Достапни линкови

Кој ќе ги плати сметките, и политички и буквално?


Њузлетер 25.08.2023 - За уставните измени, за личните документи, за пропаднатите проекти, за бунтот во Русија...

Кој ќе го плати цехот за закочените уставни измени?

Власта, во средата, промовираше кампања „Ние сме Европа“, која ќе чини 80 илјади евра, се разбира, пари од буџетот, односно, за наши пари ќе не убедува за нешто што го знаеме.
„Целта е на граѓаните да им ги претставиме бенефитите од брзо членство во ЕУ, реформите кои треба да ги направиме и начините како членството ќе го зачува нашиот идентитет, посебноста и мултиетничноста на државата“, изјави вицепремиерот Бојан Маричиќ.
Но, она што не го направи власта, речиси цела година е – да ја убеди опозицијата, односно пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните измени со кои би се внеле Бугарите во Уставот. Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски тврди дека нема шанса да попуштат и оти ако само еден пратеник од неговата партија гласа ЗА, тој ќе се повлече од политичката сцена.

Власта, засега не успева да ги протурка уставните измени, па се надева на помош однадвор, како и многупати во минатото, разни владејачки партии по различни поводи. Каков резултат ќе донесе сегашната посета на заменик-помошникот државен секретар на САД Габриел Ескобар, ќе видиме.
Според Стејт Департментот, „Ескобар патува во Северна Македонија за да разговара за билатерални и регионални прашања и да продолжи да го зајакнува партнерството со ценет НАТО сојузник. Тој се надева на продуктивни и заеднички дискусии со владините лидери за време на неговата посета, особено поврзани со идната интеграција во ЕУ и долгорочниот просперитет на Западен Балкан“.
Според Мицкоски, посетата на Ескобар е како и секоја друга.
„Ќе ги слушнеме аргументите од таа страна, ќе ги кажеме нашите аргументи, отприлика содржината на тој состанок се наѕира, ја знаеме што е, така што секој добронамерен соговорник е добредојден, секој оној кој сака да ги слушне аргументите на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и на народот е добредојден“, рече Мицкоски.
Каков и да е исходот од посетата на Ескобар и поминувањето или непоминувањето на уставните измени, некој ќе ја плати политичката сметка.

Ново име, нови лични документи на сопствен трошок

Уставните измени за промена на името од Република Македонија во Северна Македонија, во Собранието поминаа на 11 јануари 2019, по што се очекуваше и да се започне со издавање на лични документи со новото име.
Сепак, во периодот од 11 јануари 2019 година се до август 2021 година, повеќе од две години, државата продолжи да издава лични документи со „Република Македонија“. Зошто? Па, така, некој што извадил личен документ во првата половина од 2021, има важност од 10 години, односно, до 2031.
Но, не е така, бидејќи владата, поради обврските од Преспанскиот договор, донесе одлука дека важноста на сите документи со старото име истекува на 12 февруари 2024. Покрај тоа, уште и ги зголеми цените за вадење нови документи.

Многумина граѓани се револтирани и сметаат дека не треба да плаќаат за промена на документите и најавуваат тужби, а на сличен став е и Народниот правобранител Насер Зибери.
И според Борче Давитковски, професор на правниот факултет во Скопје ова е обврска која треба да ја плати државата.
Но, се чини дека Владата како да не ги слуша овие реакции и на крајот, граѓаните ќе немаат друг избор освен да си го платат цехот за новите документи.
Закажувањето термини и чекањето да ви дојде редот е посебна голгота. Погледнете го видеото:

 Летните гужви за менување на лични документи ќе траат до зима
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:23 0:00


Тунел под Шар Планина – реалност или научна фантастика?

Ветувања има, пари нема. Ако од ветениот автопат од Скопје кон Косово е завршено само промотивното видео како би изгледал, за најавуваниот пат од Тетово до Призрен нема ни видео, изготвена е само физибилити студија. Децениското предизборно ветување на владејачката ДУИ за изградба на пат со кој ќе се скрати патувањето од Тетово до Призрен од 108 километри на 40,6 километри е далеку од поставување на градежна машинерија на терен.
Во промоцијата за изградба на овој пат сега се приклучија и опозициските партии од албанскиот блок во земјава, кои заедно со косовскиот премиер Албин Курти најавија дека ќе се почне со градба. Станува збор за пат со кој треба да се пресече една од најголемите планини во земјава, Шар Планина, со тунел долг 6,4 километри.

Градежните експерти со кои разговаравме тврдат дека тоа тоа е тежок и навистина скап зафат, што во македонски услови, е речиси неизводлив. Ако не го плати некој друг, а таков нема.
Во меѓувреме, автопатот од Кичево до Охрид се гради со години, пругата кон Бугарија е веќе историски проект, а автопатиштата што треба да и гради Бехтел и Енка, сеуште се само во најава.

Дали Пригожин ја плати сметката за бунтот против Путин?

Евгениј Пригожин, шефот на озлогласената платеничка група Вагнер, кој стана клучна фигура во руската војна против Украина, пред да организира бунт што го потресе Кремљ и ги донесе бунтовничките борци до прагот на Москва, се верува дека загинал во авионска несреќа северно од Москва.
Поранешен осуденик кој бизнисот со ресторани во Санкт Петербург го трансформира во профитабилни договори со Кремљ, Пригожин прво се здоби со озлогласеност на Запад поради создавањето на „руската фабрика за тролови“ која беше обвинета за обид за манипулирање со американските гласачите на претседателските избори во 2016 година. Но, неговата приватна платеничка компанија „Вагнер груп“ веројатно одигра уште поголема улога во руската внатрешна и надворешна политика.

Дрзок и со садистички манири, Пригожин ги испрати своите вагнерови платеници да се борат од името на Кремљ во Сирија, Либија и Украина. Откако Кремљ нареди целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година, тој се претвори во безмилосен критичар на тоа како војската ја водеше таа војна - конфронтација што дојде до израз во јуни 2023 година кога Пригожин испрати илјадници свои борци во дрзок бунт против воената команда.

Пригожин - Од “готвачот на Путин“ до бунтовен платеник
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:37 0:00


Во Русија, нови учебници по историја

Ревизионистичките интервенции на историските факти преземени од Кремљ со цел да се оправда инвазијата на Украина, отворено влегуваат во училишниот систем од септември, во новата учебна година во Русија.
На почетокот на август беа објавени четири учебници по историја наменети за средношколци од 11 одделение на возраст од 16 до 18 години. Во учебниците се претставени ревидирани толкувања на распадот на Советскиот Сојуз, периодот од кога Владимир Путин е на власт (од крајот на 1999 година) и зборуваат за причините за „специјалната воена операција“ како што Русија ја нарече војната во Украина.
Кремљ прави паралели меѓу актуелната инвазија на Украина и Втората светска војна, тврдејќи дека се бори против нацизмот, а непосредна причина за инвазијата во февруари 2022 година е „денацификацијата“ на Украина.
Како што јавува Би-Би-Си, властите во Москва имаат намера да употребат нов учебник за да ја оправдаат војната во Украина и да го обвинат Западот дека се обидува да ја уништи Русија.

Историчарот Матеј Били од Институтот за современа историја во Прага изјави за Радио Слободна Европа дека наративот за денацификацијата е конструкција на актуелниот режим на Кремљ и дека се прави обид, војната во Украина да биде претставена како пошироко прашање.
На прашањето до кој степен историјата стана предмет на сомнеж и зошто, Били одговара: „Можеби затоа што толкувањето на историјата може да биде моќен политички инструмент. И многу често се користи како политички инструмент“.
Во минатото, многу режими и движења се стремеле да им дадат легитимитет на нивните претензии за моќ, повикувајќи се на историски настани кои често биле толкувани од една страна или во некои случаи целосно контрадикторни со познати историски факти.
Политизацијата на историјата е постојан феномен и очигледно е како путиновата Русија е совршен пример за тоа, но не е сама, забележува Били. Тој додава и дека „многу вознемирувачки обиди да се користи еднострано објаснување на модерната историја против политичката опозиција може да се забележат и во некои земји од Европската унија.“

Девојки од Аруба волонтираат во Шутка: „Глетката го крши срцето“
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:26 0:00

Девојки од Аруба волонтираат во Шутка

Емели и Шантал од Аруба имале неколку опции за волонтирање во странство, но ја избрале Северна Македонија. Во нивниот двомесечен ангажман тие се дружат и учат со децата во Дневниот центар за деца на улица во Шуто Оризари. Овде, децата кои питачат секој работен ден добиваат грижа, внимание, оброк и стекнуваат навики, а волонтерките му помагаат на стручниот тим. Волонтерките тука ги носи соработката на „Волонтерски центар Скопје“ со организацијата „ЦЕДЕ Аруба“. Преку Европскиот солидарен корпус, како дел од проектот „Воисес“ тие волонтираат и во магазин и подкаст кој има мисија да биде гласот на младите.

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG