Достапни линкови

Пановски – Отстранување или легализација на „Воинот на коњ“ и Порта Македонија


Воинот на коњ е дивоградба
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:54 0:00

Воинот на коњ е дивоградба

Споменикот Воин на коњ и Порта Македонија се дивоградби и затоа треба или да бидат отстранети или да бидат легализирани, вели претседателот на Асоцијацијата на архитекти Мартин Пановски, кој беше дел и од комисијата за анализа на Скопје 2014, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Пановски, вие сте член на работната група за анализа на проектот Скопје 2014. До кои сознанија досега дојдовте?

Работната група за Скопје 2014 работи на принцип да ги утврди неправилностите при добивање на градежни дозволи, значи оние процедурални работи околу изградбата. Мислам дека во сите досегашни анализирани извештаи, скулптури, евидентиравме дека процедурите од почеток се противзаконски, на тој начин всушност сите градби кои што се од Скопје 2014, овие што сме ги истражиле досега, можеме да сметаме дека се дивоградби. Од самиот почеток онаа надлежност што ја има за поставување на споменици, ниту едно не е преку Собрание, кое што е надлежно за поставување споменици, сите скоро се поставени или од Општина или од Град Скопје, од тој момент натаму сè би требало да биде ништовно. Веќе прашање е на тоа дали да се работи подлабока анализа, по мене треба да се работи подлабока анализа, иако се нарушени сите тие законски процедури, треба да се навлезе во подлабока анализа што има во тие објекти, бидејќи во објектите во овој период поголем дел што сме го истражиле се скулптури. Тој процес е краток, бидејќи се инвестирани поголема сума на пари и на крајот што со тој дел мислам дека ќе биде политичка одлука, а не стручна.

За кои конкретно скулптури изготвивте извештај досега?

Досега се изготвени извештаите за „Воинот на коњ“, „Порта Македонија“ и онаа скулптура што е кај Министерството за транспорт и врски, каде што е фамилијата на Александар Македонски. За жал сè уште не можеме да ги добиеме, толку е замрсена работата, што проектите не можат да се добијат, бидејќи не се знае каде се. Процедурално се водени така што одлуката на општината е под едно име, проектот е со друго име, дозволата е со трето име.

Според вас, власта е таа што треба да донесе одлука дали да се отстрани, еве на пример, скулптурата „Воинот на коњ“?

Одлуката е дали ќе го почитуваат законот или не. Се знае и убаво е пропишано со бесправно изградени објекти како се постапува. Може да го пуштат на легализација, тоа е исто така одлука, бидејќи законот важи сè уште. Општините може да ги легализираат тие објекти, но во моментот се дивоградби. Општините по службена должност треба да прашаат и кој ја издал градежната дозвола, која што не би смеело да се издаде, каде се тие луѓе и дали некој ќе одговара за тоа?

Освен градежната експанзија, има ли проблем градот Скопје со целосното урбано планирање?

Нема само градот Скопје проблем со урбаното планирање, Република Македонија има проблем, бидејќи урбаното планирање за жал, не само урбаното планирање, туку и архитектурата е сведена на изготвувачи на документација, така и стои во законот. Како држава вие имате Закон за градење и Закон за урбанистичко планирање, тоа значи вас ве интересира да испланирате нешто и да го изградите, како ќе го изградите како држава не ве интересира, бидејќи немате закон за архитектура. Оние кои треба да бидат лидери за нешто како ќе се развива се сведени на изготвувачи на техничка документација, израмнети сме и не знам зошто нè чуди каков ни е градот, дури и добар ни е градот. Урбанистите во какви услови работат и колку се платени, феноменално изгледа градот и навистина се чудам како успева вака да изгледа. Во моментот кога една држава, не сакам да велам власт, бидејќи тоа е минлива работа, кога една држава ќе каже јас сакам да одам напред, а за да одам напред кои ми се луѓето кои ми се потребни, тогаш ќе разговараме дека нешто може да направиме, бидејќи за сите проблеми кога ќе се воочат ги прашуваме архитектите, а кога нешто треба да изградиме градежниците ни се главни. Факт е дека можеби градежништвото е главна економска гранка, но тоа не значи дека ајде сега правиме што сакаме, некој тоа треба да го осмисли.

Целото интервју со претседателот на Асоцијацијата на архитекти Мартин Пановски може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG