Достапни линкови

Во најава нова програма за децентрализација, а општините се уште финансиски зависни


илустрација
илустрација

Иако веќе 15 години се одвива процесот на децентрализација на општините, повеќето локални единици не се финансиски самостојни. Градоначалниците велат дека се уште зависат од помошта на централната власт

Надлежните власти најавуваат нова програма за локален развој и децентрализација на општините, но барем засега, нив ги мачат истите, главно финансиски проблеми. Повеќето локални единици не се чувствуваат финансиски стабилни и самостојни, односно се уште во голема мера зависат од помошта од централната власт.

„Првенствено потребно е повисоко ниво на фискална децентрализација, а не само делегирање на надлежности. И доколку доаѓа до делегирање на надлежностите и пренос на истите прво треба да се децентрализираат и средствата во делот на капиталните инвестиции, како на пример во делот на образованието. Ако сакаме него да го децентрализираме, тогаш неопходно е да се децентрализираат капиталните инвестиции кои во моментот се финансираат директно од министерството, затоа што блок дотациите кои ние ги добиваме не се доволни за инвестирање во капитални инвестиции во училиштето“, вели градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски.

За дел од општините проблем претставуваат старите долгови кои се таложеле со години, бидејќи како што посочуваат средствата од сопствените извори се премали за да обезбедат рамномерен локален раст и развој.

Досегашните фази на децентрализација според градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев не покажале поместувања напред, како во делот на финансирањето, така и во однос на ингеренциите на општината.

„Имаме доста простор уште за работа. Нормално треба да се направат и длабки анализи. Она што беше добар чекор кој Владата го презеде беше делумното раздолжување на општините кои имаа милионски долгови. Сепак во делот на самоприходите и зголемувањето на ддв-то кај локалните единици, се уште нема некаков бенефит од таа работа“, вели Јанчев.

Јанчев објаснува дека е невозможно оние општини кои имаат стари долгови да се финансираат само со блок дотациите од државата, иако укажува на лошото менаџирање со локалните пари кај повеќето од нив.

„Општо мислење е дека треба да се зголемат приходите од ддв-то и да се зголемат приходите на општината, ама тоа да не биде за основен расход, односно буџетски плати и непродуктивно трошење на средства. Треба длабока анализа за тоа колкав процент треба да е основниот процент на вработување, а другите средства општината да ги наменува за инфраструктура и подобар живот на граѓаните,“ вели Јанчев.

Пандемијата пак, дополнително ги влоши состојбите на локално ниво, се жалат дел од градските татковци.

Децентрализацијата е сложен процес, а целосното пренесување на ингеренциите од централна на локална власт бара време и промени во постоечкиот закон, вели проф. Алаудин Зекири, кој е и поранешен градоначалник.

„Руралните општини имаат поголеми проблеми во делот на целосна финансиска самостојност. Урбаните општини се поподготвени, ама мислам дека се уште има простор за промени во законот за децентрализација. Еве на пример општините во Малешевскиот крај се недоволно административно екипирани за да постапуваат по истите законски обврски кои ги налага законот. Според мене потребен е и нов методолошки критериум за распределба на финансиските средства од ддв-то, каде што покрај териротијалниот критериум, ќе се земе в предвид бројот на жители кога ќе се распредлуваат средствата во општините“, вели проф. Зекири.

На самиот крај од оваа година, министерот за локална самоуправа Горан Милевски најави нова Програма за локален развој и децентрализација 2021-2026 година за која, како што рече, во моментов се одвива широк консултативен процес во кој учествуваат претставници на надлежните министерства, институции и граѓанскиот сектор. Милевски уверува дека Владата покажала политичка подготвеност за продолжување на процесот на децентрализација и финансиско консолидирање на општините. Според него таа ќе овозможи подобрување на локалните административни услуги преку поголема дигитализација, подобрување на комуналните услуги преку поголемо инвестирање во комуналната инфраструктура и подобрување на функционалноста на јавните комунални претпријатија и подобрување на социјалните услуги преку редефинирање на блок дотациите.

Инаку децентрализацијата почна во јуни 2005 година и се одвива фазно. До крајот на 2011 година сите општини во Република Северна Македонија преминаа во втората фаза од фискалната децентрализација, односно ги вршат работите на администрирање и финансирање на децентрализираните надлежности во културата, образованието, детската и социјалната заштита. Од министерството за финансии соопштуваат дека во општините постојано се подобрува наплатата на сопствените приходи, особено на даноците на имот.

Фискалната децентрализација е еден од приоритетите кои произлегуваат од Пристапното партнерство на Република Северна Македонија со ЕУ. Главниот принцип на фазниот пристап е постепено пренесување на надлежностите, во согласност со порастот на капацитетот на локалните власти да ги преземат овие одговорности со обезбедeн правичен и соодветен трансфер на средства.


  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG