Достапни линкови

Во Аеродром во радиус од 500 метри 29 нови згради


Во Аеродром во изминатите неколку години се изградиле најмногу станови. Во радиус од околу 500 метри во општината од 2013 година до денес се изградиле или во тек е изградбата на 29 згради. Поставени се и темели на четири нови висококатници.

Општина Аеродром е лидер по изградбата на станови во скопскиот регион, а по неа следaт Карпош, Кисела вода и Центар. Ова може да се заклучи врз основа на податоците на Државниот завод за статистика во однос на бројката на завршени станови кои се градени од деловни субјекти.

Во Аеродром во изминатата година биле завршени 726 станови, во 2016 година, 1001, а во 2015 година 1051 станови. Во Карпош бројката е далеку помала. Ако се спореди вкупно во Аеродром во изминатите три години биле завршени 2776 стана, во Карпош 1164, додека пак во Кисела вода 844 станови, а во Центар 825.

становиАеродомКарпошКисела ВодаЦентар
2013718 35155259
201476814579107
20151051383175352
20161001323245322
2017726458424151

Граѓаните од Аеродром го кренаа својот глас откако на ред дојде изградбата на објект кај Мајчин дом на сметка на зеленилото. Но, видливо е дека населбата добива нов лик, а тоа особено може да се забележи во близина на Тобако два. Во радиус од околу 500 метри од 2013 година до денеска се изградиле или во тек е изградбата на 29 згради.

Аеродром 2013 и 2018
Аеродром 2013 и 2018

Поставени се и темелите на четири нови високо катници.

„Јас имајќи ги пред очи податоците од Државниот завод за статистика морам да констатирам дека урбаната мафија се уште цвета во Македонија и во Аеродром. Се чини дека онаму каде што ВМРО-ДПМНЕ застана со своето владеење од таму СДСМ продолжува“, вели Искра Манојлоска, активистка од граѓанската иницијатива „Сакаме Аеродром да дише“.

Градоначалникот на Аеродром, Златко Марин најпрвин се правдаше дека не може да ја спречи изградбата на девет катницата кај Мајчин дом за потоа да ја стопира, но на 15 дена. Марин во предизборието ветуваше дека ќе се стави во одбрана на зеленилото во Аеродром.

Неговиот колега, градоначалник на Центар, Саша Богдановиќ донесе одлука за мораториум за градба во општината во декември, минатата година со цел да се стопираат спорните дупови. Марин тврди дека тоа е незаконски, а Богдановиќ смета дека секој ДУП може да се поправи со нов ДУП.

Марин најави формирање ново тело во кое претставници од месните заедници, здруженија на граѓани и стручни лица од областа на урбанизмот директно ќе учествуваат во урбанистичкото планирање на општината.

„Новите згради во Аеродром се сосема непотребни. Доколку ги прашате луѓето коишто живеат тука сите до последен ќе ви кажат дека Аеродром е веќе населба која ги има пополнето своите капацитети за живеење“, додава Манојлоска.

Таа ја повикува и актуелната власт да не се вади со тоа дека претходната власт е виновна за ситуацијата.

Според статистика, во скопскиот регион во 2017 година во однос на завршени и незавршени градежни објекти од страна на деловни субјекти се забележани 248 високоградби, година претходно 242, а во 2015 година, нивната бројка изнесува 245.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG