Северна Македонија бара да увезува отпад од Европската Унија, иако сè уште нема воспоставено систем за безбедно управување - и со домашен и со увезен отпад, со што ги зголемува ризиците од злоупотреби и еколошки инциденти.
Ова се дел од реакциите на еколошките организации на барањето на државата до Европската комисија да увезува 18 типови на неопасен отпад. Нивните стравувања се поради слабите капацитети на државата да прави редовни контроли врз депониите, индустриските капацитети и транспортот на отпад.
Државниот инспекторат за животна средина работи со минимален број на кадар од 18 инспектори на ниво на цела држава, а половина од општините немаат ниту еден овластен инспектор за животна средина, вели Блаже Јосифовски од граѓанското здружение „Го Грин“.
„Во вакви услови, веројатноста некои пратки отпад да поминат незабележано или депонии со увезен отпад да не бидат често проверувани е висока. Дополнително, Македонија досега немала сопствена акредитирана лабораторија за анализа на отпадот“, вели Јосифовски за Радио Слоободна Европа.
Барањето за увоз според новите правила на ЕУ
Северна Македонија на 10 февруари побарала од Европската комисија да увезува 18 типови на неопасен отпад, меѓу кои алуминиум, олово, цинк, железо, челик, калај, метали, обоени метали. Потоа отпад од железо, челик, обоени и необоени метали, како и пакување на хартија и картон, стакло, маст и масло за јадење, пакување од метал, отпад од стругање и глодање на необоени метали.
Барањето го подготвиле неколку институции: Државниот инспекторат за животна средина, Царинската управа, Министерството за економија и потоа низ владина процедура било доставено до Европската комисија, според одговорот што го добивме од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Оттаму велат дека Барањето е направено според Прилогот 8 од новата регулатива за отпад на ЕУ усвоена во април 2024 година, која воведува строги услови за увоз, извоз и транзит на отпад насочени кон земјите кои не се членки на ОЕЦД – група во која влегува и Република Северна Македонија.
„Ова е согласно новата Регулатива на ЕУ, која има за цел да се зајакне спроведувањето на законодавството во насока на спречување на илегален извоз на отпад од земјите членки на ЕУ и во трети земји, за да се осигура еколошки здраво управување со пратките на отпад во ЕУ и надвор од ЕУ и усогласувањето со новата ЕУ регулатива“, велат од МЖСПП.
Ќе го одобри ли ЕУ увозот на отпад?
Новата европска регулатива вели дека земјите кои сакаат да примаат отпад од ЕУ, меѓу другото, треба да докажат способност за еколошко и здраво управување со отпад и да имаат сеопфатна стратегија.
Потоа, треба да имаат воспоставено стабилна правна рамка за издавање дозволи, инспекции и казни за спроведување на правилата, но и да докажат дека спроведуваат правилна контрола врз транспортот на отпад и дека спречуваат загадување преку строги ограничувања.
Според сегашниот Закон за управување со отпад, државата забранува увоз на отпад кој ќе биде депониран, складиран или искористен како извор на енергија.
Дозволено е увоз на отпад кој може безбедно да се преработи или рециклира во инсталација што поседува соодветна дозвола издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Од Министерството велат дека отпадот што се увезува во земјава е за одредена индустрија која извезува производи и придонесува кон девизниот прилив, но притоа не користи фосилни горива, како јаглен или петрол кокс, туку произведува со печки за струја.
Податоците покажуваат дека во моментов во земјава најмногу се увезува отпадно железо, отпадна гума, пластична фолија и отпадни акумулатори, за што од Министерството велат дека за овие видови отпад безбедно се преработува од фирми кои поседуваат интегрирани еколошки дозволи.
„Металот се топи, не се гори или согорува, а за ова се користи електрична енергија. Важно е да се напомене дека оваа индустрија вработува околу десетици илјади лица“, велат од Министерството за животна средина.
Според податоците на МЖСПП, интегрирани еколошки дозволи за управување со отпад имаат 12 компании, меѓу нив Масктил, Цементарница УСЈЕ и скопската депонија Дрисла.
Триста и деведесет компании имаат Дозволи за транспорт на неопасен отпад, додека 290 фирми добиле Дозволи за складирање и третман на неопасен отпад.
Слаб инспекциски надзор и неказнивост
Но, постоечките слабости во инспекцискиот и мониторинг системот претставуваат сериозен предизвик, кој како што вели Јосифовски, доколку не се отстранат ќе ја поткопаат и најдобрата намера за увоз на неопасен отпад.
„Европската комисија ќе ја оценува токму оваа способност на земјата, дали има капацитет и контрола за еколошки здраво да управува со отпадот“, вели Јосифовски.
Во моментов показателите не се сјајни, додава тој: реформите во инспекцискиот систем се контроверзни, инспекторите се малку на број и преоптоварени, а корупцијата во еколошкиот сектор не е искоренета.
Државната комисија за спречување на корупцијата веќе го посочи управувањето со отпадот и спроведувањето на ингеренциите на локалната власт во животната средина како високо ризични области за корупција во периодот 2020–2024 година.
Јосифовски посочува примери за неказнивост во минатото кога биле издавани дозволи на оператори што не ги исполнувале условите, а локалните власти толерирале диви депонии и нелегално палење отпад.
Дури и кога инспекциите ќе реагираат, судските постапки ретко завршуваат со санкции, што ја потхранува културата на неказнивост и наместо интегриран систем, се случува нелегално депонирање, палење на отпад за вадење суровини, градење диви населби каде отпадот се гори за греење и сл.“, вели Јосифовски.
„Овој феномен на „климатење со глава“ пред прекршувањата често е резултат на локални политички притисоци или корупција – никој не сака да се замери со одредени интереси, па инспекциите не реагираат. Дури и кога ќе се реагира, судската завршница изостанува: случаите се одолговлекуваат или запираат. Тоа ја потхранува културата на неказнивост во областа на животната средина, која Transparency International ја идентификува како еден од клучните проблеми во регионот“, заклучува тој.