Изминативе денови се крена, и се уште се крева, многу прашина по загадувањето на Крива Река и Тораничка Река со тешки метали. Од манган и цинк до олово и цијанид. Едни велат од лошо-полошо, други „потенки“ во извештаите и анализите. Под кренатата прашина се појавија многу прашања: Колкава е штетата? Има ли екоцид? Кој е виновен? Кој ќе одговара?
Како се почна?
Десеткратно поголемо присуство на олово, цијанид и фосфор во Крива Река што е опасно по животот на граѓаните во Крива Паланка откри на 28 март градоначаникот на Крива Паланка Сашко Митовски на вонредна прес конференција. Ова изјава беш дадена по две недели откако се случила хаварија во Рудник Тораница со кој стопанисува фирмата „Булмак 2016 ДООЕЛ“ од Пробиштип.
Локалните власти тогаш кажаа дека според проверката од акредитирана лабоараторија, за десет пати е зголемена концетрацијата на олово во реката, а за неколку стотици пати повеќе е зголемена концетрацијата на цијаниц и фосфор. Цијанидот е брзо дејствувачки отров кој може да биде смртоносен за луѓето, животните и рибите, дури и во мали количини.
Локалните власти соопштија и тоа дека дополнително загадена и почвата околу реката, што претставува дополнителна закана. Општината ќе бара кривична одговорност од компанијата што стопанисува со рудникот.
Веднаш потоа се огласи другата страна и според соопштението на компанијата Булмак 2016 ДООЕЛ“ од Пробиштип, на 14 март настанал дефект во водоводна цевка од каде истекла јамска(подземна) вода во Крива Река. Оттаму пак, велат дека благовремено и во детали преку соопштение ја известиле јавноста за ситуацијата, со потврда дека од дефектната цевка е истечена исклучиво атмосферска вода.
„Водата од цевководот за јамска вода, освен природни, механички нечистотии (ситни честички и зрна од карпести материјали) мобилизирани од поројниот тек, не содржи никакви хемиски или друг вид супстанци и материи кои се резултат на технолошкиот процес од Флотацијата на Рудник “Тораница““, се вели во нивното соопштение.
Нова прес-конференција, нови обвинувања
Водата во Крива Река е сериозно загадена и спаѓа во најлошата категорија на загадени води, неупотреблива за било која намена, соопшти градоначалникот на Крива Паланка, Митовски, на 3 април, откако Општината ги добила резултатите и од втората анализа на водата од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), а направена на барање на риболовното друштво „Мрена“. И претходната анализа од минатата недела, направена на барање на општината од страна на лабораторијата „Технолаб“, покажа загадување со тешки метали, вклучително олово и цијанид. Одговорноста за токсичната вода во и во Крива Река и во Тораничка, локалната власт ја гледа кај фирмата БУЛМАК 2016 ДООЕЛ, која стопанисува со рудникот Тораница.
Основното јавно обвинителство Куманово, како што потврдија за Радио Слободна Европа (РСЕ), веќе води предистрага и ги испитува можностите за кривична одговорност за БУЛМАК 2016 ДООЕЛ.
„Обвинителството ќе продолжи да презема дејствија во форма на соодветни наредби, насоки и вештачења за испитување на евентуална одговорност“, велат од Јавното обвинителство за Радио Слободна Европа.
Што покажале анализите?
На прес-конференцијата денеска, 3 април, презентирајќи ги резултати од Инситутот за јавно здравје (ИЈЗ), Митовски посочи дека водата спаѓа дури во петатта класа согласно уредбата за класификација што е најлоша категорија. Оловото, тврди, било присутно со 36,65 микрограми на литар во однос на максималната вредност 10 микрограми од дозволените на литар. Повикувајќи се на анализата, Митовски кажа дека присуството на манган е 188,242 микрограми наспроти дозволените 50, на цинк 113,187 микрограми наспроти дозволените 100, на кадиум 2,158, наспроти 0,1 микрограм. Матноста, презентираше градоначалникот, е 170 единици, а граничната вредност е 10. Застрашувачки резултати тој сподели и на 28 март: За неколку стотици пати е зголемена концентрацијата на цијанид, фосфор и азот во Крива Река.
На 28 март извештај објави и Државниот инспекторат за животна средина во кој не споменува загадување од цијанид, но наведува дека отпадните води од рудникот содржеле суспендирани материи, минерални масла и метали: олово, цинк, кадмиум, манган, арсен и друго и дека во водите не биле забележани мртви риби. Во првичниот извештај на инспекторатот, објавен дента кога се случи инцидентот, не е наведено какви материи содржеле отпадните води кои се излеале од рудникот во двете реки.
Компанијата „Булмак 2016“, која е сопственик на рудникот „Тораница“ ги отфрла обвинувањата дека ја загадиле водата во Крива и Тораничка река. На дел од новинарите кои вчера ги поканија во Крива Паланка им покажале анализи направени во независна лабораторија, кои, како што тврдат, покажуваат дека од рудникот се излеала техничка вода кво која немало тешки метали, а „водата во реките била заматена од порој“.
„Можеби имало некакво загадување во Крива Река, но ние сме убедени дека по добивањето на резултатите од лабораторијата и сите чекори што ги презедовме, како компанија која има највисока А интегрирана еколошка дозвола, постапивме целосно согласно законските прописи и дека причината за заматување или загадување или било каква друга последица не е компанијата Булмак, односно не е рудникот Тораница“, изјави директорот на БУЛМАК, Тони Тоневски.
Спогодба?
За инцидентот истовремено е започната спогодбена постапка во Министерството за животна средина и просторно планирање. Законот за животна средина предвидува вакви спогодбени постапки за случаи за загадување во кои се одредува глоба во зависност од големината на инцидентот. Државниот инспекторат за животна средина објавувајќи дека е започната спогодбена постапка рече дека БУЛМАК сторил прекршок од трета категорија според Законот за животна средина и дека компанијата се согласила на постапката за спогодување а дека предвидената глоба изнесува до 200.000 евра за правниот субјект и 10.000 евра за одговорното лице.
Но, ако компанијата БУЛМАК 2016 ДООЕЛ која го експлоатира рудникот Тораница, лани остварила приход од 32 милиони евра, казната од 200.000 отвора прашање дали вакви санкции навистина можат да имаат одвраќачки ефект врз големите загадувачи.
Во тој контекст, дел од еко-активистите коментираа дека ова може да биде „отровна спогодба“ за животната средина и здравјето.
Одговорност?
Поранешната В.Д. директорка на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска, која беше на функцијата во 2021 година, вели дека за голем дел од прекршоците за загадување се водат вакви спогодбени постапки, посочувајќи дека „секогаш кај нас индустријата била заштитена“ со образложението дека вработува луѓе, но и поради тоа што „повеќе или помалку тие индустрии придонесуваат во политичкиот живот.“ Таа вели дка за отворање на кривична постапка за вакви случаи потребни се докази земени „во моментот на излевањето на тие токсичните материи“ и доставени до Обвинителство и на МВР.
Министерот за животна средина, Изет Меџити, по инцидентот рече дека нема да има толеранција за загадувачите, најавувајќи засилени инспекциски контроли и целосна транспарентност.
Инспекторатот утврдил дека компанијата не составила задолжителен записник за инцидентот, ниту доставила известување до Министерството за животна средина, како што е предвидено со А-Интегрираната еколошка дозвола.