Маркетите, аптеките и продавниците за техника и мебел од денеска (18 април) мора да ги објавуваат цените на своите производи на нивните официјални веб-страници. Обврската е согласно измените на Законот за заштита на потрошувачи што стапуваат во сила на 18. месецов (петок) откако по нивното усвојување во Собранието и објавата во Службен весник на 4 март Министерството за економија во предвидениот рок од 45 дена изготви Правилник за начинот на објавување на цените на стоките и податоците што треба да се објавуваат од страна на мал, среден и голем трговец кој врши дејност трговија на мало.
Во Правилникот е наведено дека малиот, средниот и големиот трговец кој врши дејност трговија на мало согласно Националната класификација на дејностите ги објавува цените на стоките кои ги пласира на пазарот на својата веб-страница на јасен и достапен начин, преку посебен дел на веб-страницата на трговецот посветен на цените - Ценовник.
Ажурирање на цените секој ден до 10 часот наутро
Објавените цени треба да бидат достапни без потреба од регистрација или дополнителна најава, а треба да биде истакната тековната продажна цена, единечната цена, промотивната или попустната цена за секој одделен продажен објект на трговецот.
Доколку трговецот нуди промотивни или попустни цени, на веб страницата на трговецот треба да биде означена редовната цена, процентот или износот на намалувањето, како и времетраењето на промоцијата или попустот.
Како што е наведено во Правилникот, трговците треба да ги ажурираат цените на стоките на дневна основа, односно секој работен ден до 10 часот.
Во случај на ненамерна техничка грешка во ажурирањето на цените на стоките, трговецот треба да ја корегира грешката во рок од 24 часа.
Се бараат поригорозни казни
Заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески минатата недела изјави дека со измените во Законот за заштита на потрошувачи се обезбедува транспрентност на цените бидејќи малите, големите и средните маркети ќе мора да ги објавуваат на нивните веб страници.
„Тоа ќе им даде можност на купувачите да одлучат од каде ќе купуваат. Тоа е израелски модел за контрола на цените на производите кој се применува во Израел, Италија, Хрватска“, кажа Ристески во одговор на новинарско прашање.
Една од новите можности за контрола на цените, како што рече, е и промената во Законот за прекршоци каде покрај парична казна од 500 до 10.000 евра, во зависност од големината на маркетите, е воведена и поригорозна мерка затворање на маркетот од 15 дена.
Ќе има ли фер конкуренција?
Според заменик-министерот, од јануари наваму оперативно делува и Комисијата за заштита на конкуренција, откако почнаа нејзините законски обврски и се комплетира во однос на контрола на договорите помеѓу добавувачите и трговците на големо и мало.
Ристески информираше дека мерката за ограничување на бруто профитните маржи за празниците дава резултати и има дефлација од 1,3 отсто во однос на претходниот месец и намалување на цените на основните прехранбени производи и пијалаци од три отсто.
Ваквото решение, контрола и поригорозни казни, се очекува да доведе до фер конкуренција и пониски цени, особено во секторот на прехранбени производи, при што ќе може да се направат и апликации и веб-страници кои ќе им овозможат на потрошувачите да ги споредуваат цените помеѓу различните трговци на мало.