Моменталниот Закон за управување со отпад им одговара на големите индустриски објекти кои го користат најголемот дел од отпадот што се увезува во земјава, за да ги задоволат своите индустриски процеси, вели Блаже Јосифовски – претседател на граѓанската организација „Ајде Македонија“ која долго време се занимава со решавање на проблемот со отпадот во земјава.
Според него, потребна е промена на регулативата за да се забрани увоз на некои видови отпад или да се воведе целосна забрана за увоз, со цел заштита на животната средина од загадување при соговрување на отпад.
„Секако доколку ние сме решени дека се плашиме и оти е можно таквата регулатива да овозможи влез на нешто што не би го посакувале или воопшто да го намалиме увозот на индустриски отпад којшто загадува, секако мислам дека е потребно да се смени регулативата, барем додека не влеземе во Европската унија и додека не се средиме барем малку како земја, да станеме малку правно посигурни“, вели Јосифовски во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела.
Предлог-законот за изменување на Законот за управување со отпад по скратена постапка е ставен на 130-та седница во Соранието, закажана за понеделник, но не се знае дали на неа ќе биде ставен на гласање, откако тоа не се случи ниту на седницата минатата среда.
Предлог-законот е предложен од пратениците на партијата ДОМ и со него е предвидена забрана за увоз на опасен отпад како енергенс.
Темата за увоз на отпад периодов е актуелна, бидејќи во услови на недоверба во институциите јавноста се сомнева дека има загадување на животната средина од увезен отпад кој се согорува.
Пратеничката на ДОМ Лилјана Поповска во телефонски разговор за РСЕ вели дека претседателот на Собранието Талат Џафери „едноставно“ го прескокнал Предлог-законот на седницата во средата, со образложение дека не се создадени деловнички услови за негово гласање.
„Процедурално поставив прашање зошто не се исполнети условите кога законот помина на двете комисии, на матичната и на законодавно-правната и дека сметам оти се исполнети условите и оти можеби не го информирале. На тоа тој појасни дека наводно координаторите не се согласиле да се отвори точката на дневен ред“, вели Поповска.
За увозот на отапд во земјава Радио Слободна Европа дојде до податоци дека од 2012 до 2014 година во Македонија биле увезени повеќе од 8,2 милиони тони отпад, најмногу од Бугарија од каде во земјава влегле над седум милиони и 400 илјади тони отпад, според документот кој го добивме од Државниот завод за статистика.
Се обидовме да дознаеме каков вид на отпад бил увезен и кои компании биле вклучени во увозот, но од Секторот за управување со отпад при Министерството за животна средина и просторно планирање добивме одговор дека овие податоци ги имаат во некои документи, но дека за тие години немаат подготвено регистри кои можат да ги достават на увид на јавноста.
Оттаму ни доставија регистар со фирмите кои добиле дозволи за увоз, извоз и транзит на отпад само за изминатата година и кој покажува дека во земјава се увезени скоро два милиони тони отпад.
Според истиот регистар, повторно најмногу е увезувано од Бугарија и тоа отпадно железо од страна на компанијата Макстил како нејзина основна суровина за работа, а има компании кои увезувале отпадна гума и отпадни акумулатори.
Од тие скоро два милиони, над еден ипол милони тони отпад има увезено Макстил во последнава година, главно отпадно железо, покажуваат документите на МЖСПП според кои исто така се увезени 12.500 тони акумулатори, од кои 9.500 тони се оловни.
„За овие видови отпад постојат преработувачки капацитети во земјата“ вели во одговор за РСЕ Ана Каранфилова Мазневска – раководител на секторот за управување со отпад од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).
Од граѓанската организација „О2 Иницијатива, која се залага за усвојување на законот како дел од иницијативата „Зелен Фронт“, на прескокнувањето на законот на седницата на 22 јануари, гледаат партиите пред граѓаните покажуваат „наводна“ загриженост и подготвеност за усвојување на построги мерки за контрола на опасниот отапд и намалување на загадувањето.
„А, всушност ќе направат се за овој закон да не го види светлото на денот, а тие никогаш да не мора да се изјаснат за менувањето на трасата на милионските суми кои ги контролира еко – мафијата, регионална и локална“, велат од „О2 Иницијатива.“
Во вакви услови не се знае кога предлог-законот ќе биде ставен на гласање, но Поповска вели дека очекува тој да биде донесен пред одржувањето на предвремените избори на 12 април.