме 24 часа да вршиме мониторинг на одредени индустриски капацитети каде ги испуштаат отпадните води и дали во процесот на нивната работа се создава некаква хемиска супстанца или хемикалија која може да ја загрози животната средина. И оваа хаварија која се случи во Крива Паланка со реката Крива река е опасна опомена. Дека можеме од прекрасна река која се користела за релаксација, оделе таму риболовци, луѓе во природа, да ја претвориме во мртва река.
Сите тие хемикалии влијаат на флората и фауната, ќе уништат и риби и жаби, а потрагично е што од таа река се користи вода и за наводнување. Некои реки сега и се излеаја. Кога се излева водата таа понира во почвата и сите тие хемикалии, кои се токсични и неповолно делуваат на здравјето ќе останат во почвата. Преку почвата ќе ги најдеме во земјоделските производи кои секојдневно ги консумираме. Ќе се труеме со цијанид кој е многу токсичен, цијанидот е тој кој ги прави здравствените проблеми. А тешките метали како оловото се такви што тие не можат да се елиминираат со години од почвата. тие имаат долг живот и внесени во организмот се депонираат во коскената срж и не може да го извадиме со месеци, години, со ниедна метода или лек или постапка.
Ќе го поремети нормалното зреење на крвните клетки, ќе имаме исфрлање во циркулацијата на нездрави ерицротити и леукоцити и може да се појават сериозни крвни заболувања како леукемија, која е малигна крвна болест. Сериозна е ситуацијата дали е официјално лабораториски докажано, ако е вистина тогаш е трагично.
Клиниката за токсикологија со која раководите, успеа судски да ја добие економската директорка на истата иституција, со тоа што таа призна вина пред судот. Дали во оваа судска постапка освен признавањето на вина, беше наведено дека има и материјална штета по самата клиника. Дали тие пари Клиниката ги наплати или ќе одите во посебна судска постапка?
Кога јас дојдов се соочив со 18 луѓе кои доаѓаат на Клиниката, без никаков договор и овластувања, шетаа по Клиниката и работеа со пациенти. Тоа е крајно незаконски. Ги собрав луѓето тука и им кажав дека во вакви услови не може да доаѓаат. ги замолив да ја напуштат институцијата и да не доаѓаат веќе. Оттогаш, спроведуваме постапки да го намалиме недостатокот на персонал. Во тој месец ипол се исплатени одредени финансиски средства во облик на плати во постапка која е незаконита.
Исплаќани се средства и буџетот на Клиниката беше оштетен за одредена сума. За Клиника која нема голем буџет, беше значајна, затоа дел од документацијата која ја собравме ја предадовме до надлежните институции. Следуваше соодветна кривична пријава, судски процес кој заврши со осудителна пресуда за поранешната директорка која ја призна вината, што е доблесно. Ние сметаме дека и штетата направена кон клиниката треба на одреден начин да се валоризира. Затоа нашиот правен тим ќе поведе посебна постапка во која ќе бара надокнада на тие пари кои се изгубени, да не речам злоупотребени во оваа постапка.
Спомнавте дека имате недостиг на кадар. Во колкав обем?
Видете, кадар никогаш не е доволно. Во моментов функционираме со кадар кој го имаме на располагање. имаме барање за вработување, вработивме двајца млади доктори, во постапка се уште двајца ќе вработиме. Ќе освежиме кадарот со млади луѓе. Во постапка ни се прием на сестри, хигиеничари, болничари. Се надевам дека за неполн месец дека ќе се екипираме како што сметам дека ќе можеме да функционираме со полна пареа.
Изминатите години има сериозни проблеми во здравството, од недостиг на лекови па до пожарот во модуларната болница во Тетово. Што сметате дека треба да се промени?
Здравството е долго време запоставувано, ставано некако во втор план. Многу несакани случување се случија во македонското здравство кое дополнително ја обременија и така тешката состојба. Главен проблем на македонското здравство се немањето пари, модерна апаратура и современа инфраструктура.
Ние честопати гледаме дека странски држави ни донираат апаратура наместо државата да ја набави...
Да, и тоа е недозволиво. Мора државата повеќе да посвети внимание на здравството. Да не изгледам политички, мислам дека во последните месеци се прават сериозни обиди да се нешто подобри. Прво зголемен е буџетот, колку што имам информации, располагаме со повеќе средства за да можеме понормално да работиме. Имаме екипа во Фондот за здравство кое покажува максимално внимание и разбирање за нашите проблеми. Јас сум во трет мандат раководител и досега ваква соработка по хоризонтала и вертикала не сум имал. Брза реакција и брзо решавање. Се надевам дека така и ќе продолжи.
Повеќе во интервјуто.