Во земјава дозволен е увоз на отпад исклучиво за преработка, забрането е увезување заради отстранување, односно депонирање и со новите измени на Законот за управување со отпад усвоени овој месец, сега е забранет увоз на отпад кој ќе се користи како алтернативно гориво, нешто што досега го правеа одредени големи индустриски капацитети.
Пред да бидат донесени измените, Законот за управување со отпад имаше две ставки, како што објаснува пратеничката на ДОМ Лилјана Поповска: едната која вели дека е дозволен увоз на отпад којшто би се користел како суровина и втората која вели дека е дозволен увоз на отпад како енергенс.
„Вторава ставка ние ја избришавме, што значи не може веќе да се увезува отпад којшто ќе се користи како енергенс. Тоа важи општо за сите земји, Македонија кон било која земја не може да увезува таков отпад“, вели за РСЕ Поповска, која беше предлагач на измените на Законот за управување со отпад донесени во Собранието на 5 февруари оваа година.
Коментарите на Поповска дека забраната за увоз важи за сите земји, е во насока на објавени наслови на медиумите дека стапува на сила забрана за увоз на отпад за согорување меѓу Северна Македонија и Бугарија, откако ова прашање било тема на разговор меѓу министрите за животна средина на Северна Македонија и Бугарија Насер Нуредини и Емил Димитров, според неодамнешните измени на законот, како што пренесе МИА на 23 февруари.
Но, бугарскиот министер Димитров беше во посета на Скопје минатата недела на 18 февруари, доколку се погледне соопштението објавено на интернет страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Во него е наведено дека Димитров изразил подготвеност за соработка меѓу двете земји во контролата на прекуграничното движење на отпадот и дека уверил оти Бугарија од своја страна ќе се заложи за спречување на влезот на пратки на РДФ отпад од Бугарија во Северна Македонија.
РФД отпадот се користи како алтернативно гориво во големата индустрија во нивните процеси на производство, како што е случај во скопска Цементаница Усје кога произведува цемент.
Според новите измени на Законот за управување со отпад, сега на компаниите им е забрането да увезат ваков отапд и да го користат како енергенс, но тие ќе можат да продолжат да користат алтернативни гориво набавено од земјава.
Димитов и Нуредини на средбата на која присуствувал и директорот на Царинската управа Ѓоко Танасовски, како што се вели во соопштението на МЖСПП, разговарале за начинот на воспоставување и отпочнување со работа на Заедничката комисија за соработка во повеќе прашања од интерес за заштита на животната средина и дека како приоритет се поставиле актуелни прашања поврзани со прекуграничната контрола на отпадот.
„Двете страни се согласија да ја продлабочат соработката во правец на зајакнување на системот на контрола на граничните премини и добра комуникација на циринските служби и одговорните институции“, се вели во соопштението на МЖСПП.
Поповска за измените на законот објаснува дека мерката е донесена ургентно и според неа треба да важи се додека државата не ги среди контролите на граничните премини, да формира државна лабораторија за контрола на отпад и да прави соодветна проверка на загадувањето на големите индустриски капацитети.
„Гледаме дека не знаеме точно што влегува и што се увезува внатре, гледаме и дека има изигрување на податоците и на самите документи пишани, а камо ли, пак, што немаме државна лабораторија којашто ќе контролира каков вид на отпад ќе влегува и трет момент, се уште немаме строга и како што треба контрола на постројките да знаеме точно на кој начин согоруваат“, вели Поповска.
Дали со новите измени ќе има намалување на загадувањето?
Од граѓанската организација „О2 Иницијатива“ сметаат дека овој закон нема да ги реши сите проблеми со загадувањето, дека нема веднаш да го прочисти воздухот, но оти поставува многу значајно скалило во обидот за воведување ред во државата и ставање на здравјето на граѓаните во прв план.
„Нема враќање назад. Животната средина и чистиот воздух ќе бидат едни од приоритетите со кои секоја сериозна политичка партија ќе мора да се соочува во иднина“, велат од „О2 Иницијатива.“
За тоа дали со новите измените на Законот за управување со отпад ќе има намалување на загадувањето, Поповска смета дека „некакво подобрување ќе има“, но дека тоа е само дел од вкупното загадување.
Според неа, индустријата е најголемиот загадувач во земјава и дека државата нема сериозна контрола за тоа со какви горива се водат процесите во индустриските постројки, но и дека исто така нема ниту контрола какви горива користат јавните објекти: училишта, болници, градинки, студентски домови. Таа вели дека треба да се направат листи на дозволени и забранети горива.
За новите измени на Законот за управување со отпад важно е да се напомене дека забраните важат само за оние кои увезуваат отпад за да го употребат како алтернативно годриво.
Радио Слободна Европа неодамна објави податоци од Министерството за животна за средина и просторно планирање кои покажуваат дека минатата 2019 година во земјва вкупно се увезени скоро два милиони тони отпад.
Падатоците се од регистарот на компании кои добиле дозволи за увоз на отпад и според нив најмногу отпад увезла компанијата Макстил од соседна Бугарија и тоа отпадно железо како нејзина основна суровина за работа. Но, компанијата железото не го користи како алтернативно гориво и затоа за неа новите забрани нема да важат.
Од друга страна, забраните за увоз на отпад како алтернативно гориво ќе важат на пример за Цементарница УСЈЕ, која според регистарот од МЖСПП има увезено 25.000 тони запалив отпад, односно смеса на горива од една грчка и од три италијански фирми.