Достапни линкови

Јосифовски - Забрана за увоз на отпад до влез во ЕУ


Јосифовски - Да се истражат сите индиции за нелагални активности во Дрисла
please wait

No media source currently available

0:00 0:12:40 0:00

Јосифовски - Да се истражат сите индиции за нелагални активности во Дрисла

Треба сериозно да се размисли за забрана за увоз на некои видови отпад. Македонија и регионот се интересни земји како локации за богатите земји да се ослободат од она што не го сакаат, вели Блаже Јосифовски од граѓанската организација „Ајде Македонија“ во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Јосифовски, деновиве актуелен е увозот на отпад во земјава и во регионот, а статистичките податоци покажуваат дека во некои години, како во 2014 година, во Македонија се увезени над 8 милиони тони отпад. Како гледате на оваа ситуација?

Мислам дека е жално што требаше да се случи таков скандал, како во Бугарија, за некои информации да станат подостапни и да се објават на јавноста. Мислам дека оваа тема долги години кај нас се задскриваше, некои не сакаа да зборуваат, а некои многу сакаат да се зборува за неа. Мислам дека овие податоци треба да не поттикнат да се направат сериозни анализи и истражувања како тој отпад тука влегува, каде завршил и на крајот со оглед на тоа дека Дрисла сега е под градот Скопје, јас мислам дека таму треба да се влезе со сериозни тимови за истражување и да се испитаат сите индиции и претпоставки за тоа дека е можно да се имаат случено некои нелегални дејствија, за еднаш засекогаш да расчистиме што навистина се случува таму и секако потребни се понатаму механизми како да се заштитиме, бидејќи очигледно овој регион, не само Македонија, туку и членки на Европската унија се интересни како локации, за ослободување на побогатите европски земји на тоа што не го сакаат.

Зошто увезуваме олку отпад, дали регулативата го овозможува тоа?

Секако, регулативата ќе ви послужи за таа намера што ја имате да ја постигнете. Моменталната регулатива им одговара на најголемите индустриски објекти кај нас коишто го користат најголем дел од отпадот што се увезува за да ги задоволат своите индустриски процеси и секако доколку ние ако се решиме дека се плашиме дека е можно таквата регулатива да овозможи влез на нешто што не би го посакувале или воопшто да го намалиме увозот на индустриски отпад којшто загадува, секако мислам дека е потребно да се смени регулативата и барем додека не влеземе во Европската унија да се средиме барем малку како земја, да станеме малку правно посигурни, мислам дека за некои идеи на граѓанските организации, но и на граѓаните, за забрана на увоз на некои видови отпад или општо целосна забрана за увоз на отпад, мислам дека треба сериозно да се размислува.

Во меѓувреме депонијата Дрисла повторно беше вратена во сопственост на Град Скопје и таа е единствена депонија во земјава што исполнува некакви стандарди, но што според вас сега треба да направи Градот за нејзина вистинска модернизација во насока на заштита на животната средина?

Мислам дека првиот чекор за средување на ситуацијата со отпадот во градот Скопје беше токму депонијата Дрисла повторно да биде под надлежност на Град Скопје, за да може да биде контролирана од нас граѓаните и сите дејствија што таму се случуваат, но и самите да одлучуваме за тоа како таа ќе се развива. За жал, а можеби и за среќа, со самиот план на италијанската компанија што претходно ја имаше депонијата под концесија, развојот на таа депонија всушност ќе поттикнеше поголемо загадување на воздухот, бидејќи содржеше изградба на согорувалници или инсинератори коишто ќе согоруваат отпад и јас не верувам многу дека испустот ќе се контролираше. Така што сега е правиот момент тој план да се смени за тоа како треба таа, како што ја викаме ние депонија, а тоа треба да биде центар за управување со ресурси што се вика Дрисла, и Градот да направи сериозни консултации со нас како граѓански активисти, со експерти во делот на отпадот, да се видат примерите на Љубљана и други европски метрополи кои тргнаа на патот кон нула отпад и покажаа неверојатни резултати, со што успеваат до 60-70 процент да го рецилираат и реупотребат, а во некои да стигнат до 15 проценти воопшто да се создава отпад.“

Гледаме дека одредени индустриски капацитети како УСЈЕ увезуваат отпад како алтернативно гориво, дали според вас земјава треба да увезува отпад, во услови кога се уште нема воспоставено соодветен систем за управување со отпад?

Алтернативните горива сè повеќе во Европската унија се оди кон тоа да се забрануваат, бидејќи со нивното согорување сериозно се создава загадување коешто не може да биде спречено. Самата цементарница нема такви филтри за да ги спречи дел од испустите кои сериозно негативно влијаат врз здравјето на граѓаните. Тука зборуваме за честички коишто негативно влијаат врз појава на рак, врз плодноста на жените, така што такви центри како цементарница толку блиску до град со такви согорувања какви што тие имаат сега, во земји од регионот како Словенија истите ги затворија. Јас сериозно мислам дека тоа што сега УСЈЕ стигна и алтернативни горива да согорува, па уште не знам дали Град Скопје престана да им носи отпад, тоа е катастрофа за нашиот град со оглед што и самата ружа на ветрот, како што ја викаат експертите, значи самото движење на воздухот, сето тоа што го согоруваат го носи директно во градот. Не може ситуацијата да биде полоша, така што со овие огромни индустриски капацитети кои ги имаме во Скопје, си создаваме сериозно загрозување врз нашето здравје и затоа не треба да чуди што дури и во летниот периоди ние имаме ситуации на загаденост кога реално немаме ниту согорување за затоплување кај граѓаните и има помало движење на возилата, посебно во крајот на јули.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG