Рефасадирањето и бришењето на современиот карактер на градот Скопје добиен по земјотресот 1963 година, како и узурпирањето на јавните простори во главниот град се едни од најпроблематичните аспекти на проектот „Скопје 2014“, вели претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија Мартин Пановски, во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Тој додава дека, исто така, проблематично е тоа што проектот е направен на сила.
Пановски истакнува дека во рамки проектот „Скопје 2014“ рефасадирани се објекти како „НАМА“ и каков што беше Владата, кои од аспект на архитектурата се значајни, не само за Македонија, туку и за европското културно наследство.
„Од она што го гледаме од надворешен изглед јасна ни е целата прикаска, тоа е кич, и тука нема друг збор. Мислам дека е неминовно враќање на старите фасади на објекти како „НАМА“, како на објектот на Владата, бидејќи би било од наша страна едноставно кукавички да речеме – во ред е, се потрошија пари за да се направи рефасадирање на владата и толку ќе не пишува во книги дека не сме направиле ништо. Значи ова ќе влезе во историја и веќе е влезено, не е само во наша историја, влезено е и во странска историја како еден преседан во архитектурата и урбанизмот општо во светот“, вели Пановски.
Асоцијацијата на архитекти треба да даде свој став за тоа што треба да се случува со проектот „Скопје 2014“, а ревизија најверојатно ќе се прави во зависност од тоа кое министерство што правело и најверојатно тие ќе си имаат внатрешна ревизија за тие објекти, вели Пановски. Тој посочува дека прво е потребна стручна дебата од која ќе излезе некаков документ или студија за објектите.
„За тоа да го направиме, нас треба да ни се отворат вратите да ги видиме објектите, едноставно не сме ги виделе. Гледаме некои објекти од надвор, а како стручњак не би сакал да оценувам нешто само од надворешен изглед“, вели Пановски.
Граѓанскиот активист Никола Писарев смета дека ревизија на проектот „Скопје 2014“ мора да се направи бидејќи, како што вели, проектот е направен без јавна дискусија и без консултации со оние кои го користат и со стручната јавност.
„Тоа мора да биде исплатливо затоа што „Скопје 2014“ прави голем број на проблеми. Прво, огромен број од тие згради се прескапи за одржување, второ го уништува јавниот простор, а јавниот простор е директно поврзан со квалитетот на животот на сите нас како граѓани и тука не може да се бара исплатливост, тоа мора да се реши и да се среди трајно. „Скопје 2014“ се состои од движни и од недвижни елементи. Скулптурите се движни елементи и тоа може да се дислоцира, а недвижните објекти е прашање кое ќе мора да се решава едно по едно“, вели Писарев.
Пановски зборува и за тоа дали зеленилото во Скопје ја губи битката со таканаречената урбана мафија, но и за колку при процесот на планирањета и изградба на објектите во главниот град се запазени мерките за заштита на жителите при земјотреси, поплави и при други природни непогоди. Интервјуто во целест ќе го емитуваме в недела.