Достапни линкови

„Битки“ на социјални мрежи, дома и на улица


Њузлетер 18.08.2023 - „Битки“ на социјални мрежи за политика, за влијание, - дома, во семејствата со насилства, и на улица за правда, за пензии, за плати. Кога затајуваат институциите, секој со своја битка, за свои цели, преку разни форми.

Битка за уставни измени

Битката за измени во Уставот, со кои во него би се внеле и Бугарите, што е услов за формален старт на преговорите со Европската Унија, досега главно се водеше преку статуси на социјалните мрежи, прес конференции и изјави на политичари. Јавноста се подели на два, крајно спротивставени табора, безусловно ДА и стриктно НЕ. И едната и другата страна, про-владина и опозициска, останаа глуви за аргументите на оние со различно мислење. Министерот за надворешни работи Бујар Османи дури и црташе на табла, а вчера и испрати писмо до пратениците. Опозицијата цело време тврди дека нема да подржи промени на Уставот под бугарски диктат.

Сега, за ова клучно прашање, треба да биде донесена одлука во Парламентот, на пленарна седница, со дво-третинско мнозинство. Но, со оглед на повеќепати повторуваниот став на најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, иницијативата за промена на Уставот, нема да помине. Ваквиот став на опозицијата не успеаја да го сменат ни пораките од многу меѓународни фактори за неопходноста од тој чекор на патот кон ЕУ.
Така стојат работите моментално, се разбира доколку не се води и некоја паралелна битка далеку од очите на јавноста. Што понатаму, никој со сигурност не може да предвиди.

Битката на Русија за влијание

Русија изврши воена инвазија врз Украина, борбите се секојдневни, а на војната засега не и се гледа крајот.
Но, она што е помалку видливо е хибридната војна на Москва во државите каде што настојува да го одржува или проширува руското влијание. На овој план, се чини дека руската амбасада во Северна Македонија е една од најактивните на Балканот, според бројот на објави на социјалните мрежи и бројот на интеракции на тие нивни објави.
Само во 2021 и 2022 година, Руската амбасада има објавено двојно повеќе постови од дипломатските претставништва на Европската унија (ЕУ), САД, Велика Британија... и неколкукратно повеќе објави од македонското Министерство за надворешни работи (МНР).

Ова го покажува истражувањето на Центарот за проучување на демократијата од Софија (CSD), кој ги следел објавите на повеќе амбасади на Балканот во изминативе две години.
„Профилите на руските амбасади на социјалните мрежи се канал и засилувач на руската пропаганда и целата палета на дезинформациски наративи кои доаѓаат од Кремљ, од кои повеќето се насочени против Западот и демократскиот начин на живот“, изјави за РСЕ Горан Георгиев, истражувач во софискиот Центар за проучување на демократијата и експерт за меѓународни односи и геополитика.
Руската амбасада во Скопје не сакаше да ги коментира овие информации.

Инфографика - Постови на социјалните мрежи на амбасадите на Русија во земјите од Западен Балкан, јануари - август 2023 година
Инфографика - Постови на социјалните мрежи на амбасадите на Русија во земјите од Западен Балкан, јануари - август 2023 година


Битка за правда на улица

Поранешниот министер за здравство Венко Филипче, државниот обвинител Љубомир Јовески и сопственикот на компанијата „БРАКО“ Кочо Анѓушев да се најдат на обвинителна клупа и да одговараат за пожарот во модуларната болница во Тетово каде живи изгореа 14 лица, порачаа роднини на загинатите пред судот во Тетово каде протестираа барајќи, како што велат, правда за овој случај.
Судењето да почне од почеток за да има вистинско и реално судење“, порача Елмедина Абдулахи, активистка од Иницијативата „За подобро Тетово“.

Казни за вистинските виновници за пожарот, барање од протестот во Тетово
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:02 0:00

„Правдата е лажна вест во земјава“, „Стоп за селективна правда“ и “Одговорност сега“ , беа само дел од пораките на транспарентите на протестот, мотивиран од документарецот на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) насловен „Убиство во Тетово“. Документарецот открива дека модуларните болници се граделе без елаборат за електрична инсталација, без елаборат за против пожарна заштита, без надзор на изградбата, но и низа други сериозни законски пропусти.
Обвинителството излезе со демант во однос на тврдењата во филмот за тоа дека обвинителството имало јасна слика за причините поради кои се случил пожарот, а истите не биле јавно обелоденети.

Пензионерите, на „улична битка“ за поголеми пензии

Откако се организираа во неколку градови, пензионерите од повеќе здруженија излегоа на протест во Скопје. Нивни барања се линеарно зголемување на пензиите од 3500 денари, како и најниската пензија да биде 18.000 денари. Барањата лично и ги доставија и на министерката за труд и социјала, Јованка Тренчевска.

Според Тренчевска, нереално е минималната пензија да биде 18.000 денари, додавајќи дека од идниот месец таа ќе биде 13.300 денари.
Сојузот на здруженијата на пензионери не им даде поддршка на своите членови на протестот.
Пензионерите кои протестираа, порачаа дека доколку продолжи ваквото однесување на Сојузот тие повеќе нема да ја плаќаат членарината од 180 денари месечно.
„Каде одиме со овие пензии, ајде да им ги дадеме на оние во Владата па тие нека живеат со нив да ги видам. Младите си одат, економијата е ужасна, здравството исто така е за никаде. Тие си ги качија платите и сега ќе ни кажуваат статистики“, ни изјави пензионерката Станка Ангелова од Скопје.

„Битките“ дома, во семејство

Овие битки се можеби едни од најтешките, се случуваат дома, од најблиски.
Во последните години растат пријавите за семејно насилство, но бројките се далеку од реалните, оти според невладините, само 2 отсто од жртвите се охрабруваат да пријават во полиција. Друг проблем е што 80 проценти од оние кои пријавуваат, потоа се повлекуваат од кривично гонење. Жртвите прозборуваат само кога последиците од ќотекот ќе станат видливи.
Повиците за пријавување на насилство во земјава се случуваат во време кога во регионот, поточно во Босна и Херцеговина, со пренос во живо на Инстаграм, Нермин Сулејмановиќ ја уби својата поранешна партнерка Низама Хаќимовиќ.

„Секојдневно имаме работа, секојдневно има насилство и наместо да се намалуваат пријавите тие се зголемуваат сè повеќе и повеќе“, вели за РСЕ македонски полициски инспектор за семејно насилство.

Семејно насилство
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:33 0:00

Жртвата или потенцијалната жртва може да пријави преку телефон, директно во станица или пак преку некоја невладина организација која се занимава со овие прашања. По пријавата први на сцена стапуваат униформираните полицајци. Тие треба да ја сослушаат жртвата и да ја придружуваат до лекар доколку дошло до физичко насилство. Но на жртвата останува одлуката дали понатаму ќе сака кривично да се гони насилникот.

„Но 80 проценти од оние кои пријавуваат, потоа се повлекуваат“, вели инспекторот.

Во земјава 60 отсто од жените сметаат дека семејното насилство е вообичаена појава, додека 48 проценти сметаат дека тоа е приватна работа, се наведува во минатогодишното истражување „Невидливи убиства“ на Националниот Совет за родова рамноправност.

Борче од „Донирај компјутер“: За 2 години сите може да имаат компјутер
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:12 0:00

Битка за компјутер за секое дете

Она што не може да го постигнат институциите, се обидува да го реализираат ентузијасти од „Донирај компјутер“.
Веќе седум години кавадарчанецот Борче Стаменов после редовната работа во компанија за електроника, уште минимум половина работно време се посветува на нешто кое не му носи екстра пари, но му носи задоволство. Тој и екипата на хуманитарната организација „Донирај компјутер“ собираат половни компјутери и опрема, ги поправаат ако треба, па ги донираат. Освен на граѓани од социјално загрозена категорија донираат и на училишта. Досега донирале над 2500 компјутери, а целосно опремиле 30 училишта во земјава.

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG