Несудениот подарок од контроверзниот бизнисмен Субрата Рој, споменикот на Мајка Тереза за кој јавноста се противеше, што претходната влада ја презема обврската да го изгради, е во завршна фаза, велат од Министерство за култура. Но, кога ќе биде неговото финализирање ќе зависи од заклучоците на работната група во министерството која има за задача да направи анализа за реализацијата и последиците од проектот Скопје 2014. Министерството за култура како недовршени проекти ги наследи и Театар Центар и Драмски театар. Оттаму велат дека поради лошата кондиција на буџетот, дел од обврските за реконструкцијата и изградбата на културните домови ќе бидат реализирани оваа година со парите предвидени во ребалансот, додека за дел се префрлени за следната година.
Проектот Конгресен центар Александар Македонски, односно Универзална сала, кој предизвика големо внимание во јавноста поради менување на идејното решение од изградба на нов објект вреден над 60 милиони евра во реконструкција на постоечкиот во вредност од 15 милиони евра, сега е во рацете на инвеститорот Град Скопје. Таква одлука донела минатата влада во февруари 2016, според која, се препорачува Град Скопје да направи проект за реконструкција на објектот, а Министерството за култура да планира пари за реализација на реконструкција на објектот. Но Град Скопје не го сториле тоа во период кога во буџетот на министерството имало предвидено пари во 2016 година, иако имале одлука за спроведување на јавна набавка, туку тие пари ги бара следната година, кога во буџетот за 2017 година не се предвидени пари за тоа, вели Петрит Сарачини задолжен за односи со јавноста во Министерство за култура.
„Поради тоа за овие активности во 2017 година не се преземени никакви активности и обврски ниту кон други субјекти ниту кон Градот Скопје, ниту кон ЈУ Конгресен центар Александар Македонски. Сега во моментов е во тек ревидирање и составување на предлог измени на програмата за изградба на нови објекти, реконструкција и санација на постојните објекти во областа од културата за 2017 година. Да видиме што ќе добиеме од нашите стручњаци од секторите и ќе видиме како понатаму ќе постапуваме со овој објект, дали ќе се предложи да се изврши таа реконструкција, дали понатаму Министерство за култура ќе учествува во изведбата или ќе остане тоа на Град Скопје кој е надлежен“, вели Сарачини.
Еден од најконтроверзните проекти - Панорамското тркало вредно 18 милиони евра заглави во финансиски лавиринт, односно секнаа донациите за инвеститорот ЈСП Скопје. Агенцијата за електронски комуникации, која досега донирала речиси 5 милиони евра за тркалото, одлучи годинава да ги потроши вишокот пари за други цели откако владата пред неколку дена ја повика Агенцијата да престане со финансирање на изградбата.
„Ставот на владата е дека АЕК треба да престане да ја финансира изградбата на Панорамското тркало. Граѓаните на Скопје треба да бидат вклучени во јавна дебата и да одлучат дали ќе се прави пешачки мост на веќе изграденото место, е предлог на Владата во интерес на граѓаните“, велат од секторот за односи со јавноста во Владата.
Претседателот на Асоцијацијата на архитекти Мартин Пановски смета дека сите недовршени проекти кои се дел од контроверзниот Скопје 2014 треба да се стопираат, додека не заврши ревизијата, за да се види каква препорака ќе се даде за што да се прави со нив.
„Сигурно дека Панорамското тркало треба да се стопира и да се демонтира сè од таму, тоа е мое лични мислење. Каде што не е во голема мера градењето при крај, сигурно дека тоа треба да се отстрани од таму каде што е. Така што ќе видиме, не би сакал да се брза со одлуки за тоа што со некои работи затоа што е потребен сериозен пристап, станува збор за деликатна работа како од економски така и од политички аспект“, вели Пановски.
Владата, односно службата за општи и заеднички работи ги наследи како недоврешените Палата Лазар Поп Трајков, скапата ограда околу владината зграда, Старата учителска школа и подземната гаража на МОБ вредна речиси 10 милиони евра. Вкупната нивна вредност изнесува речиси 33 милиони евра, покажува истражувањето на БИРН - „Скопје 2014 под лупа“. Од владата велат дека Палата Емануел Чучков е целосно платена и завршена и дека наскоро се очекува институциите кои треба да се вселат таму да ја преземат целосната документација и обврските околу неа. Во неа треба да се сместат Државен завод за ревизија, Геолошки завод и АД за стопанисување со станбен и деловен простор.
Во однос на оградата која граѓаните ја платија над 700 илјади евра од Владата велат дека оградата е завршена и дека се уште нема конечна одлука за тоа дали таа ќе биде отстранета.
„Владата е физички отворена за граѓаните“ додаваат оттаму.
Во меѓувреме, од владата информираа дека за Палата Лазар Поп Трајков околу 350 илјади евра и биле исплатени на градежната фирма АД. Бетон Скопје од сметката на Централен регистар, иако според документите тие не се инвеститори. Станува збор за добивката од 2016 година што Централен регистар требало да ја внесат на буџетската сметка, но по налог на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, велат од Владата. Оттаму потврдуваат дека таквата исплата е без правна основа, затоа што исплатата на изведувачите оди преку еден од инвеститорите на објектот, односно Службата за општи и заеднички работи на Владата.
Поранешниот директор на Акционерското друштво за дел од медиумите писмено одговори дека не дал таков налог. Оваа Палата ја чини државната каса речиси 15 милиони евра, покажува истражувањето на БИРН. Нејзината изградба започна во 2013 година на местото на паркот наспроти хотелот Бристол. Откако ќе заврши нејзината изградба, во неа ќе треба да се сместат администрацијата на Централниот регистар, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија, Регулаторната комисија за енергетика, Македонска навигација (М-НАВ) и Акционерско друштво за стопанисување со деловен простор.
Дел од незавршените проекти се и под капата на Град Скопје, како што е Градска куќа за потребите на администрацијата на Град Скопје која чини 20.551.516 € и треба да добие неокласичен изглед. Таму треба да бидат: кабинетот на градскиот татко, Архивата на Град Скопје, салата за Советот, како и други простории за градската администрација.
Дел од архитектите кои зборуваа јавно за проблемите кои произлегоа од Скопје 2014 сметаат дека некои објекти се сериозна закана за безбедноста и дека е потребно да се преземат мерки. На пример посочија дека е потребна преместување на институцијата Државен архив, кој како трезор на безброј значајни документи е изложен на ризик од поплавување од Вардар. Архитектите предупредуваа и дека во изминативе 4 години законот за градење е изменет 16 пати, и тоа кон полошо само за да се исполнат нечии цели и замисли и дека е потребно ревидирање и на тие законски измени.