Достапни линкови

Милевски - Децентрализирани општини не треба да зависат од милоста на централната власт


Милевски - Потребно е системско решение за општинските долгови
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:12 0:00

Милевски - Потребно е системско решение за општинските долгови

Ако законски се ограничи бројот на вработувања во општините и јавните претпријатија, ќе се намали притисокот врз функционерите за вработувања и ќе се реши проблемот со превработеност, што потоа генерира несуштински трошоци, наместо инвестиции, вели министерот за локална самоуправа Горан Милевски.

Господине Милевски, Владата со закон сака повторно да им ги отпише долговите на јавните претпријатија основани од општините, за што опозицијата обвинува за „неспособно менаџирање“ на градоначалниците. Ќе има ли одговорност за директорите кои ги направиле овие долгови кои сега пак граѓаните преку буџетот повторно ќе ги плаќаат.

Мислам дека тие се акумулирани долгови од неколку генерации на директори, но јас колку што знам тоа е отпис на каматата на главниот долг. Видете кај нас некогаш и несразмерно се даваат, јас знам за „шуми“ оти го менаџира кадар на ЛДП, основен долг кон УЈП 30 милиони денари, камати 130 милиони денари, тоа е голема нелогичност, толкави високи камати да даваат јавните претпријатија кон државата, а истите црпат пари од граѓаните, мора да се има, да се најде некоја средина на овие долгови, се пристапило, да речам, кон опростување на каматите, но не и на главниот долг. Мора да се најде системско решение, не само за општините, туку и за јавните претпријатија, да се ограничи бројот на вработувања во општинската администрација, наш предлог со ЗЕЛС сме размислувале тоа да се ограничи според број на жители, пример на 500 жители еден вработен или на 1000 жители еден вработен, како би можело градоначалниците во својот мандат да не вработуваат партиски кадри или пак заради влијание на гласачите да го зголемуваат бројот на вработени во јавна администрација и таа постојано се дуе и доаѓаме наместо во капитални инвестиции, сите средства го граѓаните да одат кон плати на вработените во општинска администрација. Истото се случува и во комуналните јавни претпријатија, тие ако вработат уште некој внатре, нормално дека ќе имаат долгови и ќе продуцираат долгови. Тука предлогот е да се ограничи бројот на службеници во службите, правници, економисти, во соодносот на општите работници за кои што имаат основна дејност. Значи на 10 општи работници да има еден административен службеник, а не да има повеќе административни службеници, отколку што има општи работници. Пример во „Водовод“ да има повеќе администрација, отколку луѓе што работат на водоводните цевки или канализацијата, така што мислам дека на тој начин системски, законски ако го ограничиме бројот на вработувања, прво ќе се намали притисокот врз функционерите за вработувања, а ќе се реши и проблемот на општините со превработеноста, којашто потоа генерира несуштински трошоци наместо капитални инвестиции и решавање на комуналните проблеми на граѓаните или пак некоја инвестиција од капитални размери да инвестираат.

Ова е втор пат во три години Владта финансиски да ги помага општините, постои ли решение за локалната самоуправа да стане самоодржлива на долг рок?

Ние кога зборуваме за финансирање на државата кон општините практично тоа е погрешен пристап, затоа што децентрализирани општини не треба да зависат од милоста на централната власт. И затоа имаме примери како градоначалникот на Гостивар којшто перманентно се жали за односот на централната власт кон него како опозиционен, од друга страна пак градоначалникот на Кавадарци има приходи од државата. Имаме различни гледишта на истото прашање. Сметам дека финансирањето, буџетските средства кога одат во општините , тоа треба да се случува како во образованието со блок дотации по јасни критериуми.

Постои длабок јаз меѓу осумте плански региони. На пример, во Скопскиот регион БДП по глава на жител е речиси 5.000 пати повисок во споредба со Полошкиот, според податоците на Државниот завод за статистика. Покажува ли ова неупех во остварување на целта за рамномерен регионален развој или станува збор за нешто друго?

Во Бруто домашниот производ мора да се земе в предвид и сивата економија која ја има некаде и затоа ние не може да го земеме како параметар само БДП-то, тука имавме и демографски и социјални елементи кои се внесени при утврдувањето на степенот на развиеност на некој плански регион. Се согласувам дека скопскиот регион е најразвиен и таа тенденција продолжува и понатаму. Ние правевме анализа на изминатите 10 години, евалуација на стратегијата и утврдивме дека практично во изминатите 10 години, стратегијата 2009-2019 не допринела да се намали јазот меѓу планските региони, дури напротив некаде се зголемил. Со проектот Скопје 2014 се зголемија туристите во Скопје, наместо во Охрид, а ние велиме дека Охрид е нашиот туристички центар. Значи правиме некои работи со кои ја зголемуваме нерамномерноста, која и онака постои во државата. За да не се случи тоа, ние направивме нова стратегија, правена од искуството на грешките на изминатиот период, внесени се внатре нови европски искуства, направивме нов закон за рамномерен регионален развој со кој сега сите министерства ќе мора да го почитуваат степенот на развиеност и доколку имаме дисбаланс оваа година на штета на некој регион, следната година тој регион мора да добие повеќе средства.

Работите ли во моментов на проекти за развој на руралните средни, бидејќи ситуацијата со епидемијата на Ковид-19 потенцираше недостатоци од типот одрдени места да не се поврзани со интернет, па учениците не можат да следат настава? Преземезамте ли нешто околу ова?

Руралниот развој е многу значаен, затоа има посебна програма во Платежната агенција којашто е 35 милиони евра за поддршка на капитални инвестиции во селата. Ние како Министерство не може да се насочиме само кон руралните места, бидејќи еве евалуацијата што ни кажа – Во изминатите 10 години, вели, вие инвестирате во средини кои долгорочно се иселуваат и практично тоа се фрлени средства, а онаму кадешто се преселуваат луѓето вие практично не инвестирате, затоа ние во новиот закон воведовме посебна програма, оддел за поддршка и на урбаните подрачја, така што сега покрај руралните подрачја, ние ќе фи финансираме и урбаните подрачја каде што реално живее над 80 отсто од населението во Македонија и има најмногу проблеми од аспект на екологија, вработувања, простор и комунални проблеми, проблеми со паркинг итн., односно генерално проблемите на населението. Но, Вие сте во право за ковидот и затоа преку програмите за поддршка на специфични подрачја и програмите за рурални подрачја ние ќе инвестираме 30 отсто од нашите средства.

Целото интервју со министерот за локална самоуправа Горан Милевски може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG