„Дури 80 насто од граѓаните се за членство на Северна Македонија во Европската унија“, рече премиерот Димитар Ковачевски на Самитот во Блед на 28 август.
И покрај високата поддршка на граѓаните за која говореше премиерот, само два дена подоцна, на 30 август, Ковачевски и владините министри ја започнаа едномесечната офанзива со кампањата вредна 80.000 евра – „Ние сме Европа“ – да ги информира и убедува граѓаните за придобивките и можностите од зачленувањето во ЕУ, преку промоција на европските вредности. И тоа во услови кога власта го нема потребното двотретинско мнозинство во законодавниот дом за усвојување на уставните измени, без поддршка на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.
Трајковска: Кампања без ефекти
За директорката на Институтот за комуникациски студии, Жанета Трајковска кампањата „Ние сме Европа“, многу наликува на предизборните кампањи на политичките партии кога генерално зборуваат пред истомисленици.
Според Трајковска, наместо кампањи, во моментов, власта и опозицијата треба да дебатираат меѓу себе и да преговараат можно обезбедување двотретинско мнозинство во Собранието за изгласување на уставните измени. Се друго, според неа, останува како шум во просторот и едноставно несоодветно трошење на пари.
„Не можам да ја видам целта и поентата на ваквиот конзервативен начин на правење кампањи, бидејќи премиерот и целата влада одат по градови и зборуваат пред истомисленици или луѓе кои ги поддржуваат од една страна. Посредно може да има влијание преку одредени пораки кои ги кажале претставниците на власта ќе излезат потоа во медиумите и централните вести. Но, тоа ќе постигне многу мал ефект“, вели Трајковска.
Таа смета дека ваквиот тип на кампањи е бесполезен кога се говори за влијанието и за импактот кај оние кои мислат дека Македонија не треба да оди во ЕУ.
„Или да бидеме поконкретни, оваа кампања треба да биде насочена кон опозицијата, но, не може да биде со вакви инструменти и вакви алатки“, вели Трајковска
Карванот започна од главниот град Скопје
„Ова е историска шанса за нашата економија и не смееме да ја пропуштиме. Не постои друга алтернатива, која краткорочно и долгорочно ќе овозможи таков економски раст како земјите на ЕУ. Не постои друга алтернатива и друг концепт за обезбедување поголем животен стандард. Сега е вистинското време за продолжување на преговорите со ЕУ. Сите треба да имаме одговорност да направиме се земјата да оди напред“, говореше Ковачевски.
Во обраќањето, Ковачевски не пропушти да ги истакне како што ги нарече „историските резултати“ на Владата која ја предводи. Највисока минимална плата и пензии на највисоко историско ниво, најголемо ниво на вработеност, најниска стапка на невработеност во историјата на државата. Ги споредуваше и интеграциските политики и отвореноста на Владите на СДСМ со онаа на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.
„Не говорам за политички поени. Со историски патриотизам, со зборување за минатото каде никој ништо не ветува, граѓаните нема да ги одведе никаде. Го видовме тоа 11 државата назадуваше, демократијата назадуваше немаше слобода на медиуми. Тоа не го сакаат овие граѓани, тие сами се изборија тоа да не го гледаме“, рече Ковачевски.
Кампањата „Ние сме Европа“ ќе се реализира во осум градови низ државата.
Историја на кампањите за ЕУ
„Ние сме Европа“ е последна во долгогодишнита пракса на кампањи кои се спроведуваат за промоција на европските вредности во земјава. И тоа независно дали нивен спроведувач е државата – преку Владата или Секретаријатот за европски прашања или самата Европска унија.
Во јуни 2019, Секретаријатот за европски прашања ја започна кампањата насловена „Заедно кон ѕвездите“. Кампањата започна во период кога Република Северна Македонија го очекуваше клучниот исчекор за европскиот напредок – стартот на преговорите.
Само неколку месеци подоцна, во октомври 2019 година, Владата на седница одлучи да издвои 325.000 евра за подигнување на јавната свест и промоција на европските вредности и придобивките кои државата ќе ги почувствува од членството во ЕУ, за време на преговорите. Но, откако датумот за почеток на преговори се „изјалови“, кампањата беше откажана.
Една година претходно, во 2018, ЕУ ја спроведе кампањата „Замисли иднина заедно“ со намера да им ги објасни на македонските граѓани придобивките од зачленувањето на земјата, а во пресрет на референдумот за промена на името на државата.
Во 2014, патувачкиот автобус на ЕУ, како дел од информативната кампања „ЕУ одблизу“ посети 10 села низ целата земја. Целта на оваа кампања од информативен карактер, организирана од Делегацијата на ЕУ во Скопје, беше да се воспостави директна комуникација со населението од руралните средини и да се понудат информации поврзани со Унијата и земјите членки.
Во периодот од 2007 – 2010 година, се спроведе кампања „Учиме за Европската унија“, од страна на СЕП и МОН. Низ 7 фази беа посетени вкупно 144 основни учулишта, 47 средни училишта и 15 факултети низ територијата на државата. Целта е да го подигне нивото на информираност на учениците и студентите за Европската унија, да ја зголеми нивната свест за значењето на евроинтегративните процеси.
Пред точно 20 години, во 2003 година, во време кога вицепремиер за евроинтеграции беше Радмила Шекеринска, се спроведе и кампањата „И сонцето е ѕвезда“. Политичката порака која требаше да се испрати е дека сонцето како симбол на државата, припаѓа во европското семејство, кое се идентификува со ѕвездите од синото знаме на ЕУ.
Државата не мрдна од место
Со кампањи или без нив, со зголемена или намалена поддршка кај граѓаните и по 28 години откако официјално стана кандидат за членство во 2005 година, земјава се уште чекори по трнлив пат за ЕУ.
Проблемот со името со Грција се реши во 2018 година со Договорот од Преспа. Но, Северна Македонија повторно извиси да добие датум за почеток на преговорите. Нова пречка следуваше веќе во 2020 година, кога Бугарија ја блокира македонската европска иднина поради нерешени билатерални прашања.
Вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав е услов за продолжување на преговорите на земјава за членство во Европската Унија(ЕУ).
Уставните измени влегоа во собраниска процедура на 25 јуни 2023 година, како услов земјава да ја одржи втората меѓувладина седница и да ги продолжи преговорите со Европската унија.
За донесување на уставните измени во Собранието е потребно двотретинско мнозинство во 120- члениот Парламент кое актуелното владејачко мнозинство засега го нема.