Законот е предложен од партијата ДОМ, но во изминативе две недели точката иако ставена на дневен ред, не беше отворена на две собраниски седници со образложение од страна на претседателот на Собранието Талат Џафери дека не се создадени деловнички услови за негово гласање, главно поради несогласувања на координаторите на пратеничките групи.
Во најавата на протестот на социјалните мрежи на Движењето „Петоци за иднината Скопје“, активистите наведуваат дека сметаат оти партиите во Парламентот играат „дворски игри“ под превез на преговори за законот за отпад и според нив тоа е доказ дека за народните избраници чистиот воздух „е небитен кога ги загрозува профитите на големите бизниси како тој за увоз на опасен отпад.“
„Петоци за Иднината во Скопје во петок во 15 часот ќе го окупира просторот пред Собранието и од таму ќе побара средба со претседателот на законодавниот дом Талат Џафери, со цел да добие објаснувања зошто донесувањето на овој закон континуирано се одложува“, се вели во најавата на протестот на социјалните мрежи.
Зошто не се носи законот за управување со отпад?
Претседателот на Собранието Талат Џафери на вчерашен брифинг со новинарите рече дека за ова прашање одговори треба да дадат координаторите на пратеничките групи на партиите, но во однос на протестот и барањето на активистите посочи дека протест е загарантирано право на секој граѓанин според пропишаните процедури и оти секој што ќе побара „неспорно е да има средба со мене“, рече Џафери.
Радио Слободна Европа неделава побара став од координаторите на пратеничките групи на парламентарните партии, дали го поддржуваат законското решение предложено од пратениците на партијата ДОМ.
Одговор не добивме од партијата ДУИ, која е дел од владејачкото мнозинство заедно со СДСМ, додека координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески одговори дека за предлог-законот се потребни консултации за потпишаните резолуции на земјата, како што образложи, поради опасност забраната за увоз во земјава да значи и забрана за извоз на нејзиниот отпад.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека го поддржуваат законот и оти очекуваат владејачкото мнозинство „да ги надмине интеркоалициските недоразбирања“, слично како и групата на осумте независни пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, кои рекоа дека ќе го гласаат законското решение во насока на „нашите заложби“ за почиста животна средина. Против увезување на отпадни енергенси се и од опзициската партија БЕСА.
Активистката Невена Георгиевска од граѓанската организација „О2 Иницијатива“ семта дека се потребни овие законски измени кои ќе овозможат системски пристап кон решавање на проблемот со загадувањето.
„Сега имаат шанса да донесат измена на закон за увоз на отпад заради енергенс и еве гледаме како се однесуваат во однос на тоа, така што сметам дека не се способни за некои похрабри и поригорозни мерки“, вели Георгиевска.
Македонија увезла над седум милиони тони отпад од Бугарија
Скоро два милиони тони отпад се увезени во земјава со последните дозволи за увоз кои ги добиле компаниите, покажуваат податоците кои неодамна ги добивме од Секторот за управување со отпад при Министерството за животна средина и просторно планирање. Документите покажуваат дека најголема количина отпад увезла компанијата МАКСТИЛ од соседна Бугарија, односно скоро еден ипол милиони тони. Меѓу другиот увезен отпад има 12.500 тони отпадни акомулатори, од кои 9.500 тони се оловни.
„Увозот на отпад во Република Северна Македонија заради отстранување, односно депонирање како единствена постапка за отстранување на отпад, е забрането. Дозволен е увоз на отпад исклучиво за преработка. Отпадот кој се увезува е главно отпадно железо, најголем увозник е МАКСТИЛ, бидејќи за нив тоа е основна суровина, потоа отпадна гума и отпадни акомулатори и друго. За овие видови на отпад постојат преработувачки капацитети во земјата“, се вели во одговорот за РСЕ на Секторот за управување со отпад при Министерството за животна средина и просторно планирање.
За тоа колку се увезува отпад во земјава, добивме податоци и од Државниот завод за статистика кои покажуваат дека од 2012 до 2014 година во земјава биле увезани над осум милиони и 200 илјади тони отпад, од кои над седум милиони и 400 илјади тони се увезени од Бугарија. Одговор не добивме каков вид на отпад бил увезен во тој период и кои компании се вклучени во увозот.
Во предложениот текст на партијата ДОМ, меѓу другото, стои дека предлог-законот за изменување на Законот за управување со отпадот содржи член кој предвидува да се укине можноста за увоз на отпад што со одредбата од постојниот закон е дозволена и се користи како извор на енергија, за да се постигне поголема заштита на животната средина и на здравјето на луѓето.