МПЦ против законите за родова еднаквост
Отворање на Пандорината кутија од која секојдневно ќе излегуваат разно-разни родови. Вака го опишува својот страв Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), ако се донесат предлог законите за матична евиденција и за родова еднаквост.
Црквата бара да се повлечат законите, оти со нив, како што велат, ќе се редефинира целокупното општество.
Црквата, за прв пат во својата историја, организираше протест, нагласувајќи дека не е насочен кон луѓето со поинаква сексуална ориентација, туку против невладините организации, кои, како што смета, под плаштот на заштита на човековите права сакаат да го оковаат општеството во тоталитаризам.
„Собрани сме да кажеме „ДА“ на животот и на светоста на семејството оформено од еден маж и една жена, за да кажеме дека ќе ги браниме нашите најмили - децата од неприфатливи и нагрдувачки нови идеологии“, порача поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), Господин – господин Стефан
На протестот присуствуваше бискупот на католичката црква, а Исламската верска заедница го поддржа протестот, но, сепак, поддршката беше само морална, односно без физичко присуство.
Не треба да се мешаат поимите родов идентитет, род и пол, вели во интервју за Радио Слободна Европа министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
„Полот е биологијата, а родот е социјален конструкт, она што општеството го смета за улога за девојчињата и жените и за момчињата и мажите, и така и треба да се гледаат и тоа е менливо, затоа што и општеството со своите демократски процеси оди напред“, вели министерката.
Не се сите еднакви и во бизнисот, особено со презиме Ахмети
Дрин Ахмети, внук од брат на лидерот на ДУИ Али Ахмети станува косопственик на објектот Соравија во центарот на Скопје без да вложи ништо. Имал идеи и бизнис план.
На 25-годишна возраст, Дрин Ахмети има и други бизниси. Покрај купувањето на Соравија преку компанијата „Тор индустрис“ , Дрин Ахмети преку друга негова компанија, „Еверест ЏД“ поседува и активна концесија за експлоатација на варовник во Зајас.
Компанијата „Еверест ЏД“ се јавува и како сопственик на „Потам - плант“, формирана во 2019 година со дејност за производство на електрична енергија. Во портфолиото на Дрин Ахмети влегува уште една компанија за производство на струја, „Хелиос плант“, каде е еден од тројцата сопственици, заедно со неговиот брат, Бесиан и со Шкумбин Ахмети, синот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Покрај „Хелиос Плант“, и синот на Ахмети, Шкумбин, се шири во секторот енергетика, отворајќи две нови компании за производство на електрична енергија. Една е компанијата „Тхеас Енергу ДООЕЛ“, а другата „Мега Повер ДОО Скопје“, регистрирана во скопската населба Бардовци, во која е косопственик со екс странски советник во Владата на ВМРО - ДПМНЕ.
„Кланот Ахмети, покрај во бизнисот се шири и во дипломатијата“, велат во опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Партијата објави дека вториот внук на Али Ахмети и брат на Дрин Ахмети, Бесиан Ахмети, пред само три месеци е именуван за прв секретар во македонската амбасада во Брисел.
„Ова се податоци и информации коишто даваат можност да се отвори постапка за проверка, пред сè, на финансиските текови, и секако дека Јавното обвинителство ќе може да отвори истрага и врз основа на тоа да задолжи соодветни институции за спроведување на законот и да се проверат сите факти и аргументи“, изјави Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Обвинителството засега молчи. Шеф на обвинителството за организиран криминал и корупција е Ислам Абази, кој е од Зајас, село од каде што е и Али Ахмети.
Нееднаквоста и неправичноста во судството е посебна приказна, ама изгледа ја гледаат само странците
Критиките на дипломатските претставници во земјава за (не)функционирањето на правната држава стануваат се пожестоки. Австрискиот амбасадор јавно побара смена на судии и обвинители поради одолговлекување на судски случај, во кој фирма од Австрија не може да наплати долг од фирма, поврзана со член на поширокото семејство на Зоран Заев.
Критиките на амбасадорот Вуцас за нефункционирањето на правниот систем следува откако со исто таква реторика зборуваа и други дипломати во земјава.
Најпрво американската амбасадорка Ангела Агелер испрати писмо со загриженост заради состојбите во судството, а на црната листа со функционери вмешани во корупција, која Соединетите Држави ја најавија пред неколку месеци, од неодамна е и струшкиот градоначалник Рамиз Мерко со членовите на неговото семејство, меѓу другото и заради мешање и притисоци врз судството.
Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп пак, во интервју за Радио Слободна Европа го оцени како нелегитимно функционирањето на Судскиот совет. Превирањата кои траат веќе подолго време во Судскиот совет се и причина за запирањето на голем проект на холандската влада во вредност од милион евра за зајакнување на ефикасноста, отчетноста и транспарентноста на Судскиот совет.
„Кога меѓународната јавност ќе почне отворено, преку медиуми да бара правда и да укажува на нефункционалноста на цел систем, тоа значи дека сме доведени во очајна ситуација“, анализира поранешниот врховен судија Дане Илиев.
Нееднаквост и во образованието
За многумина Роми факултетска диплома е неостварлива цел, што од економски причини, што од некои други.
Според Државниот завод за статистика, во 2021-ва година, високо образование завршиле само 33 Роми. Горе, долу, слична е бројката и во другите години.
Но, примерот на Сонита и Ферзије, кои дипломирале, е сосема поинаков. Едната морала да се бори против семејството кое не се согласувало да студира, додека другата имала подршка.
Ферзије сака да помогне овие бројки да пораснат и вели дека досега успеала да мотивира други Ромки да го следат нејзиниот пример. Организира работилници и обуки, но често е и на терен, како една од трите ромски образовни медијатори во Битола.
„Работиме на тоа да се подигне свеста, прво за основното училиште, конкретно училиштето „Ѓорѓи Сугаре“, каде во најголем процент учат Роми. Ние всушност сме линкот меѓу заедницата и институциите“, додава Ферзије.
Таа им укажува на родителите дека ако тие немаат образование, таков не мора да биде случајот со нивните деца.
Сонита, пак, сака да биде инспирација со својата борба, но не ја гледа иднината во земјава, иако на почетокот било така. Се разочарала кога на јавен оглас за вработување на негувателка, како што вели, однапред се знаело кои ќе бидат вработени.
„Само мене ми беше кажано дека не сум во компјутерот во партија. Мислев дека се бара квалитет и знаење, а не партиска членска книшка. За жал! Знаејќи дека нема да бидам вработена по струка, без врски и членска книшка, си аплицирав во Германија како социјален и рехабилитациски педагог во дом за деца без родители. Бев примена и по неколку дена се преселив, односно си заминав засекогаш од Македонија, за подобра иднина“, вели Фејзовска.
Пазарна нееднаквост. Какви ќе бидат цените на основните прехранбени производи во јули?
Доколку претстојниов викендов се упатите да пазарувате во маркет, рафтовите на кои се наоѓаат лебот, оризот, маслото за јадење, макароните, млекото и млечните производи, може да ве дочекаат и со поинакви цени. Причина за тоа е одмрзнувањето на маржата на основните прехранбени производи, која претходно со одлука на влада беше продолжена до 30 јуни. Ова е датумот и кога официјално државата повеќе нема да ги контролира цените и ги остава во рацете на трговците.
Одмрзнувањето доаѓа во услови кога во светски рамки веќе една година цените на храната се намалуваат, додека во државава ниту ограничените маржи не успеаја да го зауздаат поскапувањето. Месецот што претстои ќе покаже какви ќе бидат цените на прехранбените производи во продавниците и дали повторно ќе се случуваат злоупотреби од трговците, ставајќи набилдани маржи на производите.
Какви ќе бидат маржите, никој не знае. А какви беа досега, погледнете: