Достапни линкови

Бојкот и нови мерки: Ќе се намалат ли цените во маркетите?


Илустративна фотографија - производи во маркет.
Илустративна фотографија - производи во маркет.

Цените на основните прехранбени производи се во пораст алармираат граѓаните и бараат решенија. Владата се обидува со нови мерки, меѓу кои ограничување на маржите и дополнителна кошничка со пониски цени, додека бојкотите на супермаркетите се шират низ Балканот и Европа.

Сѐ повеќе граѓани изразуваат незадоволство од високите цени на основните прехранбени производи, со што расте бројот на повици за бојкот на маркетите. Владата реагираше со нов сет мерки – најавено е ограничување на трговските маржи до 30 април, а на маса е и идејата за воведување „дополнителна кошница“ со основни продукти по пониски цени. Но, дали овие мерки се доволни за ублажување на притисокот врз домашниот буџет?

„Не очекуваме некоја некаква голема промена на цените со оглед дека изминативе години постојано се воведуваа мерки, а сметките во маркетите по пазарење само се зголемуваат, вели Весна С. со која разговаравме пред еден од поголемите маркети во Скопје.

Дека нема поголеми разлики во цените со досегашното воведување на мерки за намалување на цените се согласува и Љупка Т., која се сомнева дека храната во земјава е иста како во побогатите земји во Европа, а смета дека некои производи се дури поскапи.

„Нема некоја поголема разлика. Храната во Македонија е како во европските земји и тоа е многу скапо во однос на малите плати и пензии. Цела плата оди на купување храна, лекови и сметки“, вели таа.

Владата реагираше на зголемувањето на цените на основните прехранбени производи и бојкотите од страна на граѓанитесо сет мерки за ограничување на трговските маржи. Тоа уследи откако извештајот на државниот Пазарен инспекторат покажа дека маржата за основните прехранбени производи, како леб, млеко, масло за јадење, во маркетите е над 20 проценти, а кај основните непрехранбени производи е 30 проценти. Кај увозниците-дистрибутери, се утврдени поголеми маржи кои се движат и до 50 проценти.

Седницата на Владата на која треба да се усвојат мерките за ограничување на маржата е најавена за денеска, но се уште не е закажана.

Ценовниот притисок на производите и зголемените трошоци за живот имаат директно влијание на инфлацијата. Според податоците на Државниот завод за статистика, во декември инфлацијата достигнала 4,4 проценти во споредба со истиот месец лани, додека цените на мало пораснале за 4,3 отсто.

Податоците на Сојузот на синдикати на Македонија покажуваат дека основните минимални трошоци во јануари се зголемиле за 391 денар во однос на претходниот месец.

Мерките на Владата: Ќе ги намалат ли цените?

До 30 април маржите ќе бидат ограничени на 10 проценти во трговијата на мало и исто толку во трговијата на големо за основните прехранбени производи и средства за хигиена, вклучувајќи детергенти и бебешка храна.

Најавено е проширување на кошничката: Новата кошничка се планира да опфати над 100 групи производи, дополнета со непрехранбени производи со високи маржи.

Најавени се и контроли: До петок ќе се спроведат контроли кај производителите на млеко, млечни производи и месо, а се препорачува маркетите да бидат транспарентни и редовно да ги објавуваат и ажурираат цените на производите, најавија од Владата.

Владата ќе одржи состанок за подолгорочни решенија. Министерот за економија, Бесар Дурмиши, најави дека Предлог-одлуката ќе биде доставена најдоцна до утре, а мерките ќе бидат во сила и за време на празниците Велигден и Рамазан.

„Ќе се додадат и непрехранбени производи затоа што анализата на Државниот пазарен инспекторат покажа дека има вакви производи каде е зголемена маржата. Одлуката ќе важи до 30 април и ќе бидат опфатени и двата големи празника - Велигден и Рамазан“, изјави Дурмиши на 11 февруари.

Краткорочни решенија и долгорочни предизвици

Економските експерти предупредуваат дека краткорочните решенија не се секогаш најсоодветниот одговор на долгорочните ценовни флуктуации, како што оценува економскиот аналитичар Абил Бауш кој смета дека најавените мерки нема да дадат значителен ефект.

Според него, иако инфлацијата наскоро ќе се стабилизира, вистинскиот предизвик е како да се создадат среднорочни и долгорочни ефекти.

„Ако не се држиме до политика на конкурентност, нема да направиме ништо и ќе останеме заробени во моменталниот круг. Владата треба да инвестира во конкурентност, како поддршка на стартап заедниците и поттикнување на иновации, бидејќи на ова поле сме меѓу последните на Балканот. Потребна е стратегија која ќе овозможи влијание на пазарот и производство на квалитетна храна што ќе може да се извезува,“ вели Бауш.

Новогодишната кошничка, која траеше од 15 декември до 15 јануари, беше иницијатива на бизнис секторот и опфати намалување на цените на 1178 производи од 96 производители и дистрибутери, во 51 маркет. Мерката имаше за цел да ги олесни трошоците на граѓаните за време на празниците, но немаше официјална владина одлука, па Државниот пазарен инспекторат само го мониторираше почитувањето на цените.

Иако надлежните изразија задоволство од мерката и најавија дополнителни анализи за нејзиното влијание врз цените, граѓаните изразија сомнеж за ефективноста, бидејќи цените на некои производи надвор од кошничката значително пораснаа.

Опозициската СДСМ ја оцени мерката како промашена, наведувајќи дека инфлацијата во декември пораснала за 4,4 проценти, а трошоците за живот за 3,5 проценти во однос на ноември.

Исто така, минималната синдикална кошничка за четиричлено семејство достигнала 62.861 денар, со дополнителни трошоци за изнајмен стан од 78.236 денари.

Бојкотите се шират

Министерството за економија и труд најави дека ќе продолжи со политики за заштита на стандардот, но истакна дека некои трговци ги зголемиле цените пред почетокот на акцијата. Очекувањата се дека ефектите од кошничката ќе бидат потврдени со статистичките податоци за јануари.

Дополнително, премиерот Мицкоски претходно месецов побара преиспитување на методологијата за пресметка на синдикалната минимална кошничка, но Синдикатите одговорија дека немаат намера да ја менуваат.

Дурмиши рече дека до карајот на месецов треба да биде готова новата методологија за пресметка на минималните трошоци на едно семејство.

Во меѓувреме, бојкотот на супермаркетите кој започна во Хрватска и се прошири во Босна и Херцеговина, Србија и Северна Македонија, сега се шири низ Европа.

Бојкот се подготвува во Романија, како и Бугарија каде е најавен за 13 февруари. Грција повика на општ бојкот на 19 февруари, додека Албанија, пак, повика на бојкот на пазарите на 16 февруари поради високите цени.

Овие движења се јавија како протест против растот на цените на храната и кризата со трошоците за живот и привлекоа значително внимание низ регионот.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG