Достапни линкови

УСЈЕ користи алтернативно гориво од отпад


Цементарница УСЈЕ во Скопје.
Цементарница УСЈЕ во Скопје.

Граѓани на социјалните мрежи обвинуваат дека Цементарница УСЈЕ ги труе скопјани со горење увезен опасен отпад, директорот на фабриката демантира: сликите се точни, но тоа е алтернативно гориво. Надлежното министерство потврдува дека УСЈЕ ги има сите дозволи за употреба на такви горива.

Не увезуваме отпад, туку увезуваме неколку типови на алтернативни горива кои се прават од преработка на индустриски отпад и од биолошки третиран комунален отпад, а тие се дел од нашата А – Интегрирана еколошка дозвола, вели Борис Хрисафов - генерален директор на Цементарница УСЈЕ.

„Ние ова го користиме како гориво во процесот на производство на цемент, за нашите печки кои наместо да користат фосилно гориво, користиме алтернативно гориво. Тоа е многу познато во светот, зелена енергија на некој начин, намалување на емисиите кои доаѓаат од фосилните горива“, вели за РСЕ Хрисафов.

Коментарите доаѓаат откако деновиве на социјалните мрежи граѓани споделуваат фотографии за кои велат дека покажуваат оти во Цементарница УСЈЕ се гори опасен отпад кој предизвикува високо загадување на воздухот во Скопје.

Хрисафов потврдува дека тие фотографии се од Цементарница УСЈЕ, односно дека белите бали се биолошки истретирано алтернативно гориво кое е увезено од компанијата „Деко“ од Италија, кое потоа влегува во печките за процесот за производство на цементот во фабриката. Тој додава дека пред да го употребат горивото вршат лабораториско тестирање и затоа една од балите на фотографијата била скината, за да се земе примерок и да се однесе во лабораторија.

„Тој отворениот камион што го гледате на сликите е текстил кој доаѓа од „Адиент“ од Штип, кој досега практично се депонираше во „Дрисла“. Тоа е буквално чист материјал, чист текстил, памук кој се фрлал и наместо да се фрла и да се полнат депониите, ние го преработуваме и го уништуваме на некој безбеден начин“, вели Хрисафов.

Во некои постови на социјалните мрежи се обвинува и дека во земјава се гори радиоактивен отпад кој се увезува од странство, поточно од Италија, како дел од организиран криминал на еко-мафија тежoк милиони евра. Во недостаток на доверба во институциите, шпекулациите се дека ваквиот опасен отпaд се гори на многу локации во земјава, вклучително во индустриските капацитети.

„Апсолутно најодговорно гарантирам дека не станува збор за опасен отпад, тоа може да го проверите и во Министерство за животна средина, бидејќи имаме дозвола, под надзор се врши увозот на сето тоа“, вели Хрисафов.

Прескокнување на чекори

Но, од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ велат дека, иако горењето на алтернативни горива е се почеста појава во повеќе земји, сепак тоа треба да се случува дури откако во земјата ќе се воспостави целиот систем за управување со отпад, што не е случај во Македонија.

Давор Пехчевски од „Еко-свест“ вели дека горењето на алтернативни горива на некој начин треба да биде последен чекор во хиерархијата за управување со отпад, како што е пропишано во Европската унија, односно дека приоритетни чекори секогаш се прво да се намали отпадот со рециклирање и компостирање, а потоа доколку нешто остане да се пристапи кон горење.

„Ова што кај нас се случува е нешто што често го гледаме, а тоа е прескокнување на чекори и всушност пред да се воспостави системот за управување со отпад воопшто, се издаваат дозволи за горење на отпад во големите индустрии и се доведуваме во ситуација кога наместо да се справуваме со отпадот кој веќе го имаме во државава, ние да увезуваме отпад од други земји, конкретно Италија од ЕУ и наместо да ги исполнуваме нашите цели за управување со отпад, ги исполнуваме нивните цели за управување со отпад“, вели Пехчевски.

Хрисафов објаснува дека според нивната еколошка дозвола, во процесот на работа користат алтернативни горива кои доаѓаат од преработка на индустриски отпад и биолошки отпад.

„Под индустриски отпад подразбираме остатоци од некаква си индустрија – дрвни остатоци, пластични остатоци кои се исецкани во мали парчиња и кои немаат хлораин, тоа е нешто што ни смета во процесот на производство или од шал табли од коли, од браници – таков тип на остатоци, тоа е едниот тип и тие доаѓаат во тврда состојба, а другиот тип е практично биолошки третиран комунален отпад – тоа се вика РДФ. На пример, вие фрлате ќеса со ѓубре, ѓубрето е органско, се трга на страна и биолошки се третира од специјални фабрики од коишто ние го купуваме,“ вели Хрисафов.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање за РСЕ велат дека Цементарница УСЈЕ одамна ги има обезбедено сите потребни дозволи за употреба на алтернативни горива во процесот на производство на цемент, но и дека дозволите им овозможуваат да користат алтернативни горива до 35 отсто супституција. Тоа значи дека од вкупно 100 проценти потреба за гориво во производствениот процес, Цементарница УСЈЕ може 65 проценти да употребува „петрол кокс“, а останатите 35 отсто да ги замени со алтернативни горива.

Ваква дозвола за употреба на алтернативни горива во земјава има уште и фабриката „ФЕНИ“ бидејќи само тие две има таква технологија, велат од Министерството.

„Тоа не е опасен отпад, користењето на алтернативни горива е пракса која се користи во сите цементари во светот“, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Оттаму посочуваат дека инспекторите на Државниот инспекторат за животна средина вчера направиле увид во Цементарница УСЈЕ и не утврдиле никакви недостатоци.

Индустријата е само еднен аспект на загадувањето на амбиенталниот воздух во главниот град Скопје. Во повеќе меѓународни и домашни студии е посочен проблемот со „големите загадувачи“ од индустријата, но и од неконтролираната урбанизација, сообраќајот, домаќинствта и од еколошките жешки точки кои опасни материи шират и во почвите и водите.

Сетоа тоа го нарушува здравјето на многу граѓани и предизвикува многу случаи на предвремена смрттност.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG