Половина од општините во земјава немаат градежен инспектор, додека Владата планира законски да ги обврзе Инспекторатите да спроведува проверки на сите градежни објекти, проекти и компании на секои шест месеци и да им ги зголеми ингеренции да можат веднаш да одземаат лиценци. Ова е дел од измените на седум закони кои Владата се подготвува да ги достави до Собранието, одлука која ја донесе по трагедијата во Кочани, каде што во пожарот во дискотеката „Пулс“ загинаа 59 луѓе, а речиси 200 беа повредени.
Масовната проверка која следуваше по пожарот, што ја спроведоа инспекциските служби и Министерството за транспорт и врски покажа дека речиси 500 од вкупно три илјади компании кои се занимаваат со градба на станови, куќи, но и државни објекти, како и проектирање и изработка на Детални урбанистички планови го изиграле системот.
Тие вработувале градежни инженери, проектанти и архитекти за да стекнат право за да добијат лиценца за работа, и набрзо по тоа, а честопати веќе следниот месец, имињата на стручните, поради кои и ја добиле лиценцата веќе не биле на нивните платни списоци, откриле инспекторите. Но, тоа е само еден дел од утврдените злоупотреби.
Инспектори од различни области на локално и централно ниво во изминатава недела излегоа на терен за проверка на големината на „дупката во системот“ кој дозволил во кочанската дискотека „Пулс“ да се случи трагедија од толкави размери.
Санација на системот Владата најави дека почнува во градежниот сектор. Со законски измени ќе ги зголеми ингеренциите на градежените инспектори и зачестени контроли.
Инспекторатите кубурат со кадар
Овие закони наскоро ќе бидат доставени до пратениците најави министерот за транспорт и врски Александар Николовски. Но, и да се изгласаат набрзо, проблем ќе биде исполнувањето на ваквата законска обврска, затоа што инспекторатите на централно и локално ниво „кубурат“ со кадар.
„Неодржливо е некои инспекторати да имаат само десет инспектори на терен“, изјави Николовски во гостувањето на ТВ Сител.
Претседателот на Заедницата на локални заедници и градоначалник на општина Кисела Вода Орце Ѓоргиевски изјави дека половина општини немаат градежен инспектор, односно дека недостасуваат најмалку 40 градежни инспектори. И во најголемите општини со над 100 илјади жители, има по еден градежен инспектор.
„Ние и во минатиов период имавме позитивна пракса, со колегата од Центар, ние им позајмуваме градежен инспектор, ние сме позајмувале инспектор од Општина Ѓорче Петров. Ние интерно се надополнуваме во овој период, но пристисокот ќе биде зголемен за барање согласност за вработување на инспектор,“ изјави Ѓоргиевски на последната прес конференција.
За лошите состојби во градежениот сектор предупреди и деканот на Градежниот факултет Горан Марковски во интервју за Радио Слободна Европа, кој вели дека градежните инспектори не се таму каде што им е местото во редовна инспекција.
„Сега, рака на срце, не знам дали во случајов е така, но имаме се помалку градежни инспектори. Во големи средини, како што е Скопје, се бројат на прсти на една рака затоа што струката градежништво во последно време е неатрактивна“, вели Марковски.
Според него, работната задача на градежен инспектор не е едноставна задача, имајќи в предвид дека станува збор за чувствителна дејност која што треба да е добро платена, но и контролирана за да не се премолчуваат одредени работи во изградбата, затоа што градежни, пазарни и санитарни инспектори ја имаат клучната улога во тоа да спречат функционирање на субстандардни објекти.
Во ек на градежен бум, нема интерес за професија градежен инженер
Марковски предупредува дека дополнителен проблем во надополнување на испразнетите места за градежни инспектори е недостигот на градежни инженери на пазарот на трудот. Во земјава функционираат околку три илјади компании во градежниот сектор, а се забележува и градежен бум во главниот град кој логично би требало да го привлече интересот на студентите за оваа бранша.
„Ако има големи инвестиции, во тој случај тие привлекуваат млади луѓе да студират. Меѓутоа, во овој период тоа не е така. Тоа не е случај што за нас е исто малку чудно. Зошто кога имаме толку голема потреба од градежни инженери, па и архитекти, интересот за студирање на Градежниот факултет е опаднат?“, вели Марковски.
Последните податоци од Регистарот на вработени во јавната администрација покажуваат дека бројот на вработени во дел од Инспекторатите брои од 6 до 262. На пример во Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам кое што се заминава со проверка на градби на целата територија на државата има вкупно 25 вработени кои имаат задача да проверуваат 80 општини.
Државниот комунален инспекторат брои 12 вработени, додека Инспекторатот за локална самоуправа брои 6 вработени. Според регистарот во Државниот пазарен инспекторат се вработени 262 административци, но според изјавата на Николовски само 40 од нив се инспектори.
Инспекторите во „маѓепсан круг“ од политички и бизнис влијанија
За инспекторите, еден од најголемите проблеми со кој се соочуваат се и малите плати и надоместоците, кои не соодветствуваат на одговорноста и тежината на нивната професија, се вели во анализата на НВО Инфо-центарот спроведена во 80 проценти од општините.
Од друга страна пак, им недостасува соодветна опрема, теренски возила па и мерни апарати.
„Дополнително, кога одат на терен во инспекциски надзор често се изложени на различни ризици (закани, па дури и напади од оние кои се предмет на инспекција) и не се чувстуваат безбедно и заштитено. Немаат осигурување, а некои инспектори се жалат дека институциите кои треба да ги санкционираат напаѓачите (на пример, полицијата, обвинителството) не реагираат, бавни се, а некогаш дури и решаваат во полза на напаѓачите“ се заклучува во анализата.
Според одговорите на општините во истражувањето на НВО Инфо- Центар, инспекторите многу често се наоѓаат во „маѓепсаниот круг“ на политичките и бизнис влијанија, од една страна, и законите, граѓаните и јавниот интерес, од друга страна. Дополнителен проблем кој им ја отежнува работата е недоволната соработка со државните институции на национално ниво.
„Општинските инспектори се назначени од градоначалникот и нему директно му одговараат. Ова претставува опасност за интегритетот на инспекторите односно претставува ризик од корупција. Ризикот од корупција е голем заради фактот што општините, во исто време, се и даватели на услуги и вршат инспекциски надзор над тие услуги. Затоа, инспекторите често се наоѓаат во „маѓепсаниот круг“ на, од една страна политичките и бизнис влијанија, од друга страна законите, граѓаните и јавниот интерес,“ се вели во истражувањето.