Бараа поддршка за, како што велеа, да се живее добро и достоинствено. И ја добија, СДСМ ја доби и локалната власт, а ВМРО-ДПМНЕ победи само во неколку општини. Со последните случувања, од опозициската партијата беше исклучен и градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, со што ВМРО-ДПМНЕ остана само со градоначалници на рурални општини.
Кој (не) се грижи за 39-те точки за чист воздух во Скопје
Ветувањата за почист воздух беа во фокусот на кампањата на градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов. Тој и ја почна кампањата на велосипед. Во неговата програма, една од шесте клучни работи е дека ќе го направи Скопје – европска зелена престолнина во 2021 година. Година дена по преземањето на функцијата, невладините велат дека од 39 точки за подобар воздух е исполнета само една, а на девет почнало да се работи.
Од Град Скопје велат дека се започнати повеќе работи.
„Ако добро ги анализираме, почнати се доста од ветувањата меѓутоа повеќе се работи кои треба да се завршат во текот на целиот мандат“, изјави портпаролот на град Скопје“, вели портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салихиу.
Шилегов воведуваше забрани за автомобили на Водно, па ја укинуваше, во текот на минатата зима неколкупати беше активирана мерката бесплатен јавен превоз, депонијата Дрисла доби нов филтер на печката за медицински отпад, а беа организирани и неколку акции за чистење на градот. Градот побара управувањето со депонијата целосно да се врати во нивна ингеренција, но процедурата сè уште трае. Во меѓувреме, цела година не се мерело загадувањето околу Дрисла, оти на надлежните во компанијата им било скапо да го прават тоа. Друг проблем со кој се соочуваат скопјани се и кучињата скитници, но градските власти велат дека процедурите за решавање на овој проблем се долги.
Опозицијата обвинува дека Шилегов потроши една година, без да направи нешто корисно за Скопје.
„Со Шилегов Скопје само тоне. Шилегов покажа дека не знае и не може да го управува градот. Шилегов е најнеспособниот градоначалник во историјата на Град Скопје“, истакна Ирена Попова, советничка во Советот на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Во делот на инфраструктурата започната е градбата на новиот булевар БиХ, се реконструираат улици и тротоари, се поставуваат столпчиња на тротоари да не можат да се паркираат автомобили, а агилна е и пајак служба. Градоначалникот за следната година најави набавка на нови автобуси, а почнува постапката и за изградба на тунелите под Кале.
Беше запрена изградбата на барокни фасади на згради во Центар, но справувањето со спомениците дивоградби и со галиите во Вардар сè уште не дошло на дневен ред.
Скопјани му забележуваа на Шилегов и што доцнеше прскањето против комарци летото.
Во Аеродром во радиус од 500 метри 29 нови згради
Скопската општина Аеродром деновиве е во центарот на случувањата. Во изборната програма градоначалникот Златко Марин наведуваше дека од 15 октомври (2017) ќе го запре градежниот хаос.
„Ќе направиме ревизија на ДУП-овите со цел да се намали градежната експанзија, посебно во урбаното јадро“, стои во програмата на Марин.
Но, како градоначалник, Марин првин се правдаше дека не може да ја спречи изградбата на деветкатницата кај Мајчин дом за потоа да ја стопира, но на 15 дена.
Во Аеродром во изминатите неколку години се изградиле најмногу станови.
Од општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром велат дека граѓаните се разочарани од Златко Марин.
„Марин најавуваше запирање на градежниот хаос и мораториум за нови градби – сите сме сведоци што се случува во Аеродром со изградбата на нови згради, мораториумот и запирање на градежниот хаос не е ниту на повидок, а Марин воден од тесно партиски и бизнис интереси за само една година овозможи изградба на повеќе од 1100 нови станови во Аеродром“, рече Дејан Митески од ВМРО-ДПМНЕ ОК Аеродром.
Стопанската комора на северозападна Македонија минатата недела ги обвини општините Карпош и Аеродром дека се главни виновници за блокирање на деталните урбанистички планови и оти тоа ја чини економијата една милијарда евра.
Во Општина Карпош реагираа дека нормално се спроведуваат сите детални урбанистички планови, освен трите што беа укинати од страна на Уставниот суд.
Општина Центар, пак, го стопира спроведувањето на ДУП-овите додека не ги ревидира.
Друг проблем со кој се соочуваат општините е тоа што се презадолжени, а ќе се одглавуваат со пари од централниот буџет.
Локалните дописници на РСЕ јавуваат за оценките од новите локални власти по една година од стапувањето на функција. Тетовци се жалат дека по една година од новиот мандат, градоначалничката Теута Арифи има сработено многу малку и оти клучните проблеми во градот остануваат. Во локалната власт, пак, посочуваат дека ги решиле проблемите со водоводот и депонијата.
Една година од конституирање на новата локална власт, некои од запрашаните кумановци ја оценуваат како период во кој очекувале да се реализираат поголем дел од предизборните ветувања.
Првата година од новата локална власт во Општина Битола предводена од СДСМ помина во решавање на наталожените проблеми што ѝ ги остави претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ.
Ветените проекти во Дебар се реализираат согласни и власта и граѓаните, но голем проблем останува иселувањето на младите од тој регион.