Во првиот месец од годинава се издадени 307 одобренија за градба, што е за 62,4 отсто повеќе во однос на истиот месец од претходната година, покажуваат податоците на Заводот за статистика. Половина од одобренијата се за објекти од високоградба, 20 проценти се за нискоградба и 30 отсто за реконструкција. Предвидена вредност на објектите е над 4 милијарди денари, односно околу 65 милиони евра, што е за 68,1 проценти повeќе во однос на истиот месец од претходната година.
По региони, во Скопскиот се издадени најмногу одобренија и тоа 125, од нив 82 се за физички лица, а 43 деловни субјекти. Потоа следуваат Полошкиот регион, Југоисточниот, Вардарскиот, Југозападниот и Североисточниот со ист број на одобренија за градби по 24, па Источниот и на крај со најмалку одобренија е Пелагонискиот регион, со само 11 одобренија.
Најмногу станови ќе се градат во Аеродром
Овие одобренија предвидуваат дека ќе се градат 810 станови на површина од над 60 илјади метри квадратни. Од овие 810 станови, најмногу, односно 646 се за скопските општини. Од скопските општини најмногу станови ќе се градат во Аеродром и тоа 335, потоа е Кисела Вода со 258. Во Аеродром најмногу ќе се градат двособни и трособни станови, а и по некој четворособен. Во Кисела Вода, пак, ќе се градат најмногу двособни, но издадени се и одобренија за станови кои имаат и по осум или повеќе соби. За градби во Центар се издадени 10 одобренија за станови.
По регион втор на листата по предвиден број на станови е Југоисточниот со 61 одобрение, од кои 59 се во Струмица. Потоа ќе се градат 39 станови во Штип итн.
РСЕ при крајот на минатата години пишуваше дека во Аеродром во изминатите неколку години се изградиле најмногу станови. Во радиус од околу 500 метри во општината од 2013 година до 2018 се изградиле или во тек е изградбата на 29 згради. Поставени се и темели на четири нови висококатници.
Населбата во последните години добива нов лик, па речиси и да нема слободно место на кое не се изгради или е во тек градба на згради. Особено тоа е видливо близина на Тобако два. Последната градба што се гради таму е на крстосницата кај Скопјанка и тоа речиси до самиот раб на тротоарот. Таму до недамна имаше паркче со детско игралиште. Аеродромци во неколку наврати протестираа и против градба на објект кај Мајчин дом.
Податоците, пак, покажуваат дека понудата на станови ја надминува побарувачката и тоа за двојно, односно има повеќе од 5000 непродадени станови, а се градат двојно повеќе. Најголема побарувачка на станови има во општините Центар, Карпош и Аеродром, каде цената на квадратот е околу 1000 евра. Во другите градови, пак, становите се продаваат по драстично пониски цени за квадратен метар.
Цените на недвижностите ќе растат
Вицепремиерот, Кочо Анѓушев, пред една недела од позиција на стопанственик порача граѓаните да инвестираат во недвижнини, затоа што, како што рече за неколку години, ќе им се зголеми вредноста.
„Сакам да им порачам на сите што имате намера да инвестирате, направете го тоа сега. Ви зборувам како стопанственик, како човек, кој се обидува да ги види работите три чекори напред, праксата покажала дека во многу наврати сум ги видел, не секогаш најдобро, многу пати човек грешки. Но она што сега го гледам е дека квадрат стан, квадрат деловен простор во Софија, Букурешт, Будимпешта, пред десетина години кошташе 800 до 1000 евра, денеска кошта 2.500 до 3.000 евра. Тоа ќе се случи и во Република Северна Македонија. Градете, инвестирајте! Се што ќе направите во овие следни години, после неколку години ќе има вредност пута два, пута три. Тоа не можете да го направите на друг начин“, рече Анѓушев.
Бетон наместо трева и дрвја
Урбанистичката треска во последните години го десеткуваше зеленилото.
„Изминатите 10 години како последица на градежната експанзија, а во центарот на Скопје и како последица на проектот Скопје 2014 зеленилото во градот честопати било жртвувано за сметка на новите градежни објекти кои задоволуваа нечии лични, политички и бизнис интереси. Несоодветен беше и третманот, голем број дрвја се самоуништија, се исушија“, изјави неодамна градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов презентирајќи го Зелениот катастар.
Преку овој Катастар се попишуваат дрвјата во Скопје. Според податоците кои на средината на јануари ги презентираше Шилегов, попишани се 65.844 дрвја и 28.395 грмушки во градското зеленило.
Целта на Зелен катастар е подобро управувањето со јавното зеленило.
Нејасни се податоците и колку метри зеленило има по глава на жител, затоа што немаме спроведено попис. Според последните податоци од пописот во 2002 во Скопје по глава жител му следува по 12 метри квадратни градско зеленило, а европскиот просек е двојно повисок, односно по 25 квадранти метри.