Достапни линкови

 
Унгарија се повлече од Меѓународниот кривичен суд откако Нетанјаху пристигна во Будимпешта

Унгарија се повлече од Меѓународниот кривичен суд откако Нетанјаху пристигна во Будимпешта


Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и унгарскиот премиер Виктор Орбан во Будимпешта, 3 април 2025 година
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и унгарскиот премиер Виктор Орбан во Будимпешта, 3 април 2025 година

Унгарија објави дека се повлекува од Меѓународниот кривичен суд (МКС) додека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пристигна во Будимпешта на своето прво патување во Европа откако беше издаден налог за негово апсење од страна на Меѓународниот кривичен суд (МКС) поради наводни воени злосторства во Газа.

Унгарскиот министер за одбрана Кристоф Салај-Бобровницки го пречека Нетанјаху на аеродромот во Будимпешта околу 2:30 часот по полноќ, а потоа го потврди доаѓањето на израелскиот лидер преку објава на Фејсбук.

„Добредојдовте во Будимпешта, Бенјамин Нетанјаху!“, напиша Салај-Бобровницки во објава на Фејсбук заедно со фотографии од двајцата мажи кои се среќаваат на аеродромот.

Неколку часа подоцна, шефот на кабинетот на премиерот Виктор Орбан, Гергели Гуљас, е цитиран од државната новинска агенција МТИ во изјава во која наведува дека „Унгарија ќе се повлече од судот со седиште во Хаг“, потврдувајќи го она што го изјавија дипломатски извори во Унгарија за РСЕ претходно оваа недела.

„Унгарија ќе се повлече од Меѓународниот кривичен суд. Владата ќе ја започне постапката за повлекување на 3 април, во согласност со уставната и меѓународната правна рамка“, напиша Гуљас во соопштението.

Дури и пред објавувањето, Нетанјаху беше практично сигурен дека нема да биде приведен за време на неговата четиридневна посета.

Како потписник на Хашкиот суд, Унгарија има обврска да го уапси, но нејзината домашна правна ситуација е комплицирана и ѝ дава доволно простор на владата да го пречека.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан јавно упати покана до Нетанјаху во ноември, набргу откако МКС го издаде налогот.

„Ќе му гарантирам, доколку дојде, дека пресудата на МКС нема да има ефект во Унгарија“, рече тогаш Орбан.

Кои се политичките причини?

Орбан се усогласи со Нетанјаху и со американскиот претседател Доналд Трамп, кој исто така го критикуваше налогот на судот.

Трамп минатиот месец издаде санкции против МКС, критикувајќи ги како „неосновани“ неговите налози за апсење на Нетанјаху и поранешниот израелски министер за одбрана Јоав Галант.

Во обвинението се вели дека Нетанјаху е „наводно одговорен за воените злосторства: гладување како метод на војување и намерно насочување на напад врз цивилното население и за злосторства против човештвото за убиства, прогон и други нехумани дејствија од 8 октомври 2023 година до најмалку 20 мај 2024 година“.

Која е правната позиција?

Судот не може да уапси никого. Наместо тоа, тој се потпира на земјите кои го потпишале договорот за создавање на судот, односно Римскиот статут, за да ги спроведе неговите налози.

„Не е на државите еднострано да ја одредуваат исправноста на правните одлуки на судот“, изјави портпаролот на судот Фади Ел-Абдалах за РСЕ.

Тој рече дека е „законска обврска кон судот“ да ги спроведат одлуките.

Овој став беше поддржан од двајца адвокати кои зборуваа за РСЕ.

„Ако г-дин Нетанјаху посети држава како Унгарија или Германија и не биде уапсен, тогаш оваа држава ги прекршува своите обврски од Римскиот статут на МКС“, рече Каи Амбос, професор по кривично и меѓународно право на германскиот универзитет Гетинген.

„Неизвршувањето на налозите за апсење на МКС го поткопува легитимитетот на судот“, рече Амбос, судија за воени злосторства во Косовскиот Специјализиран совет, меѓународен суд формиран за злосторства извршени за време на косовскиот конфликт во 1990-тите.

Тамаш Адани, вонреден професор по меѓународно право во Унгарија, се согласува со ова, но укажува за една нијанса.

„Глобално кажано, има земји каде што, секогаш кога ратификуваат меѓународен договор, тој станува дел од правото на земјата. Повеќето други земји, каде типичниот јазик на мултилатералните договори не е официјален јазик се потпираат на процес наречен прогласување за да ја направат меѓународната обврска дел од националното право“, рече тој.

Унгарија го ратификуваше Римскиот статут во 2001 година под првата влада на Виктор Орбан. Но, таа никогаш не го спроведе вториот чекор, кој во основа значи инкорпорирање на статутот во сопствениот национален правен кодекс на земјата.

„Прашањето е тешко бидејќи Унгарија е под правна обврска од перспектива на меѓународното право да го почитува ова. Но, унгарското национално право не им овозможува на властите да го сторат тоа“, објаснува Адани.

Ова размислување го користеа и унгарските власти.

„Благодарение на поранешниот претседател Јанош Адер, имаше смисла никогаш да не го направиме дел од домашното право“, рече владиниот портпарол Гергели Гуљас на 13 март.

Сепак, Адани рече дека законот не е целосно јасен во оваа точка, бидејќи Нетанјаху е обвинет за злосторства кои се сметаат за дел од меѓународното обичајно право од 1940-тите.

„Сметам дека оние делови од Римскиот статут, кои мнозинството држави ги сметаат за обичајно меѓународно право по природа, треба да се спроведуваат во Унгарија дури и без формално објавување“, рече тој.

Дали е Унгарија сама?

Гуљас посочи уште една причина поради која не е уапсен Нетанјаху.

Кога беше издаден судскиот налог, Германија понуди двосмислена реакција.

„Тешко ми е да замислам дека ќе извршиме апсења врз основа на тоа“, рече владиниот портпарол Штефен Хебестрајт, додавајќи дека мора да се разјаснат правните прашања во врска со налогот.

Потоа, во јануари, лидерот на демохристијаните Фридрих Мерц рече дека ќе најде „начини и средства“ да го покани Нетанјаху во Германија.

Партијата на Мерц последователно победи на федералните избори, а тој сега се подготвува да ја преземе функцијата иден канцелар на земјата.

Гуљас, портпаролот на унгарската влада, го искористи ова.

„Ако земја со големина и моќ на Германија мисли дека мора да го игнорира сопственото домашно право бидејќи одлуката на Меѓународниот кривичен суд е толку апсурдна, која е поентата на целата работа“?, рече тој.

Кои би биле последиците?

Коментарите на Мерц беа многу контроверзни во Германија.

Амбос рече дека може да има „санкции“ за неизвршување на налогот за апсење, наметнати од Собранието на држави членки на МКС, кое е одговорно за различни судски прашања, вклучително и избор на судии и обвинители и одредување на неговиот буџет.

„Таква ситуација штотуку се појави во врска со посетата на Владимир Путин и неприведувањето во Монголија“, додаде тој, мислејќи на посетата на рускиот претседател таму во септември 2024 година.

Путин се бара за воено злосторство за киднапирање на деца од Украина окупирана од Русија.

„Последицата за Унгарија е тоа што можеби ќе ги загубиме нашите права на глас во Собранието на државите-членки“, рече Адани, додавајќи дека може да има и „судска истрага за ваквото однесување на Унгарија“.

Политичките последици може да бидат доста ограничени.

Унгарија е веќе високо изолирана во рамките на Европската Унија, каде што беше обвинета за демократско назадување и ограничување на слободата на медиумите. Нејзините проруски позиции доведоа и до дипломатски проблеми.

„Апсолутно сум позитивен дека апсењето нема да се случи, а Нетанјаху безбедно ќе отпатува дома“, заклучува Адани.

XS
SM
MD
LG