Ликот на шестгодишната Јана Христовска од Битола која во март 2023 година почина во Клиничката болница во Битола, уште долго ќе предизвикува грутка в грло кај многумина. Случајот кој ја „зовре“ јавноста за да излезе на протести, обвинителството го заклучи со назнака „нема лекарска грешка“.
Утврди дека причина е инфаркт што го предизвикала пневмонија, а нејзината смрт немала причинско-последична врска сo примената инфузија како што се сомневаа родителите. На 22 март родителите ја однеле Јана во болница поради симптоми на настинка, од таму после два часа им кажале дека е почината. Семејството упорно обвинуваше за грешка во лекувањето, особено се сомневаа во оправданоста да и се даде инфузија со гликоза на покачен шеќер во крвта.
„Ја однесовме свесна и на нозе. Како можеше да дојде до смрт и срцев удар после примената инфузија“, се прашуваше Кристина Христовска, мајката на Јана.
„Не веруваме во системот“, рече таткото Стојче Христовски.
Радио Слободна Европа разговараше со мајката на Јана, која дека вели имаат уште едно двегодишно дете во кое сега ја гледаат целата надеж. Но, неговата иднина нема да биде во земјава.
Разочарани од огромната трагедија која ги снајде се иселиле во Австрија. Ја одбрале оваа земја бидејќи имаат роднини таму, но велат дека се надеваат и на подобар здравствен систем во кој би се лекувале доколку имаа потреба од тоа.
„Се иселивме најмногу поради здравството и недовербата во него. Веќе три месеци живееме во Австрија. Сестрата на мојот сопруг е тука и ни објасни дека во никој случај не може да се споредува овдешното здравство со она во Северна Македонија. Имам уште едно дете и не би се осудила да го однесам во болница ако се разболи, ќе го чував дома од страв“, вели Кристина Христовска, мајката на Јана.
Во битолската болница следеа уште неколку скандали. Две недели по случајот со Јана, почина новороденче, а министерот за здравство Фатмир Меџити се закани:
„Ако има пропуст, ќе има одговорност, изјави тогаш Меџити.
Но, за сега епилог за овој случај нема. На крајот од септември јавноста слушна и за смртта на дваесет и четиригодишно момче од битолското село Цапари кое почина во битолската болница. Обдукцијата покажа дека причината е инфект и внатрешно крвавење на органите и дека нема лекарска грешка. Болницата доби и катастрофален ревизорски извештај во кој беа нотирани многу неправилности.
Мајката на Јана за РСЕ вели дека и во минатото ја носела ќерка и таму но исто така се сеќава на лоши искуства.
„Кога имаше две години качи висока температура која траеше три дена. Ја однесов во болница а таму буквално ме избркаа со зборовите да и правам дома ладни тушеви, и покрај моето инсистирање за инјекција. Следниот ден кога повторно ја однесов излезе по мое, сепак мораше да и пуштат за да се стабилизира“, вели Кристина.
За овој случај запаметени ќе останат транспарентите пред Министерството за здравство со порака: „Сакаме одговорно здравство“.
Европските земји - дестинации за пациентите во потрага по подобро здравство
Случајот со смртта на малата Тамара Димовска од Велес која боледуваше од сколиоза, а почина чекајќи Фондот за здравствено осигурување да и одобри операција во странство, како да е веќе подзаборавен. Правниот епилог беше во корист на обвиниетите доктори и директори на Фондот, па родителите во меѓувреме решија да се иселат од земјава, во потрага по мир, но и подобар здравствен систем за нивното помало девојче.
„Нас не разочара целиот систем, почнувајќи од здравството, па правосудството, и на крај социјалниот момент беше капка во морето. Бевме жигосани после се што ни се случи. Останавме без Тамара поради лошото здравство, без работа, а додатно и луѓето не исмејуваа. Ни се смееја бидејќи бевме гласни после се што ни се случи, а нас само ни беше целта да се подобри здравствениот систем и да не се чекаат предолго конзилијарните мислења и одлуки за лекување надвор од земјата. Во Словенија е многу поинаку, и иако сме туѓинци ние ги имаме речиси истите права како Словенците. Здравството функционира многу подобро“, вели Жаклина Димовска, мајка на починатата Тамара.
Драган Димитријоски пак е родител на дете со вродена ретка болест, фенилкетонурија. По потекло е од Кичево, но со сопругата се одлучиле да се иселат во Шведска откако со години се мачеле да му обезбедат нормален живот на нивното дете. Вели дека кога сопругата се породила во битолската болница на бебето не му било направено скрининг со кој рано би се открила болеста, што е од големо значење за понатамошниот живот. Имале среќа да откријат по само една година, бидејќи можело детето да продолжи да живее со многу компликации во иднина.
„Се работи за болест поради која не смее да јаде протеини, што значи месо, млеко, јајца, леб, јаткасти производи односно речиси 90 проценти од нормалната храна. За да се заменат сите потребни витамини, минерали, железо која се содржи во оваа исхрана постои специјален прашок кој ние го набавуваме како знаеме и умееме. Заедно со специјалната исхрана тоа чинеше околу три илјади евра месечно, па ние помош баравме од луѓе од Хрватска и Бугарија и преку нивните здруженија на кои многу сме им благодарни, вели Димитријоски.
Битката им траела долго време, тој е еден од првите луѓе кои се дел од здружението за ретки болести „Живот со предизвици“. Како татко на дете со фенилкетонурија, бил еден од првите кој излегол во јавност да зборува за ретката болест и за тешкотиите што таа ги носи со себе. Но, поради многуте предизвици кои ги имале, како семејство сепак одлучиле да се иселат во Шведска.
„Тука им ја покажавме само дијагнозата и немаме никаков проблем ниту за храна, ни за доктори или за лекување. Значи 100 проценти од трошоците ни ги покрива државата и со храна и со прегледи и со се што му следува. За разлика од тука во нашата земја ни рекоа дека нема шанси да ни се помогне околу прашокот кој ни беше најпотребен“, се присетува Димитријевски.
А, изминатата 2023 година здравствениот систем уште повеќе ја шокираше јавноста.
„Онкологија“ – сценарио како за филм за македонската горчлива реалност
Наместо лек, им ставале физиолошки раствор во вени. Скапата терапија завршувала на црн пазар во Косово. Сè ова се случувало со години на Клиниката за Онкологија, онаму каде последната шанса за живот ја гледаат тешко болните од рак.
Ова го објавија медиумите по што и онака нарушената доверба во здравствениот систем, прерасна во отпор. Лавина реакции и протести предизвикаа медиумските написи кои започнаа токму по дојава од човек од Клиниката. Веста одекна „болно“ дека скапата биолошка терапија за лекување на болните од рак се меша со обичен физиолошки раствор или пак на болните им се става само физиолошки раствор, а терапијата се препродава на Косово.
Беше откриено од медиумите дека повеќемина вработени на Клиниката се вклучени во криминал и злоупотреби со лекарства, а сомнежите беа дека се работи за организирана група која профитира веќе подолго време. Според медиумите во овој криминал се вклучени од поранешни директори на клиниката, преку лекари, медицински сестри, администрација па и возачи.
Дел од написите одеа до таму што тврдеа дека злоупотреби се извршувале и преку роднини на вработени кои не биле болни од рак, биле пишувани како пациенти кои треба да ја примаат терапијата.
Првичниот сомнеж го отвори случајот со медицинската сестра која два пати беше фатена дека краде лекови од клиниката по што доби отказ. После информацијата дека е можно да се оштетени огромен број на пациенти граѓаните преку протести бараа одговорност од поранешните министри за здравство Венко Филипче и Беким Сали, како и од актуелниот Фатмир Меџити.
Од замениците-министри во Илир Хасани и Маја Манолева, од поранешната директора на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Ирина Сотирова - Бухова и актуелната директорка Рената Младеновска. Исто така, одговорност бараа и од поранешните директори на клиниката. Но, судски епилог нема, обвинителството се уште собира докази. Се замешаа и политичарите, со анкетната комисија во Собранието, но само власта и опозицијата се испокараа па не изгласаа никакви заклучоци.
Протестираа и пациенти со ретки болести и дијабетичари
Нема пари за скапиот лек „Трикафта“. Ова образложение го добија болните од цистична фиброза кои со протести за да им се обезбеди лекот ја започнаа 2023 година. Тогашниот министер Беким Сали ги убедуваше дека при планирањето на буџетот во изминатата година, не било предвидено набавка на овој лек со што се комплицирало обезбедување пари за терапијата.
И додека со денови траеја протестите во јануари, на почетокот на февруари смртта на еден од најгласните болни 45-годишниот Благојче Илиевски како да им докажа на надлежните колку сурова знае да биде оваа ретка болест. Низа ветувања, битка со нерви, па повторно протести, за во март министерствот да објави дека ќе има терапија, но за само осуммина.
Цела година помина за дури на крајот на 2023 та да пристигне веста дека „лекот што живот значи“ ќе пристигне на Детската клиника. Обезбедена е терапија за 12 пациенти, а на секои 10 денови ќе бидат вклучени во листата за лекување нови седум пациенти. Министерот вети дека освен овие на терапија се 55 болни и за нив во 2024 година ќе биде обезбедена терапија.
Своја битка водат и дијабетичарите кои постојано се во неизвесност дали ќе има инсулин и редовна контрола на шеќерот во крвта. Тие со месеци немаа инсулинска терапија, но нема сетови ни за пумпи, сензори и глукомери, со што во опасност беа ставени 700 деца и млади.
И тие сред лето протестираа пред Министерството за здравство, со барање да добијат средства за мерење и контрола на болеста, а меѓу нив имаше и деца, кои носеа транспарент „Да им го олесниме детството“. Во земјава има 150.000 граѓани со дијабет, од кои 45.000 се на инсулин.
Системско решение со кое би се решиле проблемите ќе чекаат уште минимум две години, а во меѓувреме во ноември беа набавени 19 илјади глукометри и ленти. Пациентите со дијабетес рекоа дека оваа година беше можеби најтешка за нив, поради тоа што нема редовност на терапијата и не се сигурни во квалитетот на глукометрите и лентите што ги набавува државата.
Скандал до скандал, директори се тепаа, фондот беше хакиран
Уште на почетокот на февруари 2023 година дел од осигурениците останаа без било какви услуги или исплати поврзани со Фондот за здравствено осигурување. Се отвори прашањето што се случува, но од Фондот молчеа сè додека не „балонот од информации“ не експлодираше па се дозна дека компјутерскиот систем е хакиран, а податоците на осигурениците запленети.
Драмата траеше повеќе од две недели, за веќе на крај на месецот директорката да признае дека биле мета на „сајбер“ напад, но откупот на податоците не бил во милиони. Сепак никогаш не се дозна, ниту кој го изврши нападот, ниту колку беше платено назад за да се вратат податоците во системот.
Филмот на Истражувачката репортерска лабораторија за пожарот во тетовската модуларна болница во кој загинаа 14 пациенти одново ги разгоре страстите за тоа во какви услови се лекувале ковид пациентите, но и дали истрагата ги заштитила здравствените власти. Поранешни и новодојдени министри си ја префрлаа вината еден на друг, додека семејствата на жртвите бараа одговорност од сите.
Клиниката за кардиохирургија својот имиџ го градеше претходните години, како една успешна приказна во која за прв пат се изврши трансплантација на срце. Но, веста дека токму носителот на овие операции, директорот Сашко Јовев е разрешен пристигна сред лето.
Тој јавно се спротивстави на тврдењата дека имало пропусти во неговото работење и обелодени дека причината е поради тоа што не го поканил министерот за здравство на отворање на нова сала. Министерот Фатмир Меџити изјави дека Јовев е разрешен откако инспекцијата утврдила „големи злоупотреби“, но докторот подржан од пациенти и колеги најави тужба.
Во меѓувреме, родителите на Јана од Битола, на Тамара од Велес, но и семејството Димитријевски, кои одлучија да заминат од татковината, се едногласни дека здравјето на нивните деца и лекувањето во системи кои функционираат подобро е многу поважно од тоа каде живееш.