Достапни линкови

Дипломатија во тројки и црни листи


Илустрација
Илустрација

Њузлетер 21 јули 2023 - Неделава што изминува ја одбележаа неколку типа пожари, и кај нас и во светот. И оние вистинските, но и многу политички, дипломатски, синдикални... Во Скопје во два наврати доаѓаа „тешки“ дипломати од Европа со порака за уставните измени, во соседството летечка дипломатија за Косово, за БиХ... САД продолжија да ја надополнуваат „црната листа“, Москва и Киев продолжија со обвинувањата кој по втор пат го нападнал Кримскиот мост, западниот фактор продолжи со убедувањата дека Софија нема „да има повеќе барања до Скопје“, а не ни недостасуваа ни секојдневните домашни кавги на релација Влада - опозиција - партии...

Дипломатија во тројки

Додека синдикатите и Владата решаваа од кога ќе има повисока плата за администрацијата, во Скопје, во два наврати доаѓаа по тројца министри за надворешна политика од земји членки на Европската унија (ЕУ). Сите дојдоа со поддршка за уставни измени како дел од македонскиот пат до ЕУ.

Тие порачаа дека промената на Уставот ќе биде последно барање за продолжување на патот на земјава кон Унијата. И американскиот претставник Габриел Ескобар рече дека е посветен на тоа Софија да нема веќе барања.
Сепак, аналитичари сметаат дека дипломатската офанзива „нема голем“ ефект врз ставот на опозицијата, но и врз ставот на јавноста. За граѓаните, ЕУ и блокадата на Бугарија во моментов не се најважните проблеми.
„Посетите се корисни и се доказ дека членките на ЕУ имаат интерес за земјава да напредува кон Унијата, но од друга страна се гледа дека овие иницијативи немаат голем ефект, вели за Радио Слободна Европа, политичкиот аналитичар Ибрахим Мехмети.

Незадоволни „проценти“

Меѓу поважните проблеми на дел од граѓаните неделава се покажа дека се платите во администрацијата. Владата договори повисоки плати за од септември, ама тоа ги подели синдикатите. Некои од нив, меѓу кои и тој на вработените во образование, се незадоволни од процентот за кој ќе се зголемат платите. Секторите кои протестираа бараа за 30 отсто повисоки плати, а добија 10 проценти. Дел од нив со незадоволството ќе продолжат од септември, оставија жешкото лето да продолжи пред есента.


Минималната плата од март годинава од 18 илјади порасна на околу 20 илјади. Синдикатот бара и останатите плати да пораснат за ист процент за кој пораснала и минималната плата, односно за околу 12 проценти.

Ќе има или ќе нема „Иловица“?

И противењето на концесијата Иловица-Штука не стивна. По протестот во Струмица дојдоа многу изјави од разни страни. Владата веднаш остави простор за преиспитување на одлуката за спојување на концесиите на „Еуромакс ресурсес“, за рудникот Иловица-Штука. Таа има правна можност да ја повлече својата одлуката и да ја стави вон сила, велат правни експерти, но „оштетената страна“ има исто така можност повторно да тужи.

Неколку министри во владата, па и премиерот, рекоа дека нема да има рудници ако граѓаните не го сакаат тоа. Некои од министрите рекоа и дека за оваа концесија биле „прелажани“ од министерот за економија Крешник Бектеши.
А тој, пак, не попушти: И 100 пати да одлучуваме за концесијата - одлуката ќе биде иста.
Реагираше и опозицијата. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, праша: А зошто „прелажаните“ министри не реагираат на сеница на Влада?

„Перење“

По обемна полициска акција, која во средата беше веста на денот, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО за гонење организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против 15 физички лица и 3 правни лица, и тоа против 11 физички лица за сторени кривични дела „злосторничко здружување“, од кои против 9 за сторено кривично дело „даночна измама“, додека едно лице освен за овие две дела, заедно со уште четири физички и три правни лица се сомничат дека сториле кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“ според Кривичниот законик.

Од ОЈО известија дека „осомничените со намера за себе да се стекнат со противправна имотна корист, го довеле во заблуда даночниот орган– Управата за јавни приходи и неосновано побарале и добиле враќање на Данок на додадена вредност од значителна вредност во износ од 51.626.637,00 денари или околу 840 000 евра“.

На црна листа

Во контекст на кршењето на законите во Северна Македонија, дојде санкција и од САД: Бизнисменот Орце Камчев е ставен на црната листа. Американската Канцеларијата за контрола на странски имоти при Департментот за финансии на САД (OFAC – ККСИ) го назначи Орце Камчев на листата лица кои ја поткопуваат или загрозуваат стабилноста на Западен Балкан преку корупција или друго дестабилизирачко однесување, се вели во денешното соопштение на оваа институција.

Македонски државјани на црна листа на САД
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:06 0:00

Овие санкции значат дека на Камчев му се замрзнува имотот во САД и му се забранети трансакции.


„Господинот Камчев ја злоупотребил својата позиција, ангажирајќи се во коруптивни активности и спроведувајќи самопослужувачка агенда на сметка на демократските институции и граѓаните на Северна Македонија“, рече потсекретарот на Министерството за финансии за тероризам и финансиско разузнавање Брајан Е. Нелсон.
На Твитер се огласи и американската амбасадорка во Скопје, Анџела Агелер, која рече дека овие санкции нема да влијаат само на Камчев, туку и на оние кои имаат бизнис со него.

На американската црна листа се најде македонската компанија за шпионски софтвери „Сајтрокс“. Од Агенцијата за разузнавање за Радио Слободна Европа кусо коментираа дека се запознаени со оваа компанија, но дека не може да споделат информации оти се класифицирани.
Од Јавното обвинителство, пак велат дека нивната надлежност за постапување за кривични дела е само за оние кои се сторени на територијата на државава.

Ве демне ли некој?

И додека сме кај законската регулатива. Знаете ли што е демнење? Ве демне ли некој и знаете ли кого можете да пријавите за демнење?
Новиот член 144-а во Кривичниот законик беше воведен во февруари годинава, како резултат на низата случаи на родово базирано насилство кои се случуваа претходниот период. Со него се пропишани од парични казни до пет години затвор и тоа повисоките затворски казни се определуваат ако делото е сторено врз човек со кој сте моментално или сте биле во интимна врска или пак врз дете.

Вообичаени знаци на кои треба да внимаваат луѓето кои се сомневаат дека некој ги „демне“ ги има повеќе. Првиот знак е кога демначот постојано се јавува, праќа пораки на социјални мрежи или е - пошта и покрај тоа што ќе биде побарано да престане да го прави тоа. Може да испраќа и несакани подароци или писма. Второ е кога демначот ги следи жртвите, онлајн и офлајн, непокането се појавува во нивниот дом или на работно место покажувајќи дека знае каде се движат и го знае нивниот личен живот.

На југ пожари, на север ветрови

Три села и хотел во планински дел на грчкиот остров Родос и две села во Мегара, во западниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, се евакуираат поради пожарите што сè уште не се ставени под контрола, јавуваат агенциите. Грчките власти соопштија дека неконтролирани пожари има и на Лезбос, Пелопонез, Крит... Активирани се сите расположливи сили за борба со големите пожари, а активиран за помош е и Европскиот механизам за цивилна заштита.
Преку бројот 112 за итни случаи од жителите на селата во близина на пожарот, како во Атика, така и на Родос, беше побарано да се евакуираат.
Додека во неколку грчки туристички региони беснееја пожари,во Словенија, Хрватска БиХ и во Србија - невреме со дожд и ветрови.
Три лица загинаа, а неколку се повредени во невремето во четвртокот на 20 јули што го зафати Загреб и другите делови на континентална Хрватска.
Едно лице загина во Блед, Словенија по пад на дрво соборено од жестоко невреме, соопшти полицијата од Крањ на 19 јули. Во удар на гром се повредени две лица.
Во Македонија беше прогласена портокалова фаза поради високите температури. Надлежните советуваа како граѓаните да се однесуваат при вакви горештини, а од Центарот за управување со кризи реферираа колку е државата подготвена за евентуални пожари.

Една жена загина во средата вечерта во невремето што го погоди Брчко, на северот на Босна и Херцеговина, а повеќе од 20 лица побарале медицинска помош, изјави за агенцијата СРНА портпаролот на Јавната здравствена установа Сеад Шадиќ.
Две лица се повредени во невреме во Нови Сад, јави Радио-телевизија на Србија. И во други делови на Србија имаше големо невреме кое предизвика прекини во снабдувањето со струја и голема материјална штета.

Кримски мост

По втор пат годинава, Кримскиот мост беше цел на напад. Оштетен бил значаен дел од мостот кој ја поврзува Русија со присилно анектираниот дел од Украина. Имаше и цивилни жртви. Москва го обвини Киев - Киев негираше вмешаност. По нападот, рускиот претседател Владимир Путин, се повлече од меѓународниот договор за украинското жито.


Во исто време продолжија руските гранатирања на неколку украински градови и села, како Одеса, Миколаев...
Во меѓувреме Обединетите нации излегоа со извештај за бројот на цивилни жртви во Украина. Над 500 од нив се деца.

XS
SM
MD
LG