Достапни линкови

ЕДЕН: „Македонија и нејзината безживотна средина“


Напредокот во управувањето со животната средина на Македонија е оценет како недоволен, нема усвоено доволно ефективни закони, тие кои се усвоени не се спроведуваат и нема механизми за санкционирање на прекршувањата. Земјата нема национална стратегија за постигнување на Целите за одржлив развој. Јавноста е речиси целосно исклучена од процесите на носење одлуки.

Вака здружението за заштита на животната средина ЕДЕН го сумираше третиот извештај на Економската комисија при Обединети Нации за напредокот на државата во областа на животната средина.

„Накусо, констатирано е дека земјата исклучително бавно напредува и во донесување на потребната законска рамка и во нејзиното спроведување. Во поглед на усвојувањето и реализацијата на целите за одржлив развој не е направено речиси ништо“, истакнуваат од ЕДЕН.

Тие во нивното соопшение ги издвоија според нив најважните факти од извештајот:

1. Цели за одржлив развој: Формалната институционална рамка за координација на имплементацијата и мониторингот на Целите за одржлив развој од Агендата 2030 за одржлив развој постои, но е неактивна. Националната рамка на прописи е сѐ уште во развојна фаза. Ниту еден документ усвоен на национално ниво не ги одразува Целите за одржлив развој.

2. Правна и институционална рамка: Земјата сѐ уште не успева доследно да ги спроведува постоечките закони особено во делот на издавањето дозволи, оценувањето на напредокот во областа животна средина, управувањето со отпадот, со заштитените подрачја и бучавата.
Не постои никаква политика во која е одразено како рударството влијае врз животната средина, иако во јавноста има голема загриженост за влијанието на новите рудници.

3. Регулаторни механизми и механизми за обезбедување усогласеност: Не се применуваат релевантни најдобри практики за контрола на издадените А и Б дозволи. Законите и подзаконските акти кои се усвојуваат не се спроведуваат. Извештаите од инспекциските надзори не се јавно достапни или се застарени. Извештаите од самостојниот надзор што секоја година ги поднесуваат операторите на инсталациите не ги одобрува Државниот инспекторат за животна средина и не се вклучени во Регистарот на испуштање и пренос на загадувачки материи (РИПЗ).

4. Зазеленување на економијата: Принципот „загадувачот плаќа“ е втемелен во легислативата, но не се применува соодветно. Главниот инструмент со кој може да се влијае врз степенот на загаденост на воздухот и водите е регулатива (управување и контрола) во комбинација со најдобри достапни техники. Рамната стапка за наплата без оглед на типот на загадувачка супстанца што е интегрирана во цените на дозволите не ги поттикнува претпријатијата да преминат на почиста технологија. Недостастува ефективен финансиски поттик во форма на данок за животна средина.

5. Мониторингот на биодиверзитетот се спроведува ад хок во зависност од достапните фондови од меѓународни проекти.

ЕДЕН ги издвојуваат и демократија во област животна средина и образованието за одржлив развој, заштитата на воздухот, управување со водите, управување со отпад и хемикалии и биодиверзитет и заштитени подрачја.

„Неопходни се прави луѓе на позиции, искрени и посветени активисти. Демагозите и опортунистите на функции чијашто цел не е општото добро туку личната материјална корист нѐ донесоа до ова дереџе. Не може да го решат проблемот истите оние што го создале. Доста ни е злоупотреби, за нашите животи се работи“, заклучуваат од ЕДЕН.

XS
SM
MD
LG