Мораториум на градење во две скопски општини или на ниво на цело Скопје, е прашањето што се наметнува, откако министерот за транспорт Александар Николовски најави дека размислува за специјален закон со кој во наредните 20 години ќе се забрани градење само во две скопски општини Центар и Карпош, каде што градоначалниците доаѓаат од опозициски партии.
„Со овие специјални закони ќе го ограничиме развојот таму, но не може заради две општини во кои се случувал хаос во изминатиот период да ја казнуваме цела држава. Остатокот од државата мора да се развива, народот ни се исели и не смееме да продолжиме да функционираме на тој начин“, изјави Николоски насобраниска седница.
Реакции од Карпош и Центар
Герасимовски и Јакимовски бараат од Николовски да се отвори дебата за урбанистичкото планирање. Но, и двајцата не се согласуваат со понудата на министерот, само за општините со кои тие управуваат да бидат ставени под мораториум.
„Доколку се отпочне дебата, и се прават законски измени, треба да се размислува во делот на мораториум – да, но на ниво на Град Скопје или на ниво на регион“, вели Герасимовски за Радио Слободна Европа.
Тој вели дека се надева оти оваа тема нема да се гледа низ партиска призма.
„Треба сите заедно да ги тргнеме политичките партии на страна и да работиме во интерес на граѓаните затоа што ние сме избрани од граѓаните и треба да се грижиме заедно за подобар развој на општините. Не сакам да мислам и да навлегувам во таа насока, дека некој сака да ги политизира работите. Се согласуваме, треба да се отворат дебати и да се најдат подобри решенија, но да важат подеднакво на ниво на Град Скопје или на регион“, додава Герасимовски.
Неговиот колега од општината Карпош, Јакимовски смета дека предлогот за мораториум е неуставен и дека со него се испраќа лоша политичка порака за нестабилност до инвестоторите.
“Како да го коментирам фактот дека во Ѓорче Петров има урбанистички план со 54 згради, урбанистички план со триесет и кусур згради, а училиште нема, градинка нема и половина Ѓорче Петров сака да ги смести децата во градинките во Карпош е сега каде има хаос во Ѓорче Петров или во Карпош“, изјави Јакимовски.
Под раководство на поранешниот градоначалник на Општина Центар Саша Богдановиќ беше донесена одлука за мораториум на неколку детални урбанистички планови во 2018 година. Но, една година подоцна Уставниот суд ја оцени како неуставна, и го стопираше мораториумот.
Ралев - во урбанизмот има доста политика
Поранешниот претседател на Асоцијацијата на архитекти, Мишко Ралев вели дека изјави за мораториум на градење во само две општини не треба да излегуваат од министерски кабинети без стручна анализа и сериозен план за развој на градовите и општините.
„Во урбанизмот има доста политика. Секако дека големата заситеност од станбени згради е карактеристична за цело Скопје, и не може да се изземаат само одредени општини. Или за цел град или нема да се спроведе. Одземањето на можноста за градби на одредени територии е контрапродуктивно“ , тврди Ралев.
Тој објаснува дека во скопската општина Аеродром градежната експанзија е видлива со голо око, а показателите укажуваат на тоа дека таа општина станбената површина енормно расте по однос на демографските потреби. Според него неопходно е сериозно урбанистичко планирање, затоа што последиците од ова стихијно однесување на скопските градоначалници ги трпат граѓаните.
„Во Скопје има огромен процент на станбена површина која што не соодветствува на потребите, и пренатрупаноста, односно згуснувањето на урбаниот простор, ова што е тренд на одење по височина, како згради со по20 до 30 катови, и повеќе. Сите ги трпиме тие последици. А од друга страна сите зборуваа за зглемување на квалитетот на јавниот простор а тоа е нешто што ние воопшто не го гледаме. Јавниот простор трпи, а со тоа трпиме и ние“, додава Ралев.
Скопските општини низ бројки
Податоците од државниот завод за статистика покажуваат дека од почетокот на годинава до сега лидер во издадени дозволи за градба е општината Гази Баба со издадени 91, што е речиси една четвртина од издадените дозволи за градба на ниво на скопскиот регион кој опфаќа вкупно 17 општини.
Градоначалникот во оваа општина, Бобан Стефковски доаѓа од владејачката партија ВМРО- ДПМНЕ. Според последниот попис, во оваа општина живеат 69 илјади луѓе, а до 2021 година се изградени 26 543 станови.
Веднаш под оваа општина на ранг листата е општината Карпош со 69 издадени одобренија за градби со потпис на градоначалникот Стевчо Јакимовски од опозициската Гром . Во оваа општина до 2021 се иградени 32 илјади станови, а бројот на жители изнесува 63 760.
Трета општина на ранг листата е општината Илинден, со издадени 53 одобренија за градба со потпис на градоначалникот Александар Георгиевски од ВМРО-ДПМНЕ, каде што живеат 17 илјади жители во 6 илјади станови.
Додека четвртото место го делат општините Бутел и Центар, каде што потпис на овие дозволи ставиле Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ и Горан Герасимовски од СДСМ. Во Бутел се изградени 12 илјади станови, а бројот на жители изнесува 38 илјади, додека во општина Центар 44 илјади жители со 27 илјаи станови.
Пописот покажува дека рекорден по број на изградени станови во Скопје е општината Аеродром која брои 35 илјади станови и над 77 илјади жители.
Мораториумот (не) е решение
Додека Николовски вели дека е потребен мораториум за општините Центар и Карпош, во меѓувреме во Собранието поднесе законско решение со за урбанистичко планирање со кој се олеснува процедурата за изградба на објекти.
Со измените на законот донесени во скратена постапка, се овозможува изработка на урбанистички планови според стари и неважечки закони. Невладините организации и урбанистите предупредуваат дека со овие измени на законот голема е веројатноста да се создаде дополнителен урбан хаос и еродирање на јавните простори.
Дополнително веќе две години се доцни со изработка на Генерален урбанистички план, затоа што претходниот беше донесен во времето на ексградоначалникот на Скопје Коце Трајановски и со важност од 2012 до 2022 година.