Достапни линкови

Арачиновци не плаќаат даноци, а ни во општината нема кој да ги наплати


општина Арачиново
општина Арачиново

Градоначалникот на Арачиново Ридван Ибраими очекува да има одговорност за претходното раководство откако Државниот завод за ревизија објави дека во Арачиново не се плаќале даноци, комунални такси и надоместоци. Во ЗЕЛС велат дека неуспешните општини треба да се казнуваат, а не да се наградуваат.

Дека некои општини го можат тоа што други не смеат да го прават покажа и деновиве објавениот извештај на државниот ревизор. Градоначалникот на Арачиново Ридван Ибраими за РСЕ вели дека е загрижен од извршената ревизија за општина Арачино во 2021 година која само потврдува дека во оваа скопска општина не се наплаќале: данок на имот, комунална такса на фирма, такса за користење на музика во јавни локали, такса за истакнување на реклами и огласи на јавни места, а не се наплаќал ни надомест за уредување на градежно земјиште.

Градоначалникот Ибраими, кој на функцијата дојде со локалните избори во октомври 2021 година, вели дека ја затекнал општината со многу неправилности и злоупотреби од претходното раководство и дека очекува одговорност за тоа.

„Навистина ме загрижува извештајот и не смее да се дозволи една општина да биде до толку неорганизирана. Особено кога се знае дека општината е само десеттина километри оддалечена од градот Скопје, од најглавните институции во државата. Мислам дека тоа не е во насока на европска Македонија“, вели градоначалникот Ибраими.

Во општината има само шест вработени

Според него, граѓаните не се виновни што во општината никој не плаќа данок на имот, бидејќи самата локална власт не им го овозможила тоа. Тој нагласува дека овој процес е веќе започнат и досега се регистрирани 2091 куќа, од кои 15 отсто веќе доброволно платиле. Се очекува да бидат запишани уште 450 куќи. Голем проблем според Ибраими е и недостигот на кадар со кој се соочува оваа општина.

„Работиме постојано и луѓето почнаа да си плаќаат. Но, забораваме една важна работа. Во општина Арачиново има само шест вработени, од кој ниту еден не е со лиценца за својата работа. Голем проблем ми е тоа, еве барам и од други соседни општини да ми дадат соодветни луѓе за да работат јавни набавки, урбанизам, ревизија и во др.сектори. Еве и кај наплатата за даноци, ни требаат луѓе за на терен, да излезат да ги регистрираат куќите, а јас немам луѓе, и тие што ги вработувам, си одат за неколку месеци“, вели Ибраими.

Негативното мислење на реалноста и објективноста на финансиските извештаи оди до таму што во извештајот меѓудругото се посочува дека оваа општина не води регистар на недвижен имот, не издава решенија за даноците за имот и за промет од недвижности и наследство. Дополнително е утврдено дека во општината не е воспоставена ни евиденција на побарувања за физички и правни лица.

Од Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) се свесни дека одредени општини добиваат поразличен третман од другите.

Секоја општина има различен третман од Владата

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Георгиевски вели дека ЗЕЛС нема надлежност да го „казни“ ваквото однесување на општина Арачиново, но дека едно од можните решенија за да се спречи тоа е Владата да не им ги простува долговите на општините, како порано.

„Јас сум против тоа затоа што со тоа ние мотивираме некој да продолжи да се однесува така како општина Арачиново. Мене ме фрустрира тоа што морам во мојата општина сѐ да платам, сите сметки и даноци, за да има ред како што треба, а во исто време за други општини се прави исклучок и тоа не е коректно. Не може да го смените лошото однесување со амнестија, туку со казна за тие кои не ги почитуваат законите“, вели Ѓорѓиевски.

Само за потсетување, во пандемиската 2021 година Владата обезбеди 50 милиони евра средства за општините. На тој начин секоја општина доби неповратни средства за да покрие 51% од пријавените долгови. Тогашниот премиер Зоран Заев уверуваше дека тоа многу ќе ја олесни работата на градоначалниците и тие ќе се посветат на проекти и планови за развој на локалните самоуправи.

ЗЕЛС ќе се занимава со неплатени даноци

Прашањето со ненаплатата на обврските кај некои општини ќе биде на агендата на Генералното собрание на ЗЕЛС што ќе се одржи следниот месец. Георгиевски вели дека Владата е таа што треба да ги наградува успешните општини или да ги казнува тие кои потфрлиле и не си ја завршиле работата.

„Ние како ЗЕЛС можеме само да предлагаме закони, а не и да ги менуваме и во преговори со Владата треба да издејствуваме поголеми надлежности и права. Затоа што имаме многу обврски што произлегуваат од законот, но имаме ограничена можност за реакција“, вели Ѓорѓиевски.

Во извештајот на ревизорот меѓудругото се посочува и дека „извршените градежни работи како изградба и реконструкција на улици и патишта се без одобрение за градба и основен проект, а ставањето во употреба на градбите е без извршен записник за примопредавање, не е евидентиран недвижниот имот кој е во сопственост на општината, не е обезбедена соодветна поткрепувачка документација за дел од евидентираните расходи“ се вели во соопштението на државниот завод за ревизија.

Ревизорот му препорачува на градоначалникот да преземе мерки за обезбедување на одобрение за градба пред отпочнување на активностите за изградба на објекти во кои инвеститор е општината и планирањето на градбите да се врши според законот за градење.

Арачиново е и една од неколкуте општини кои во минатото имаа големи загуби на електрична енергија. Лани летово жителите на оваа општина три дена останаа без струја поради дефект, бидејќи трафостаницата беше преоптоварена поради неовластено користење на електричната енергија, но и неплатени сметки. ЕВН јавно се пожали дека било небезбедно да испратат екипи на терен, бидејќи нејзини вработени биле постојано мета на физички и вербални напади од локални жители.

Неплатени сметки за стрија и нелегални приклучоци

Од ЕВН посочија дека просечните годишни загуби во Општина Арачиново се околу 20.000 мегават часови на електрична енергија поради нелегални приклучоци. Или преведено во пари, тоа се шест милиони евра.

Многупати досега медиумите алармираа дека во Арачиново последниве две децении не се наплаќа данок на имот. Шест градоначалници се сменија, а притоа до лани не беше воведен компјутрески систем за наплата на данокот. Таа е една од најзадолжените во земјата.

Инаку истражувањата на организацијата „Фајнанс тинк“ покажуваат дека просечно, дури 76 отсто од приходите на општините доаѓа од трансфери и донации од централниот буџет. Најлошо стојат Арачиново, Центар Жупа и Студеничани, чиишто буџети над 90 отсто зависат од донациите од владата, додека во најповолна состојба се Пехчево, Центар и Чучер Сандево коишто зависат од владата помалку од 50 проценти.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG