„Убивате за профит“: Граѓани протестираа и бараа одговорност за злоупотребите на Онкологија
И покрај дождливото време, толпа граѓани пред Владата и Јавното обвинителство излегоа на протест на 4 септември по скандалот на Онкологија. До протестот дојде откако Обвинителството изминатиот викенд отвори предистражна постапка по написите на медиумите дека имунолошката терапија од цитостатиците, од која зависи животот на пациенти болни од рак постојано доцни, но и дека во неколку наврати вработени на клиниката биле фатени како ја крадат и ја препродаваат неопходната и скапа терапија. „Монструми“, „Убивате за профит“, „крадци“ и „убијци“ беа само дел од транспарентите на демонстрантите кои бараа правда и судска разрешница за скандалот на Онкологија. Протестот од пред Влада продолжи и пред Обвинителството, каде продолжија и скандирањата и извиците на присутните граѓани.