Достапни линкови

Герасимовски: Законски „чистите“ објекти од Скопје 2014 ќе добијат одобрение за градба


Герасимовски: Односите со Град Скопје ни се заладија
please wait

No media source currently available

0:00 0:16:10 0:00

Герасимовски: Односите со Град Скопје ни се заладија

Тоа што можеше да го поттурнеме за да се заврши ликот на центарот на Скопје, да заличи, тоа и го правиме. Ако се завршат одредени законски судски процедури за одредени објекти и тие се „чисти“, нема да дозволам истите да не се дозавршат, вели градоначалникот на општина Центар Горан Герасимовски.

Г-дине Герасимовски што ќе значaт за вас новите измени во законот за урбанизам?

Тоа што го увидувам и тоа што го дискутираме со нашите служби е дека дел од тие измени ќе бидат за добро на општината, односно побрзо носење на одредени преку урбанистичко планирање, одредени измени на деталните урбанистички планови, во делот на образованите, во делот на паркирањето во делот на социјалната заштита, во делот на паркирањето. Делумно ги поддржуваме, но ќе видиме дали ќе има дополнителни измени во самиот закон.

Но, невладините како Граѓанската инцијатива О2 тврдат дека ќе се зголеми урбаниот хаос затоа што ќе се овозможи издавање дозволи по стари закони..

Токму така, во важност се старите закони, можеби самиот закон е избрзан без отпочнување на соодветна дебата во која ќе бидат вклучени повеќе стручни лица од невладиниот сектор, па и вработени во општината со поголемо искуство, кои што би придонеле за таков тип на дебати, за самите закони да бидат што подобри. Можеби самата одлука е избрзана, но добро е ако се отворат теми за нови измени за подобрување на самиот закон, за сето тоа да оди преку опширна дебата.

Дали тоа што доаѓате од опозициска партија е причината поради која министерот Александар Николовски најавува забрана за градење во општината со која раководите ?

Прво не сакам да верувам дека политиката ќе се стави над интересот на граѓаните. Од кога сум влезен во општината, сите заедно функционираме со советничките групи кои се од различни партии и се договараме во интерес на граѓаните. Не сакам да верувам дека политиката ќе биде вмешана на грбот на граѓаните. Во делот на самата изјава е споменат мораториум за две општини, Центар и Карпош.

Ние во минатото имавме мораториум кој не заврши славно, а ни донесе дополнителни проблеми и тегоби на самата општина. По завршувањето на мораториум во општината пристигнаа голем број на барања за одобренија за градба, кои со закон ние немаме можност да ги стопираме. Ни одзеде многу време, енергија и доста вработени кои требаше сите тие барања да ги процесираат.

Да, можеби би требало да се воведе одреден мораториум , за подобрување на самите ДУП-ови но, мораториум кој би го опфатил целиот скопски регион. Оние анализи што ги направивме покажуваат дека Општина Центар не е прва по издадени одобренија за градба, туку е четврта. Има општини кои што имаат многу повеќе одобренија за градба од нас.

Зошто тогаш сте посочени од министерот за транспорт Николовски, Центар и Карпош како урбанистички најпроблематични општини ?

Како најатрактивни општини, како општини во кои што, било што да се прави е под дебела лупа на јавноста и невладиниот сектор. Сето тоа треба да се смени, затоа што не се гради само во општина Центар, или општина Карпош, туку се гради во речии сите општини, па дури и повеќе од овие две општини.

Што ќе правите ако во пракса се спроведе најавата на Министерот Николовски дека нема да потпише ниту еден урбанистички план за општините Центар и Карпош, додека не се донесат специјални закони за забрана за градење во овие две општини?

За да се донесат какви било специјални закони, мора да се вклучат стручни лица и да се отворат дебати. Не можат да бидат избрзани како што сега се донесени некои законски измени.

Но, праксата покажува дека може..

Тоа не е добро. А што би направиле како општина, ние во моментов носиме неколку ДУП-ови. Два од нив, „Кале“ и Француски гробишта“ во моментов се во министерството за транспорт и врски и се во завршна фаза. Поминале низ филтер Општина- Град и чекаме од транспорт да се вратат во Совет. Ќе видиме дали истите ќе бидат стопирани или ќе бидат процесирани.

Николовски тврди дека над 600 детални урбанистички планови се заглавени во општините, според вашето искуство на што се должи тоа?

На несоодветно менаџирање и недостаток на добра релација Општина- Град – министерство. Ние последнава година до две донесовме ДУП-ови кои биле во процедура скоро десетина години. Законскиот рок е 18 месеци, тој може да се пролонгира и уште 6. Но, носење на ДУП-ови после седум осум или десет години е страшно за развојот на општината.

Поради тоа кочење на носење на ДУП-овите, настанува урбан хаос, на важност се старите ДУП-ови се додека не се донесат нови. Затоа велам дека за мораториум не е целта да се стопира градба, туку да се стопира додека не се донесат подобри ДУП-ови. Но, џабе ако се донесе мораториум а трите институции не се како една, односно не функционираат како една, за сето тоа да се стави на брза лента и да се забрза целиот процес за да самото носење на ДУП-ови трае една година, или година ипол.

Како ја коментирате изјавата на вашата колешка Данела Арсовска, која да ја цитирам вели „ дека ВМРО-ДПМНЕ со СДСМ веќе две и пол години се во коалиција во советот на општината Центар“ ?

Нашата функција е менаџерска и кога влегов во Општината, политиката ја имам тргнато на страна, затоа што интересите на граѓаните ни се пред се, а не политичките интереси.

Каква е вашата соработка со градоначалничката на Скопје ?

На почетокот имавме доста координации, и преку ЗЕЛС и преку скопски плански регион, каде што се дискутираше за повеќе решенија за подобри услови кон граѓаните. Но, откако настана оној хаос меѓу ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката и онаа смена на градоначалничката од прв човек на ЗЕЛС, сите тие односи се заладија. Ние како општина се обидуваме и бараме начин, а можам и слободно да кажам дека имаме добра соработка и со скопските градоначалници во делот на сугестии и одредени проекти, во кои меѓусебно си помагаме во интерес на граѓаните.

Какви се вашите очекувања во однос на барањата на скопските градоначалници за одземање на ингеренциите на Арсовска за комуналната хигиена и паркови и зеленило , дали централата власт ќе изнајде начин да ги задоволи овие бара на скопските градоначалници?

Ние таа тема ја отворивме многу оддамна, уште пред да настане оној хаос меѓу градоначалничката и ВМРО-ДПМНЕ и беше разговарано и предложено уште пред година и пол две, ние како општини да си го преземе делот со комунална хигиена, да се трансформира претпријатието, и секоја општина да земе дел од вработените но и дел од механизацијата. Не стигнавме во делот на финансиите, и како би се покривале трошоците. Сигурен сум дека нивото на хигиената ќе се дигне на многу повисоко ниво ако секоја општина си ги преземе ингеренциите од јавното претпријатие.

Велите дека оваа тема веќе сте ја разговарале година ипол со вашите колеги, претпоставувам дека претходната власт не го спровела, дали очекувате оваа Влада да го спроведе вашето барање во пракса?

Се отвориле дискусии, но не целосно се наметна темата за се преземат ингеренциите. Се отворија дискусии но не целосно ние се наметнавме. Сега верувам дека по овие изјави и по овие средби ќе отпочне процедурата за разгледување на можност за преземање на ингеренциите.

По седум години затишје на терен се гледаат градежни активности на недовршените објекти на Скопје 2014. Зошто после седум години повторно заживува овој проект?

Јас сум човек кој што сакам да направам се за општината да биде едно прекрасно место за живеење. Сите проекти кои се закочени, дел од нив беа закочени поради судски нерешени процедури, дел од зградите беа градени непрописно, па некои згради кои се градени во минатото се и дивоградби, немаат пристап за паркирање. Тоа што можеше да го подбутнеме за да се заврши ликот на центарот на Скопје да заличи, тоа и го правиме. Искрено не би дозволил, да доколку има можност, или се завршат одредени законски судски процедури за одредени објекти и тие се чисти и можат да продолжат со градба, нема да дозволам истите да не се дозавршат.

Велите некои беа дивоградби, некои беа проблематични без пристап за гаража, тие проблеми се уште не се решени. Дали тоа значи дека сега барањата за дозволи кои ќе бидат во ваш домен за Скопје 2014 , условно кажано ќе поминат глатко ?

Како што слушнавме и од сегашната влада има интерес да ги дозаврши незавршените проекти. А искрено, кога нешто е започнато, а на ништо не личи, потрошени се многу финансиски средства за дел од нив да стојат неотворени. Треба да се најде начин и законски процедури да се спроведат за сето тоа се заврши.

Каков стил вие преферирате, барокен или модернистички како премиерот?

Искрено модерниот.

Неодамна почна изградба на катна гаража на зелената површина позади Собранието, Вашиот претходник го поништи одобрението за градба уште во 2018 година, а пресудата на управниот суд била донесена во 2020 година. Но, вие како општина сте одлучиле дури сега позитивно за одобрението за градба. Зошто?

Не одлучуваме ние позитивно. По поништувањето на процедурата за градба и судски процедури, инвеститорот по завршување на судската процедура, општината е должна, бидејќи е во корист на инвеститорот, немаме законска можност да стопираме било што. Не навлегувам во тоа, како е купено, кога е купено, како е до оформено или издадено одобрение, ние не навлегуваме, затоа што не е наша работа, не сме инспектори да го спроведуваме случајот како е купено некое земјиште.

Имавме многу состаноци и со претходната Влада. Дали да се спроведе како да се спроведе, дека нема да има безбедност поради тоа што е во непосредна близина на една од најважните државни институции, тоа е Собранието. Но, ние како општина, по судската одлука, во корист на инвеститорот, е завршна фаза која што немаме можност да го стопираме самиот проект.

А вашата загриженост за безбедноста, не може да се пренасочи некаде, во некоја институција?

Затоа велам дека имавме неколку состаноци со претходната Влада, за да видиме како тоа целосно да се спроведе поради безбедносните причини. Не велам дека таму нема потреба од паркинг, таму има огромна потреба од паркинг простор, но можеби не на таа близина и висина.

Дали тоа значи дека таму ќе се гради без разлика на се?

После многуте состаноци кои ги имавме и со правниот тим на луѓе во општината, баравме начин и надворешни мислења да слушнеме, разговаравме и со урбанизам, неколку пати беа наши инспектори на терен. Ќе го почитуваме законот, ако законот вели дека мора да се гради, ние немаме можност како тоа да го закочиме.

Вие сте еден од ретките градоначалници на опозицијата во земјава. Вашата партија има нов лидер, дали ќе барате од него поддршка за уште мандат ?

Ние работиме изминатите три години, а поготово од почетокот на учебната година, исто како да сме во изборен процес. Мојата цел е реализација на сите проекти кои се во тек, сите проекти кои што ги ветивме пред граѓаните и овозможување на подобри услови за живот. Дали ќе побараме втор мандат ќе кажат граѓаните преку оние истражување кои ќе ги спроведеме и нивната поддршка што ќе ја добиеме. Ако граѓаните се задоволни од сето она што сме го ветиле и сработиле сигурно дека ќе ја бараме поддршката за втор мандат.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG