Достапни линкови

Уставни измени со црвени линии


Илустрација
Илустрација

Власта и опозицијата со непроменети ставови ја дочекуваат седницата за уставни измени. Опозицијата не ги поддржува и решение гледа во предвремени избори. Власта, пак, вели дека ова е последната шанса опозицијата да се приклучи на проевропскиот блок. Без измените земјата нема да напредува кон ЕУ.

Ќе се менува Уставот или постапката на уставни измени ќе прекине? Дилемата ќе почне да се решава утре. За измените со кои, меѓу другото, и Бугарите ќе влезат во Уставот ќе се расправа на седницата закажана за 18 август во 11 часот. Уставните измени се потребни за продолжување на интегративниот пат во Европската унија.

За тоа дали треба да се менува Уставот предвидена е дебата од 10 дена, потоа најмалку 80 пратеници треба да гласаа „ за“, за да почне процедурата за негово менување. Но по исцрпување на дебатата не мора одма да се гласа. Претседателот на Собранието Талат Џафери претходно рече дека гласањето може да биде одложено, а ако нема услови воопшто и да не се случи.

Доколку пак се гласа и нема двотретинско мнозинство, постапката завршува и Уставот не се менува.

Измените предвидуваат во Преамбулата на Уставот, освен бугарскиот народ, да се внесат и хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египќанскиот народ, соопшти Владата.

Но за воопшто да се пристапи кон промена на Уставот потребно е двотретинско мнозинство, односно да гласаат најмалку 80 пратеници од вкупно 120 колку што брои Собранието. Но засега против уставни измени се 44 пратеници од опозициската коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ и двајцата пратеници од Левица.

За уставни измени, пак, се партиите од владејачката коалиција и пратениците од албанскиот опозициски блок. Но тие бараат на седницата за устави измени да бидат поставени и уставни амандмани за бришење на одредницата - 20 проценти, која се однесува на употребата на јазикот, како и корупцијата кај функционерите да биде кривично дело кое не застарува.

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека на Владата не и требаат 80 пратеници да опстои, тие гласови им се потреби на граѓаните

„Вие го поставивте прашањето, 80 пратеници немате – 80 пратеници требаат за Европска Македонија. На Владата ѝ требаат 61 пратеник за да може да работи до следната влада. Двотретинското мнозинство е императив за секој граѓанин во државата. Кога ќе кажеме 80 пратеници, тие не се потребни за Владата, туку за граѓаните на оваа држава“, рече Ковачевски.

Македонските власти се обврзаа на уставни измени, откако лани Софија го повлече ветото за почеток на преговорите со Европската унија (ЕУ), наметнато поради поради историски, јазичен и идентитетски спор со Скопје.


Што ако се донесе одлука за отворање на Уставот?

Пратениците на располагање ќе имаат десет работни денови за дебата за тоа дали има потреба да се менува Уставот. Десеттиот ден таа завршува, без оглед дали останале уште говорници.

Одлуката за пристапување кон измена на Уставот, Собранието ја носи со двотретинско мнозинство гласови. Доколку го нема потребното мнозинство, постапката не може да продолжи.

Ако се усвои потребата за донесување на уставни измени, Собранието усвојува заклучок и го праќа материјалот до Владата. Таа ќе треба да подготви нацрт амандмани на Уставот и да ги прати до Собрание на разгледување. За утврдување на нацрт амандманите на Собранието ќе му треба просто мнозинство, односно најмалку 61 глас. Откако ќе бидат утврдени, ќе започне јавна дискусија. По завршувањето на јавната дискусија, Владата ќе треба да подготви предлог амандмани и пак да ги прати во Собрание. Но за конечна одлука за усвојување на амандманите повторно е потребно двотретинско мнозинство, а за амандманот на Преамбулата, освен двотретинско, потребно е Бадинтерово мнозинство, односно за тоа да гласаат мнозинство од припадниците на етничките заедници.

Ако постапките се одвиваат по најкусите рокови, целата постапка треба за заврши за три и пол месеци.

Доколку го нема потребното мнозинство, постапката не може да продолжи.

Краен рок за гласање по предлогот нема, но уставните измени треба да се донесат до ноември, кога е планирана втората меѓувладина конференција меѓу Македонија и Европската унија.

Можно ли е изненадување?

На владејачкото мнозинство му требаат уште осум пратеници за уставните измени. Првиот вицепремиер Артан Груби, од редовите на ДУИ, вели дека работат и со ВМРО-ДПМНЕ и со поединци во ВМРО-ДПМНЕ за да, како што посочи, и „тие станат дел од градењето на иднината за нашите граѓани“.

Од најголемата опозициска партија остануваа на ставот дека не поддржуваа измени на Уставот во ваков формат и како што велат под бугарски диктат. Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски на 16 август рече дека досега нема никакви притисоци, но има поддршка од граѓаните да истраат во намерите.

„Пленарната седница ќе биде добра можност целокупната јавност да се увери дека власта лаже една цела година, манипулира и сее магла околу уставните измени и дека не се ни блиску до уставни измени“, вели Мицевски.

Пратениците од СДСМ очекуваат сите пратеници во Собранието, вклучително и опозициските, да покажат одговорност и да дадат поддршка за уставните измени.

Пратеничката Фаница Николоска од владејачката партија рече дека „ова на Мицкоски му е последната можност да се приклучи кон проевропскиот блок“.

Три варијанти за уставни измени и избори
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:59 0:00

Во пресрет на седницата за уставни измени, министерот за надворешни работи и потпретседател на Демократската унија за интеграција, Бујар Османи преку својот Фејсбук профил повика – Моментот е сега!.

„Сега кога сме во финале, да не се дезориентираме, туку да го задржиме курсот и родителската одговорност пред идните генерации“, напиша Османи.

Подоцна пак им испрати писмо на пратенциите.

„Од Вас ќе зависи дали со прифаќање на промената на Уставот ќе ги продолжиме разговорите по поглавјата за членство во Унијата или ќе запреме во преговорите на подолг рок, до некоја нова шанса, без никаква гаранција за успех, поттикнувајќи го процесот на „пасошизација“ на граѓаните кои бараат европска иднина за себе“, стои во писмото.


Што ако не се случат уставни измени?

Доколку, пак, нема потребното мнозинство, постапката не може да продолжи. А, ако нема уставни измени Северна Македонија не може реално да ги започне преговорите за влез во ЕУ и ризикува да се одвои од Албанија, порача бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, кој е известувач во Европскиот парламент за Северна Македонија.

„Без промена на Уставот, Република Северна Македонија навистина не може да почне да преговара со ЕУ“, изјави бугарскиот европратеник на 9 август во интервју за БГНЕС.

Тој предупреди дека доколку Скопје не ги направи овие промени во блиска иднина, ќе се одвои од Албанија на патот кон ЕУ. Така, Северна Македонија ќе остане во една група со Србија, Косово, Босна и Херцеговина.

Премиерот Ковачевски вели дека постои реалност земјата на патот кон ЕУ да биде издвоена од пакетот со Албанија.

„Секој одлучува за својата судбина, јас затоа кажав, за првпат имаме ситуација во која ветото не доаѓа од надвор, туку од внатре“.

Ако до крајот на годината нема уставни измени, земјата не ќе може да пристапи кон следната фаза за членство во ЕУ, предупредија и други европски претставници кои во изминатиот период ја посетија земјата. Освен европските дипломати и официјален Вашингтон го поддржува процесот на уставни измени.

Американската амбасадорка во Скопје, Ангела Агелер минатата недела во интервју за Канал 5 телевизија не сакаше директно да ја коментира најавата на опозицијата дека нема да гласа за уставните измени, но се надева дека „сите пратеници, лидерите и членовите на сите политички партии повторно ќе го препознаат овој клучен момент за земјата и ќе донесат одлуки кои се за доброто на граѓаните, а не во интерес на нивните политички или лични аспирации“.

За тоа што ќе се случи со земјата доколку не се донесат измените со кои Бугарите ќе се внесат во Уставот, не треба да се бараат туѓи искуства, бидејќи имаме свое искуство, вели претседателот на Собранието, Талат Џафери и го посочува Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година и она што се случуваше со земјата потоа.

„Искуството покажува дека колку и да е, условно кажано, дилема по однос на моменталното решение, идното решение може да биде само полошо“, вели Џафери.

Празна сала за пленарни седници во Собранието
Празна сала за пленарни седници во Собранието

Во 2008 на Самитот во Букурешт на НАТО, Македонија иако очекуваше, не стана земја членка на Алијансата, по што демократијата назадуваше, покажуваа сите релевантни меѓународни истражувања, и се забавија евроатлантските интеграции.

Меѓународната заедница пораки за поддршка праќаше и во периодот кога се потпишуваше Преспанскиот договор со Грција, пред да бидат изгласани уставните измени во 2019 година за промена на името на државата Република Македонија во Република Северна Македонија.

Реториката тогаш беше дека земјата треба да ја отстрани блокадата со Грција за членство во ЕУ и НАТО. Бугарија во тоа време немаше услови и барања, потпишан беше Договорот за добрососедство во 2017 година.

Но, кога се чинеше дека е отворен патот за почеток на пристапните преговори во 2019 година, прво блокада стави Франција, поради тогашното тврдење дека е потребна измена на методологијата за преговорите, а потоа и Бугарија излезе со блокада поради историски, јазични и идентитетски барања.

И додека политичарите сметаат дека овие евроинтеграциите и уставните измени имаат високо значење за земјата, граѓаните во моментов имаат поинакви перцепции, како што покажуваат најновите анкети.

Според истражувањето на Меѓународниот републикански институт ИРИ, интеграцијата во ЕУ и притисокот на Бугарија во ЕУ интеграцијата не се најважните прашања со кои се соочува Северна Македонија.

За нив приоритетни прашања се сиромаштијата, нискиот животен стандард, високите цени, економската ситуација, невработеноста...

Дали изборите се решение?

Од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ велат дека уставните измени нема да поминат и дека следен чекор се предвремени парламентарни избори. Власта е на ставот дека изборите не се решение. Собранискиот спикер Талат Џафери ја советува опозицијата доколку сака избори, да поднесе предлог до Собранието, а тој, како што вели, веднаш ќе свика седница.
Но за да распишат избори потребно е за тоа да гласаат 61 пратеник, но опозицијата засега нема толкава поддршка.

Додека во земјава трае дебатата за уставните измени, Европската унија прави скрининг на сите 33 поглавја за пристапување: од заштита на потрошувачите, до надворешна политика за да види што Северна Македонија треба да направи на секое политичко поле за да стане членка.

За отворање и за затворање на кое било од поглавјата сите земји членки мора да дадат зелено светло.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG